28.09.2016
Подрачјето на Република Македонија има такви географски карактеристики што погодуваат за честа појава на некои природни непогоди: земјотреси, поплави, порои, свлечишта и одрони, лавини, суши, топлотни (па и студени) бранови и др. До пред неколку децении, споменатите непогоди се сметаа за типично природни, односно настанати по природен пат. Сепак, во последно време се увидува дека човекот има се поголемо директно или индиректно влијание врз појава и честината на споменатите непогоди (освен земјотресите), а особено врз ризикот и последиците кои можат да настанат од одредена непогода. Токму затоа, денес во светот се повеќе се користи изразот „антропогено-природни непогоди“, „антропо-геохазарди“ и сл.
Главни фактори кои влијаат територијата на Република Македонија да е подложна на природни непогоди се: геотектонските услови (во близина на судирот на две големи континентални плочи), значителната расчленетост и наклонетост на релјефот, големите температурни амплитуди, количеството и режимот на врнежи, распоредот и густината на вегетацијата и како што спомнавме, човечкиот фактор кој на овие простори има(л) значително влијание врз природната средина. Често, влијанието на човекот е директно и локално (сечење и палење на шимите, засекување на нестабилни падини, интервенции во и покрај речни корита и др.), но се зголемуваат и индиректните притисоци преку антропогено-иницираните климатски промени.
Големината на некоја природна непогода, може да се рангира од неколку аспекти: разорноста или интензитетот на појавата, предизвиканите штети, бројот на жртви, промена и деструкција на пејсажот и др. Сепак, за повеќето од наведените елементи тешко може да се добијат реални податоци, посебно во однос на економските штети, кои можат да бидат директни, индиректни, долготрајни, субјективно проценети и сл. За некои настани, тешко може да се утврди дури и бројот на човечки жртви (како земјотресот во Валандово во 1931 година). Сепак, според сите достапни извори на информации, ќе се обидеме да направиме листа на најголемите природни непогоди, односно природни катастрофи според трите критериуми.
Според бројот на регистрираните или проценетите жртви, најголеми природни непогоди на подрачјето на Македонија, во последните 100 години се:
- Земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година, со 1070 загинати и над 4000 повредени лица;
- Земјотресот во Валандовско од 11 март 1931 година со околу 15-200 жртви и повеќе стотици повредени (големи разлики во информациите, од само неколку до над 300 жртви);
- Лавина-свлечиште во долината на Радика на 11 февруари 1956 година со 52 жртви;
- Поројна поплава во Скопско од 6 август 2016 година со 23? жртви;
- Одрон-свлечиште Градот кај Кавадарци на 5 септември 1956 година, со 11 жртви;
- Удар на гром во Берово на 29 август 1996 година, со 9 жртви и околу 50 повредени;
- Дебарски земјотрес од 30 ноември 1967 година, со 6 жртви;
- Поројна поплава во Шипковица, 3 август 2015 година, со 5 жртви;
- Топлотен бран во јули и август 2007 година* (според разни податоци, директно или во содејство со високите температури починале десетици лица).
Според сите сознанија и наши проценки, бројот на „директните“ жртви од природните непогоди на територијата на Република Македонија, во последните 100 години се движи помеѓу 1300 и 1500 (вклучително и помалите појави на порои, невреме, земјотреси и др.). Индиректно (топлотни бранови, временски екстреми, ниски температури и др.), бројката е значително повисока.
Според големината – магнитудата и опфатот на појавата на случените природни непогоди:
- Земјотресот во Валандовско од 11 март 1931 година (6,8 степени по Рихтер, почуствуван во целиот јужен дел на Балканскиот Полуостров);
- Земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година (6,1 степени по Рихтер, плитко жариште, почувствуван во цела северна и централна Македонија, како и јужниот дел на Србија и Косово);
- Поплавата во ноември 1979 година (горно сливно подрачје на Вардар со Пена, Лепенец и Пчиња);
- Поплавата од 1962 година (горен и централен дел на сливот на Вардар);
- Поллавата од 23 август 1929 година (горно сливно подрачје на Вардар со Пена, Лепенец и Пчиња);
- Топлотниот бран од август 2007 година (со рекордни температури во речиси сите градови, најтопол бран забележан откако се вршат инструментални мерења во Македонија);
Иако е вон поставената временска рамка, веројатно најсилен земјотрес на овој простор е земјотресот од 4 април 1904 година со хипоцентар помеѓу Пехчево и Кресна (7,8 степени по Рихтер), кој се почувствувал речиси на целиот Балкан, а имало жртви дури во Солун, Врање и др.
Според проценетите или утврдени штети (проценки и информации од разни извори, во денешна вредност):
- Земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година (2-5 милијарди долари);
- Поплавата во 1962 година (100-300 милиони долари);
- Поројна поплава во Скопско од 6 август 2016 година (50-100 милиони долари);
- Поплавите во ноември 1979 година (50-80 милиони долари);
- Земјотресот во Валандовско од 11 март 1931 година (30-75 милиони долари);
- Поплавите кон крајот на зимата и почетокот на пролетта во 2010 година (30-60 милиони долари);
- Поллавата од 23 август 1929 година во горното сливно подрачје на Вардар со Пена, Лепенец и Пчиња (околу 40-70 милиони долари);
- Топлотниот бран во летото 2007 година, заедно со шумските пожари (50-75 милиони долари, од тоа само штета од шумски пожари околу 30 милиони долари).
Овде треба да се споменат и огромните штети од сушите во 1985, 1990, 1993, 2000, 2007 и други години, кои достигнуваат повеќе десетици милиони долари. Исто така, огромни директни и индиректни штети има од претераната ерозија во повеќе делови на Република Македонија. Според сите досегашни информации, во последните 100 години, директните штети од природните непогоди изнесуваат околу 8-10 милијарди долари, а индиректните веројатно се неколкукратно поголеми.
Треба да се нагласи дека според сите прогнози и анализи од Европската Агенција за животна средина (ЕЕА), бројот на природните непогоди и катастрофи во Република Македонија ќе се зголемува, а и штетите од нив. Тоа посебно се однесува на непогодите поврзани со климатските промени: поплави, суши, топлотни бранови, шумски пожари, свлечишта, одрони и др. Имено, најновите анализи укажуваат дека од една страна просечните и максималните температури, како и температурните амплитуди имаат тенденција на пораст, а од друга страна врнежите стануваат изразито временски и просторно нерамномерни. Заради сето наведено, неопходно е да се изработи катастар на подрачја во Република Македонија загрозени со природни непогоди, да се направат нови согледувања, препораки, начини на превенција и адаптација. Поинаку, во иднина ќе бидеме сведоци на драстично зголемување на штетите, па и човечките жртви од антропо-природните непогоди.
Овде се изнесени нашите досегашни сознанија. Доколку имате дополнителни информации за природните непогоди во Македонија во последните 100 години, ве молиме да не контактирате или дополните.
Извори: бројни списанија, трудови, архивски материјали и др.
Подготвил: д-р Ивица Милевски