Одржана првата работилница на македонската корисничка група за QGIS

На 16 февруари 2024 година, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје, се одржа првата работилница на Корисничка група QGIS Македонија. На настанот имаше 60-тина учесници, главно со физичко, но и онлајн присуство.

Работилницата започна со повеќе поздравни обраќања. Првин, д-р Ивица Милевски, претседател на Корисничка група за QGIS Македонија, го отвори настанот, а потоа пригодни обраќања имаа проф. д-р Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ, потоа Марко Бернасочи, од бордот на QGIS, д-р Орце Симов потпретседател на Сојузот на стопански комори, м-р Никола Рибаровски, претседателот на Комората на трговски друштва за геодетски работи и д-р Башким Идризи, во својство на претседател на GEO-SEE Институтот.

Сесијата на тематски предавања ја отвори м-р Хамидреза Остадабас од Универзитетот во Штутгарт, со презентација на апликации базирани на вештачката интелигенција во рамките на QGIS пакетот, со цел подобра анализа и визуелизација на податоците. Потоа, од страна на д-р Александар Петровски и м-р Бојана Алексова, следеше презентација на целите и активностите на корисничката група КЈу ГИС Северна Македонија (QGIS North Macedonia). За крај на оваа сесија, од страна на проф. д-р Коста Митрески и м-р Андреа Наумовски од ФИНКИ, беа презентирани некои споредби и примери на интероперабилност на софтверите ArcMap и QGIS.

Втората сесија ја започна д-р Ханс ван дер Кваст, вонреден професор за отворена наука и дигитални информации од Холандија, кој преку своја презентација ги запозна учесниците со QGIS додатокот PCRaster Tools, вредна алатка за просторно моделирање и анализи. Во натамошниот тек на работилницата, присутните имаа можност да слушнат серија студии на случаи во кои беше демонстрирана практичната примена на QGIS. Така, м-р Александар Костадинов ја објасни важноста на употреба на QGIS во социоекономските истражувања. Потоа, д-р Ивица Милевски ги нагласи можностите и придобивките од QGIS во физичката географија, а Зоран Цветковски и м-р Никола Рибаровски ја презентираа потребата од QGIS во геодетските истражувања. На крајот од работилницата, проф. д-р Башким Идризи имаше презентација за важноста од континуирано учење и професионален развој во областа на QGIS, како и можностите што во таа насока ги нуди Институтот Geo-SEE.

Работилницата беше збогатена со бројни дискусии, прашања, мислења и сугестии од учесниците, меѓу кои членови на академската фела, приватни фирми, здруженија, студенти, ученици и ГИС ентузијасти, со заеднички интерес унапредување во користењето на слободниот ГИС софтвер. Одржаната работилница беше почетен, воедно и промотивен настан на КЈу ГИС корисничката група, а наскоро ќе следуваат бројни дополнителни активности, за кои благовремено ќе има информации на веб страницата.

Во оваа прилика, особена благодарност за успешната реализација на настанот, упатуваме до проф. д-р Коста Митрески од ФИНКИ, проф. д-р Башким Идризи од GEOSEE, како и сите други членови на Управниот одбор на QGIS Македонија.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 132 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *