Терминот „мегалитска опсерваторија“, кој во последно време често се користи кај нас е релативно нејасен, непрецизен и недоволно дефиниран израз. На интернет, но и во разни енциклопедии ретко ќе се најде концизно објаснување за тоа што точно претставува мегалитска опсерваторија. Сепак, станува збор за комбинација од два збора: мегалит и опсерваторија, со чие објаснување се стекнува појасна претстава и за поимот мегалитска опсерваторија.
Според повеќе светски енциклопедии, мегалит е голем камен блок кој се користи за изградба на некаква структура или споменик, сам или заедно со други камени блокови. Изразот „мегалитски“ се однесува на структури направени од такви големи камени блокови, со користење на систем на испреплетување, без употреба на малтер или цемент. Зборот мегалит доаѓа од старогрчкиот μέγας-megas што значи голем и λίθος-lithos што значи камен. Мегалит исто така означува објект кој се состои од камени блокови изделкани во определени форми заради посебни намени. Обично, зборот мегалит се користи за да се опишат објекти изградени од луѓе, во разни делови на светот, кои живееле во различни временски периоди. Изградбата на овие структури се одвивала главно во времето на неолитот (иако се познати и примери од порано, односно од мезолит) и продолжуваат во бронзеното доба . Кога ќе се каже дека нешто е мегалитско, на пример гроб, опсерваторија и слично, се подразбира дека е направено од прилично големи камења кои се употребени како основа за некаква структура или споменик. Ги има несекаде во светот, некои се лоцирани долж Медитеранот, концентрирани во Западна Европа, или само во Англија. Сите тие архитектонски праисториски споменици во суштина имаат свои составни елементи, а меѓу најпознатите од нив е Стоунхенџ.
Според истите енциклопедии (Википедија, Британика и др.), опсерваторија претставува локација која се користи за набљудување на земните и / или небесните настани. Така има астрономски, климатолошки / метеоролошки, геолошки, океанографски и вулканолошки опсерватории. Историски гледано, во минатото имало многу едноставни опсерватории кои од опрема имале само астрономски секстант (за мерење на аголното растојание помеѓу ѕвездите), па се до најмодерните опсерватории кои имаат софистицирана електронска опрема.
Произлегува дека под терминот мегалитска опсерваторија треба да се подразбере стара градба од големи камени блокови, поставени на погодна локација, кои служеле (или можеби сеуште служат) за набљудување на дневното и ноќното небото и небесните појави. Мегалитска опсерваторија треба да се разликува од стара астрономска опсерваторија (Ancient observatory), опсерваторија на карпа или во карпа (Stone observatory) и други слични термини.
Заради таквите нејасни одредници, без оглед на децениските истражувања на овој феномен, сеуште не е потполно дефинирано ниту дали најстарата мегалитска градба Стоунхенџ претставува мегалитска опсерваторија или само мегалитска градба. Проблем покрај другото е и тоа што Сонцето, ѕвездите и сите небесни тела пред 2000, 3000, 5000 или повеќе години имале значително поинаква положба во однос на денешната (ефект на прецесија, нутација, промена на поларните висини и др.). Кај некои култури тоа одамна било познато и затоа наместо со мегалити се служеле едноставно со истакнати природни објекти на хоризонтот.
Подготвил: д-р Ивица Милевски