Дали се зголемува зачестеноста на земјотресите во светот?

24.09.2017

Во изминатите години бевме сведоци на поголем број силни земјотреси кои се случија во различни делови на светот. Посебно разорни беа земјотресите во Мексико, Непал, Хаити, Јапонија, Италија, Чиле и други подрачја. Во Македонија пак, имаше појава на два умерени земјотреси (земјотресни серии) и тоа минатата година во Скопје и оваа година во Охрид. Всушност, на неколку дена ќе чуеме од медиумите за некој земјотрес на Балканскиот Полуостров, во Европа или пак подалеку. По последните земјотреси кај нас (Скопје и Охрид), кои внесоа страв и паника кај населението во погодените места, се постави прашањето дали земјотресите во последно време зечестуваат или не. Одговорот на ова прашање може да се добие од статистичките податоци на релевантните светски институции.

Така, според податоците на Американскиот геолошки завод (USGS), за периодот 1900-2015 година, бројот на земјотреси над 5М навистина бележи статистички пораст. Така, во периодот помеѓу 1900 и средината на минатиот век, просечниот годишен број на вакви земјотреси изнесувал околу 900. Во периодот пак, некаде помеѓу 1960-тите и 2015 година, годишниот просек изнесува околу 1000 земјотреси. Според реномирани сеизмолози, овој пораст не значи некаков глобален и перманентен тренд, туку веројатно само кратковремена варијација. Имено, во геолошка смисла период од 50, 100, па и 500 години е многу краток, а вистински промени на интензитетот на геолошката активност обично се случуваат во тек на стотици илјади па и милиони години. Уште пологично објаснување за зголемениот број на регистрирани земјотреси е се пософистицираната опременост и подобрата глобална мрежа на сеизмолошки центри во последните децении. Исто така, во последните десетина години има бројни апликации кои речиси во реално време покажуваат појава на некој земјотрес на било кое место во светот, а тоа обично го пренесуваат и медиумите со снимки од разрушените области. Затоа се добива впечаток дека бројот на земјотресите се зголемува.

Ако се земат во предвид пак земјотресите кои имаат магнитуда поголема од 7,5 степени, се добива обратен тренд, односно тренд на стагнација па и намалување на вкупниот број од просечни 10-тина, на околу 8-9 земјотреси годишно. Инаку, бројот на разорни земјотреси над 8М е околу еден годишно, а над 7М просечно околу 18 во текот на годината. Бројот пак на умерени земјотреси со магнитуда помеѓу 5М и 6М (какви што беа во Скопје и Охрид), на глобално ниво се движи околу 800 годишно.

Една од најстрашните последици од земјотресите се човечките жртви, секако доколку се јават во населени области (многу силни земјотреси остануваат „незабележани“ бидејќи се јавуваат во ненаселен простор, во пустини, подводни и сл.). Така, без оглед на регистрираниот „пораст“ на бројот на земјотресите, бројот на жртвите од земјотреси останува речиси непроменет. Важно е да се напомене дека развиените држави засегнати од посилни земјотреси, се повеќе користат квалитетна асеизмичка градба, со што бројот на жртвите и материјалните штети се сведуваат на минимум. Така, во Јапонија во 60-те силни земјотреси од 1900 година до денес, загинале 165.681 жители, додека на Хаити, само при земјотресот во 2010 година загинаа 316.000 луѓе. Споменатото покажува колку е значајна асеизмичката градба (но и одржување на објектите без нарушување на нивната статика) за намалување на последиците од земјотресите.

Извор: www.earthquakes.bgs.ac.uk/research/earthquakeActivity.html

Подготвил: д-р Ивица Милевски

One thought on “Дали се зголемува зачестеноста на земјотресите во светот?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *