21.11.2011.
Локалитетот Ѓаволски Ѕид се наоѓа на 2 km јужно-југоисточно од врвот на Богословец и околу 250 m северно од реката Брегалница, односно на нејзината десна долинска страна, на надморска височина од околу 250 m. Месноста каде се наоѓа појавата Ѓаволски Ѕид е релативно слабо пристапна. Со теренско возило подобра пристапност е можна од два правци. Едниот е преку макадамскиот пат што води од железничка станица Овче Поле до с. Богословец, во должина од 5.5 km. Потоа по патека пеш се оди помеѓу Св. Јовански Рид (775 m) од десната (северна) и Тиски Врв (747 m) од левата (јужна) страна, во југозападен правец во должина од 5 km. Овој пат е потежок за поминување, особено последните неколку стотици метри. Втор начин како да се дојде до месноста е преку макадамскиот пат кој тргнува близу железничката станица Овче Поле, поминува покрај с. Делисинци и раселеното село Аџибегово и води покрај Светиниколска Река. По должина т.е. поминат пат од 7 km и околу 1 km пред вливот во Брегалница, се тргнува кон исток по слабо проодни патеки и по околу 2.5 km се стигнува до Ѓаволски Ѕид.
Името Ѓаволски Ѕид (кое е резултат на различни мистични толкувања) всушност се однесува на појавата на карпести изданоци т.е. карпести ленти од еоцени варовници кои јасно се забележливи во релјефот, а се протегаат во правец исток-запад-северозапад, во должина од неколку стотици метри. Појавата започнува од југозападното подножје на Тиски Врв (747 m), кај месноста Грлиште, потоа продолжува околу 260 m кон запад до месноста Плавиште и свртува кон северозапад, т.е. го следи западното подножје на Богословец. Сепак, карпестите формации најдобро се изразени од двете страни на долот (Грлишки дол) кој завршува во Брегалница. На источната страна од долот, „ѕидот“ е долг околу 100 m, при што на средината (на водоразделот) речиси целосно е еродиран до подлогата. Височината доста му варира во зависност од сочуваноста или еродираноста и во просек изнесува околу 2-5 m, а максимално до 11 m. Широчината е доста воедначена, со тоа што сепак поради селективната ерозија варира од 2.5 m до помалку од 1 m. На места каде се јавуваат поцврсти карпи, од „ѕидот“ штрчат остенци или `ртови со интересна форма исто така резултат на различниот ефект на ерозија врз карпи со нееднаква отпорност.
Појави на вертикални слоеви и жици од поцврсти карпи кои заостануваат во релјефот има на многу локалности во Република Македонија. Сепак, овде карпестата лента од еоцени варовници има значителни димензии и интересна морфологија (на испресечени блокови, остенци, порти) и по тоа претставува раритетна појава. Заради тоа треба да биде соодветно заштитена и промовирана, бидејќи е многу подложна („ранлива“) на несоодветни антропогени влијанија. Сепак, треба да се води сметка да не се преземаат зафати на самата локалност, но и пошироката околина со кои ќе се наруши природниот амбиент и динамиката на геоморфолошките процеси.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 15275 пати!