20.01.2013
Според тврдењето на експерти на ОН, бројот на метеоролошки аномалии во текот на следните децении ќе се зголемува, а ќе има и се повеќе природни стихии. Зголемувањето на ваквите временски непогоди е поврзано со промените на климата и загадувањето на атмосферата. Сличните случувања на различни континенти се дел од истиот процес, а се поврзани со промените во атмосферата и океаните. Аномалиите веќе ги изненадуваат жителите на различните континенти. Традиционално студената Русија, овој Божиќ беше нетипично топла, а тоа беше забележително во градовите во централна Русија. Од друга страна, необично силен студ ги погоди САД, а во Канада за првпат по 100 години се заледија Нијагарините водопади. Истовремено во Австралија, големите жештини го спречуваат нормалното одвивање на тенискиот Грен слем турнир – Австралија опен. Раководителот пак на климатскиот оддел при Светскиот Фонд за заштита на природата Алексеј Кокорин, укажува дека циркулацијата на воздушните маси значително се промени, па сега нивното поместување во меридијанскиот правец стана поинтензивно. Некои временски аномалии може да бидат поврзани со природните промени на климата на планетата. Сепак водечка причина е загадувањето на атмосферата и зголемувањето на ефектот на стаклена градина. Во последните 15 години, временските аномалии се двојно зголемени. Една од најголемите опасности што во иднина може да произлезат од овие промени, е недостатокот на слатка вода, а проблемот може да го почувствуваат најголем дел од државите и жителите во светот.
И на подрачјето на Македонија се забележува зачестеноста на временските аномалии. Оваа зима во досегашниот период е натпросечно топла, сува и слабо ветровита. Минатата пак, се одликуваше со значителна снежна покривка, ниски температури и неколку појави на бури. Ако се следи на подолг рок (последните 20-30 години), климата се стреми кон еден вид „рамнотежа“, па ако една зима е студена, следната може да биде доста блага. Сепак, генерално се јавува тренд на пожешки, сушни лета и поблаги зими, што всушност е во контекст на глобалното затоплување. Меѓутоа, секогаш треба да се има во предвид дека со само една поголема природна катастрофа како ерупција на супервулкан (што и не било така ретко во историјата), драстично се менува планетарната клима за следните неколку години (глобално заладување). Воедно, досегашните истражувања покажаа дека најстудените и снежни зимски периоди, обично следат неколку недели по Земјиниот перихел (околу 4-5 јануари). Затоа, не мора да значи дека оваа зима до крај ќе биде толку умерена.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5256 пати!