Од 6.2.2023 година, на телеметриската мрежа на сеизмолошките станици на територијата на Македонија која ја одржува Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје започна регистрирање на стотици земјотреси чии епицентри припаѓаат на граничното подрачјето помеѓу југоисточниот дел на Турција и Сирија [1]. Југоисточниот дел на Турција, во кој егзистира Источно-Анадолската сеизмогена зона, се одликува со висока сеизмичка активност досега низ историјата, потврдена со повеќето силни земјотреси чии магнитуди надминуваат високи седум.
Серијата на тектонските земјотреси, која сеуште трае, започна утрината на 6 февруари 2023 година. Двата главни земјотреса се случија истиот ден во 4h и 17min и 13h и 24min со локални магнитуди ML7.8 и ML7.5 (класа на многу силни земјотреси). Според големината на магнитудите, земјотресите се во групата на земјотреси кои произведуваат големо количество на ослободена енергија, очекуван голем број на последователни земјотреси но и очекувани матерјални штети. Најстрашната последица од земјотресите и покрај илјадниците срушени објекти е големиот број на човечки жртви и многу повредени.
Причините за настанувањето на земјотресите се резултат на комплексниот мозаик на тектонските плочи, кои произведуваат напрегања во северен правец (Арабиска и Африканска плоча) и во западен правец (Евроазиска плоча) предизвикувајќи движење на Анадолската микро плоча во насока кон запад со ротација спротивно од движењето на стрелките на часовникот Слика 1, [2]. Напрегањата се пренесуваат во внатрешноста на плочата причинувајќи динамички релативни поместувања на блоковите на веќе раздробените стени именувани како раседни дислокации или раседи.
Слика 1. Тектонски напрегања на Источен Медитеран (www.barrons.com/news/tectonic-plates-in-turkey-01675860310)
Просторната дистрибуција на епицентрите како и нивните решенија за механизмот на жариштето, укажува на активноста на Источно-Анадолскиот расед. Раседот е дел од Источно-Анадолската сеизмогена зона и се одликува со висока сеизмичка активност, па заедно со мноштво од останатите сеизмички активни раседни дислокации, ја дефинираат сеизмичноста на зоната. На Слика 2 е дадена, просторно-временската дистрибуција на лоцираните земјотреси (епицентрални карти) за период 1-8 февруари 2023 година:
- за целата територија на Република Турција (Слика 2а), магнитуден интервал 2.0≤ML≤8.0,
- за Источно-Анадолската зона (Слика 2б).
Слика 2. Епицентрални карти на територијата на Р. Турција и Источно-Анадолската зона за период од 1 до 8 февруари 2023 година, Сеизмолошка опсерваторија Скопје.
Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија, но и според податоците од другите сеизмолошки центри, анализата на последователната сеизмичка активност од двата силни земјотреси, укажува на формирање на две сеизмички активни подрачја во кои доминираат земјотреси во интервал 2.0≤ML≤6.0. Новоформираното сеизмичко активно подрачје се протега западно од Источно-Анадолскиот расед, како резултат на активноста на раседите кои припаѓаат во оваа зона, Слика 3б (просторната дистрибуција на епицентрите на земјотресите е околу раседите, Çardak fault и Sürgü fault).
Според решенијата на механизмите на жариштата на двата главни земјотреси со соодветни магнитуди ML7.8 и ML7.5 се покажува активирање на нормален расед, односно, активирање на лево латерален расед што значи подвижното крило на раседот паднало надолу и се поместило или лизнало на лево. Хипоцентралните длабочини на двата силни земјотреса се на околу 20km, во горните слоеви на Земјината кора, што укажува на релативно плитки земјотреси кои речиси цела своја енергија во вид на сеизмички бранови, ја ослободиле на површината на Земјата формирајќи нејзино бранување.
Користена литература:
[1]. СО, Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Неделни билтени на земјотресите во Република Северна Македонија и далечните подрачја за втора недела во месец февруари 2023 година, Фонд на Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
[2]. Sezim., E., G., Active seismotectonic of the East Anatolian fault, Geophysical Journal International, DOI: 10.1093/gji/ggac045/6522179, February 2022.
Автор: Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математички факултет во Скопје
Оваа статија е прочитана 416 пати!