Дали некогаш ќе може да се предвиди земјотрес?

Трагедијата што се случи во југоисточна Турција и северна Сирија покажува колку неочекувано може да се појават земјотресите. Токму затоа, истражувачите бараат начини да ги забележат најраните предупредувачки знаци на овие непредвидливи природни непогоди.

Двата разорни земјотреси што ги погодија југоисточна Турција и северна Сирија однесоа илјадници животи и оставија многумина повредени или без дом. Во раните утрински часови на 6 февруари, 2023 година, повеќето од жртвите спиеле кога првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ги урна нивните домови. Само неколку часа подоцна, се случи вториот мошне силен земјотрес од 7,5 степени. Релативната плиткост на двата потреси значело дека интензитетот на тресењето бил особено силен. Вака силни „главни“ земјотреси, на сосема кратко временско растојание, проследени со бројни т.н. афтершокови, биле голема отежнувачка околност за спасувачките акции, но и за преживеаните во регионот. Поради наведеното, но и бројни други фактори (вклучувајќи и човечки), бројот на жртвите од овој земјотрес надмина 50,000, со што стана меѓу најразорните во 21-виот век.

Токму поради тоа, додека светот обезбедува помош за жителите на погодените области во Турција и Сирија, некои си го поставуваат прашањето зошто не може да се предвиди оваа природна катастрофа?

Раседниот систем на Источна Анадолија каде што се случија земјотресите е дел од „тројното тектонско спојување“ каде што три тектонски плочи (Анадолиската, Арабиската и Африканската) се судираат една со друга. Од 1970 година до денес, само три земјотреси со јачина од 6 или повеќе го погодија регионот. На пример, во Турција и Сирија, имало многу фактори кои значеле дека зградите не биле во состојба да ги издржат земјотресите. Во голем дел од западниот свет постојат кодови за сеизмичко засилување кои биле имплементирани во 1970-тите и 1980-тите. Но, изградбата и доградбата на зградите чини многу. Како добар пример е Јапонија, која исто така лежи во мошне силно сеизмичко подрачје, со често силни земјотреси и градбите, односно јапонските облакодери се изградени за да преживеат земјотреси.

Kарта на движење на копното во Турција и Сирија. Извор: Copernicus data, ESA, Comet 2023

За волја на вистината, науката за предвидување на земјотреси е особено сложена. Иако најчесто, минута до две пред силен земјотрес, има сеизмички сигнали кои можат да бидат предупредувачки, сепак тоа време е прекратко. Давањето на подолгорочни прогнози пак, сеуште е многу голем предизвик и на граница на „нагаѓање“.

Геолозите и сеизмолозите се обидуваат да користат современи научни методи за предвидување земјотреси барем од 1960-тите, но со недоволен успех. Голем дел од причините за тоа е сложеноста на раседните системи кои се наоѓаат во внатрешноста на Земјата. Исто така, сеизмичкиот шум (од сообраќајот, градежните работи, секојдневниот живот итн.) го отежнува издвојувањето на јасни сигнали.

Според Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави, за предвидување на земјотрес, потребни се три работи: локацијата – каде ќе се случи, времето – кога ќе се случи и јачината – колку ќе биде силен земјотресот. За жал, до сега никој не успеал да најде начин како прецизно да се утврдат трите работи. Наместо тоа, геолозите и сеизмолозите можат да помогнат во одреден степен на асеизмичко градење, односно подобрување на стандардите за градење во областите кои се најзагрозени. Покрај сеизмичките сигнали, истражувачите бараат други индикации – од однесувањето на животните, до електричните пореметувања во горниот дел од атмосферата на Земјата.

Од неодамна, почнаа да се тестираат способностите на вештачката интелигенција да детектира вид на суптилни сигнали што луѓето ги пропуштаат. Алгоритмите за машинско учење, можат да анализираат огромни количини на податоци од минатите земјотреси, за да бараат информации што би можеле да се користат за предвидување на идните настани. Во тој поглед, акцент е ставен на еластичните бранови кои патуваат низ раседот додека истиот се крши малку по малку. Од друга страна, научниците од Кина бараат слаби промени во наелектризираните честички во јоносферата на Земјата во деновите пред земјотресите. Слично на тоа, група Израелски истражувачи покажа начин за предвидување на силни земјотреси до 48 часа претходно со 83 % точност (главно со регистрирање на промените во содржината на електрони во јоносферата во последните 20 години).

Земјотресите што ја погодија Калифорнија во 2019 година. Извор: Mario Tama

Кина е особено надежна кога станува збор за сеизмички истражувања. Така, во 2018 година, таа го лансираше кинескиот сеизмо-електромагнетен сателит (CSES) за следење на електрични аномалии во јоносферата на Земјата. Минатата (2022) година, научниците од Центарот на Кинеската мрежа за земјотреси во Пекинг, укажаа дека откриле падови на густината на електроните во јоносферата и тоа до 15 дена пред појава на земјотресите што го погодија кинеското копно во мај 2021 година и јануари 2022 година. Меѓутоа, поврзаноста на двете појави сеуште не е расветлена, а со тоа и несигурна.

Истражувачите од Универзитетот Тохоку и Универзитетот Ренмин од Кина развиваат алатки кои користат вештачка интелигенција и сателитски снимки за да ја класифицираат штетата предизвикана од природните катастрофи, така што владите и спасувачките тимови можат да бидат испратени таму каде што се најпотребни.

Јапонија има малку поинакви видувања за можното предвидување на земјторесите. Така, некои истражувачи тврдат дека за предвидување, можат да ги користат промените во концентрацијата на водената пареа над зоните на идниот земјотрес. Тестовите сугерираат дека овие предвидувања имаат 70% точност. Други се обидуваат да користат слаби гравитациски промени и аномалииво внатрешноста на Земјата, што може да се појават пред земјотрес. Но, и покрај сите овие тврдења, никој не може успешно да предвиди каде и кога ќе се случи земјотрес.

Истражувачите од Универзитетот Харвард, на пример, применуваат форма на машинско учење (вештачка интелигенција), за да ги проучуваат моделите на последователни потреси со надеж дека истите може да се предвидат. Исто така, постојат надежи дека алгоритмите за машинско учење би можеле да помогнат за безбедност на спасувачите и преживеаните од земјотресите, со тоа што ќе помогнат подобро да се предвидат последователните потреси (афтершокови) што следат по голем земјотрес.

Севкупно земено, многу истражувачи и научни експерти во областа на геологијата и сеизмологијата се трудат да најдат метод или начин како може да се предвиди времето и локацијата на појава на некој разорен земјотрес како што беше оној во Турција и Сирија. Сепак, засега тоа е мошне тешко или речиси невозможно.

Извор: www.bbc.com/future/article/20230213-the-uncertain-science-of-predicting-earthquakes

Подготвиле: Бојана Алексова & проф. д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *