Чиле или според официјалниот назив Република Чиле, се наоѓа во југозападот дел на Јужна Америка. Чиле претставува држава која се простира во еден тесен појас помеѓу високите Анди на исток и Тихиот Океан на запад. Таа е изолирана со високите планини – Анди и се наоѓа во еден од најзапоставените делови на Јужна Америка. Ваквата положба условува Чиле да има стабилни границите и да остане во својата природна целина. Чиле се граничи со Перу на север (171 кm), со Боливија на североисток (860 km), со Аргентина на исток (5 308 km), додека на запад излегува на водите од Тихи Океан во должина од 6435 km.Чиле има издолжена форма во правец север-југ и тоа во должина од 4 265 km, притоа претставува тесен појас со максимална широчина од 177 km. Во овие граници, Чиле зафаќа вкупна површина од 756 102 km2 (CIA, World Factbook). Исто така, во територијата на Чиле се вбројуваат и неколку острови, меѓу кои се: Велигденските Острови (166 km2), островoт Салас и Гомез (0.15 km2), островите Хуан Фернандез (117.5 km2) и други.
Кога станува збор за релјефот, неминовно е да се спомене планинскиот масив Анди. Андите, се најмаркатна релјефна појава на територијата на Чиле. Истите ја создаваат источната граница на државата Чиле, а особено се застапени и нагласени во северниот дел од земјата, па сè до централниот дел. Највисок врв на Андите е Аконкагва (6 962m), истиот се наоѓа на границата со Аргентина. Покрај него, доста високи се врвови: Охос дел Саладо (6 880 m), Тапунгата (6 800 m), Паскар (5 990 m) и Маипо (5 290 m). Исто така, како значајна карактеристика претставуваат многубројните вулкани, потоа бројните сеизмички активности и сл.
Во северниот дел, релјефот се карактеризира со поголема височина од централниот и јужниот дел. Тука, посебна одлика е пустината Атакама која зафаќа површина од 105 000 km2. Атакама е една од најсушните и најбезводни пустини во светски рамки.
За разлика од северениот дел, јужниот дел е доста разгранет со голем број полуострови, острови, заливи, фјордови и сл. Исто така, во јужните делови на Андите се застапени мразници и езера од глацијално потекло.
Во однос на климатските карактеристики на Чиле треба да се напомене дека во оваа земја може да се стретнат неколку подтипови на клима. На северот на земјата е застапена тропска клима, односно владеат пустински услови во една од најсушните пустини во светот Атакама. Тука врнежите речиси да ги нема, се среќаваат во мали количини, пример е градот Икике со 0.5 mm годишно.
Понатаму, во средишниот дел на земјата преовладува субтропска, односно медитеранската климаи тука има значително поголемо количество на врнежи за разлика од северот (400-600 mm), а температурите се во соодветен однос на карактеристиките на медитеранската клима.
Во најголемиот дел од југот застапена е умерена океанска клима, а помал дел се карактеризира со планинска клима од алпски карактер. Ова се однесува и за источниот дел на земјата, односно за високопланинските предели на Алпите. Во поголем дел од земјата застапени се 4 (четири) сезони, односно годишни времиња, и тоа:лето (декември-февруари), есен (март-мај), зима (јуни-август) и пролет (септември-ноември).
Хидрографија. Чиле располага со бројни речни текови, но поради релјефната структура тие имаат мала должина. Истите течат кон Тихиот Океан и се богати со хидроенергија. Најдолга река е Рио Лоа на север со 440 km. Чиле има и голем број на езера, а меѓу нив најголеми се: Љанкихуе (840 km2)и Ранко (508 km2).
Биогеографски карактеристики. Северните делови, односно северните крајбрежни и централни делови се речиси сиромашни со вегетација заради климатските услови кои владеат во ова подрачје. Понатаму, во појужните делови кадешто има доволно врнежи застапени се шумите, кои покриваат околу 21% од територијата на Чиле.
Во оснос на фауната, географската поставеност на Чиле, особено големата распространетост на Тихиот Океан и високите Анди ги условиле доселувањата на поразновиден животински свет. Од цицачите може да се сретне пумата, ламата и лисицата.
Понатаму, во шумскиот регион се среќаваат неколку видови на торбари и елени. Застапени се и многу видови на мали птици, а исто така и повеќе видови на морски животински свет.
Почвите во северните делови се застапени со пустински (ермосоли) и солени почви, во средниот дел плодни почви претежно врз чакалните наноси, а на југ има подзоли и други почви.
Некои социо-географски карактеристики. Според државното уредување Чиле е Република, на чие чело се наоѓа претседателот. Претседателот на републиката се избира на 6 години и неможе да биде избран двапати по ред. Тој е претседател на владата и ги именува и менува министрите, исто така тој е врховен командант на вооружените сили и одговара за внатрешната и надворешната состојба на државата. Чиле има дводомното народно собрание, а истото е составено од пратенички дом и сенат.
Според пописот во 2012 година, во Чиле живеат 16 634 603 жители, со просечна густина на населеност од 22 ж/km2. По својот етнички состав во Чиле најголем број сочинуваат местиците (околу 65%), а исто така има и голем број на чисти белци, креолци и нови доселеници (до 30%). Домородните Америндијанци кои учествуваат со околу 5% главно ги населуваат планинските предели во внатрешноста и од нив познати се следниве групи: Араукански Индијанци (Мапуче, околу 500 000), и Кечуа на Андите, потоа Чанги во северното приморје и Фуеги на Огнена Земја. Понатаму, во висорамнината на североисток има околу 140 000 Ајмари, а на Велигденскиот Остров околу 1500 Полинезијци. Според верската припадност жителите се католици (околу 70%) и протестанти (15%, методисти, пентакосталци, евангелисти). Наталитетот изнесува 14.4%0, а морталитетот околу 7.5%0, додека природниот прираст е 6.9%0. Официјален јазик е шпанскиот, а покрај него се употребува англискиот и др. Чиле е нерамномерно населен. Пустинските подрачја на север и јужните делови се многу ретко населени (1-3 ж/km2). Повеќе од три четвртини или околу 80% од луѓето живеат во средишните делови на земјата, а 40% од нив во областа околу главниот град – Сантијаго (околу 5 милиони жители). Покрај Сантијаго, други поголеми градови се: Пуене Алто, Консепсион, Виња дел Мар, Валпараисо и други. Чиле е поделен на 15 региони и секој од нив е предводен од гувернер назначен од страна на претседателот. Регионите се поделени на провинции, со кои исто така раководат гувернери назначени од претседателот. Провинциите, пак, се делат на опшитни кои се раководени од градоначалници и совети.
Краток историографски развој. Пред доаѓањето на Европејците на територијата на денешно Чиле, на северниот брег живееле Индијанците Атаками, Дијагити и др. Кон средината на 15-от век овие народи биле покорени од Инките. Додека во централниот дел на Чиле живееле Арауканци, а на јужните делови населени биле индијанските племиња Она и Јахгани.
По освојувањето на земјата на Инките (1533 година), кон северните делови на Чиле започнуваат да навлегуваат шпанските освојувачи (колонизатори). Истите го освојуваат и остатокот од Чиле и земјата на домородните индијански племиња ја претворуваат во колонија. Чиле како Шпанска колонија опстојува сè до француско – шпанската војна кога Наполеон Бонапарта ја освоил Шпанија и го сменил кралот Фердинанд Седми (1808 година). Во тој период доселениците во Чиле ја искористиле слабоста на Шпанија и на 8.9.1810 година, составиле сопствена влада под водство на Хосе Мигуел Карера. На неговото владеење се спротивставил Бернардо О’Хигинс, син на перуанскиот поткрал од ирско потекло, Амброзио О’Хигинс, а за време на нивниот спор во Чиле навлегле шпански чети од Перу и ги протерале бунтовниците. Во 1817 година, Бернардо О’Хигинс се вратил во Чиле со војската на аргентискиот генерал Хосе де Сан Мартин, на 12.2.1818 година прогласил независна држава, а на 5.4.1818 год. ја разбил шпанската војска во битката кај реката Маипу. Од тогаш, па наваму Чиле опстојува како самостојна и независна држава.
Стопанство. По тешката стопанска криза 1981-1983 година, Чиле постигнал извонреден стопански пораст, со кој во тоа време можеле да се истакнат само т.н. азиски тигри. Истовремено се намалиле невреботеноста и населението што живее под границата на сиромаштијата. Главни причини за таквите успеси биле: многу строгото ограничување на јавната потрошувачка, планското поттикнување на дејностите насочени кон извоз и големиот прилив на странски капитал преку непосредно вложување.
Другата страна на стопанскиот подем е преголемата задолженсот во странство (2000 год, 37 милијарди USD) и преовладувачката улога на бројно скромната елита која, како и во Бразил, поседува голем дел од богатството, но и стопанска и политичка моќ.
Во остварувањето на БДП најмногу придонесува индустријата (околу 15% од работната сила и околу 20% од БДП), потоа следи земјоделството (околу 5.5% од БДП и околу 13% од работната сила), рударството (околу 7.5% од БДП). Поголемиот дел од индустријата и земјоделството е концентриран во средно Чиле, за рударството највежен е пустинскиот север, а ретко населениот југ е извор на дрвна маса и на електрична енергија.
Земјоделство. Чиле има 2.3 милиони ха ниви и трајни насади (3% од површината) и 12.9 милиони ха тревни површини и пасишта (17.1%). Најважните земјоделски области се наоѓаат во средниот дел на Долгата Долина и на наводнуваните површини покрај андските реки на пустинскиот север (умерено се наводнува 1.8 милиони ха).
За извоз се најважни овоштарството и лозарството (околу 11% од вредноста на извозот). Најважни производи се грозјето (околу 1.75 мил. t 9 во свет), јаболката, праскитe и крушите. За домашните потреби се произведуваат уште: пченица, пченка, ориз, р’ж, јачмен и компир, а застапани се и индустриските растенија: шеќерна репка, маслодајна репка, лен и тутун.
Добро развиено е сточарството, искличиво за домашни потреби, пред сè месното и млечното говедарство во јужниот дел на Долгата Долина, овчарство во сушниот северен дел на Долгата Долина и на крајниот југ и живинарство во поширока околина на Сантјаго.
Шумарство. Чиле има 15.54 милиони ха шуми (или околу 21% од површината), особено брзорастечки листопадни и зимзелени шуми на југ, истовремено во северните делови има повеќе од 1.3 милиони ха вештачки насади на еукалиптус и бор. Годишната сеча изнесува 31.7 милиони m3талпи.
Рибарство. Во Чиле се ловат околу 4.3 милиони тони риба (5–ти во свет), но повеќе од три четвртини од уловот се преработува во рибино брашно, пред сè, на пустинскиот север. Главни рибарски пристаништа се: Икике, Калдера, кокимбо, Сан Антонио и Талкахуано. На југ е раширено одгледувањето на лосос (втор најголем извозник по Норвешка), но последиците од широкопотезното одгледување риба веќе се одразуваат врз животната средина.
Рударство и енергетика. Чиле има големо рудно богатство, пред сè бакар (4.74 тони, меѓу првите во светот), потоа селен (23%), молибден (20%), злато (5%), јод (12%) и чилеански шалитра (NaNO3, 100%). Во рударството има околу 93 000 вработени, 10% од БДП и 44% од вредноста на извозот. Најважен е бакарот (4.6 мил. t., меѓе првите во светот, 34% од светското производство).35% добива Чилеанското државно друштво за бакар (Codelco) во рудниците Чуквикамата (еден од најголемите копови за бакарна руда во светот) и Ел Салвадор на север од државата, потоа Ел Тениенте во близина на Сантјаго. Преостанатиот дел е во рудниците кои се во сопственост на странски компании (Ла Ескондида, Ла Диспудате, Залдивар, Ла Канделарија).
Заедно со бакарот се добиваат: сребро (1349 t, 6-ти во светот), злато (42.7 t, Ел Индио кај Ла Серена) и арсен (800 t оксиди). Железна руда (5.52 мил. t, Алгаробал, северно од Копијапо), молибден (33 000 t), цинк (33 000 t во руда, Ел Тока) и литиум (31 000 t, 40% од светските резерви во соленото вдлабнатина Салар де Атакама).
Јагленот во мали количеста се добива јужно од Консепсион, а од Огнена Земја и од Магелановиот Премин се добиваат мали количества на нафта и природен гас (2.7 милијарди m3). Инсталираната моќност на сите електроцентрали изнесува 10 738 MW. 59% од електричната енергија се добива од ТЕЦ, 39% од ХЕЦ од домашен јаглен и од увезени течни горива. Најголема ХЕЦ е Колбун-Мачикура на реката Мауле (560 MW, во две ХЕЦ). На реките на југ сè уште неискористена водна сила, но изградбата станува сè потешка поради спротивставувањето на заштитниците на природата и на домашните Индијанци.
Индустрија. отворањето на чилеанскиот пазар за странската конкуренција, во почетокот на воената диктатура на Пиноче, многу ја погодило домашната преработувачка индустрија, но по 1984 година, постепено зајакнала и достигнала релативно стабилен пораст. Иако повеќето непосредни странски вложувања биле насочени во рударството и обоената металургија, голем бил уделот на странскиот капититал (особено од САД и од В. Британија) во преработувачката индустрија, а голем дел од долговите на странските доверители бил претворен во акции во чилеанските стопански фирми. Најмногу индустриски капацитети има во пошироката област на Сантјаго и на Консепсион, а на север се наоѓаат обоената металургија и хемиската индустрија.
Главните топилници на бакар се наоѓаат во близина на рудниците Чуквикамата, Паипота кај Копијапо, Ел Салвадор кај Чањарала, Ел Тениенте, Ла Ескондида, Квинтеро и др. Во Хуачипато, кај Талкахуано се наоѓа голема железарница. Од другите индустриски грански најважни се: прехранбената (месни производи, шеќер, преработка на риби, алкохолни и безалкохолни пијалоци), металската (Валдивија, Сантјаго, составување на автомобили во Арика), петрохемиската (рафинерии на нафта кај Талкахуано и Конкон кај Виња дел Мар), дрвната и индустријата за хартија на југот на државата (Талка, Темуко, Валдивија), преработка на неметали (Икике, Антофагаста, Талтал), текстилната индустрија и индустријата за кожа и обувки (Сантјаго, Консепсион, Валпараисо, Валдивија).
Туризам. Чиле има голем број разновидни пејзажи, од пусти плажи на океанот (Виња дел Мар и голем број на летувалишта во негова близина, Лас Такас кај Токимбо, Картахена и Алгаробо јужно од Валпараисо) до скијачки центри на андите (Портиљо, Термас де Чилан, Виларика, Пукон), од пустината на север до пространите шуми со реки и езера на југ (спортски риболов, спортови на вода, трекинг).Исто така, постојат и повеќе Национални паркови, а островите кои се вбројуваат во територијата на Чиле се доста посетени. Годишно Чиле го посетуваат околу 2 милиони туристи.
Сообраќај.
Патен сообраќај.Чиле има околу 79 814 km (19% асфалтирани патишта). Најважен е Долгиот пат (Carretera Longitudinal), дел од панамериканскиот автопат од границата со Перу до гратчето Куелон на островот Чилое (3400 km). За јужните делови на државата е многу важен Јужниот пат (Carretera Austral отворен 1996 год.), Пуерто Монт-Пуерто Јунгај (1064 km).
Железнички сообраќај. Има 6585 km железнички пруги, а растојанието меѓу шините изнесува 1676 mm и 1000 mm, од централната железничка пруга Икике-Пуерто Монт се одделуваат повеќе споредни пруги. Некогашните државни железници до 1999 година, во најголем број им се продадени на приватни сопственици, а покрај нив има и други приватни железници, на пример, Антофагастанската железница кон Салта (728 km).
Бродски сообраќај. Трговската морнарица има 47 бродови со вкупна носивост од 954 500 тони. Главни пристаништа се: Арика, Икике, Антофагаста, Валпараисо, Сан Антонио, Талкахуано, Пуерто Монт и Пунта Аренас.
Воздушен сообраќај. Во Чиле има 23 аеродроми со редовен патнички сообраќај и околу 300 помали писти за полетување. Меѓународни аеродроми се: Артуро Мерино Бенитез кај Сантјаго и Чакалуто кај Арика. Национален превозник за меѓународен сообраќај е LAN Airlines.
Литература:
Зиков М., Панов Н. (2005): Географија на Америка, скрипта, стр.: 242-244, Скопје;
Натек К., Натек М., (2006): Државите во Светот, Младинска книга, Скопје;
https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/geos/ci.html;
Подготвиле:
Трајче Лазороски и Дарко Стојчески
Оваа статија е прочитана 11100 пати!
DX