23.01.2012
Манговица е ниска (862 м) и издолжена (23 км) планина помеѓу Овче Поле на запад и Пробиштипско-злетовскиот басен на исток. Оваа планина е составена главно од многу стари карпи, а само на неколку места во северниот дел има помлади вулкански карпи, кои очигледно се во врска со некогашните околни вулкани. Планината има релативно едноставен и едноличен релјеф, освен на неколку места на западната страна, во сливот на реката Мавровица, каде има појави на карпести или таканаречени денудациски форми. Во областа, денудациските форми најмногу се застапени околу месноста (ридот) Гложје (655 m), потоа кај врвовите Манговица (741 m), Голем Осој (734 m) и други. Некаде овие форми се јавуваат во поголеми групации, а често и како издвоени-поединечни форми. До овој интересен простор се стигнува преку асфалтните патишта кои од регионалниот пат Куманово-Св. Николе се исклучуваат кон селата Долно Ѓуѓанце и Орел. Потоа, кон внатрешноста се оди пеш по соодветни патеки се до ридот Гложје. Оддалеченоста од Св. Николе е околу 12 км од кои околу 8 км асфалтен пат, но и покрај тоа овој интересен простор е сосема малку познат меѓу населението.
Месноста Гложје и истоимениот врв, се наоѓаат на десната долинска страна на Мавровица (Киселица), околу 3,5 км спротиводно до с. Орел и околу 2,5 км источно од с. Долно Ѓуѓанци. Кај Гложје се констатирани две локалности со поинтересни појави на денудациони форми. Првата локалност е на југоисточната страна од ридот (41°57′ 54″N, 21°59’21″E), на надморска височина од 560-600 м, односно на 60 м до 100 м над речното корито. Овде, на должина од околу 300 м се издвојуваат дваесетина остенци со столбест, печуркаст, купест и главичест изглед. Формите не се многу големи, така што нивната височина е околу 1-2 м, а најмногу до 5 м. Изгледот доста им варира, што е последица на локалните литолошки, микрорелјефни и микроклиматски разлики. Различниот интензитет на селективна ерозија, условил некои форми да изгледаат доста интересно, потсетувајќи на човечки, животински фигури, предмети, кули и сл. Обично поцврстите делови на остенците и главичестите форми се изградени од андезитски, игнимбритски карпи (блокови) или бречи, а подножјето и понеотпорниот дел од бречи и туфови. Распаднатиот пак материјал се натрупува во непосредна близина или долж падината. Покарактеристични форми овде се: остенокот во вид на пехар, печурката, остенокот во вид на куче и др.
Втората локалност со карпести форми е на околу 400 m југозападно од претходната, односно на јужното подножје на ридот Гложје, над речното корито на Киселица (Мавровица). Овде, на десната долинска страна, во должина од околу 250 m, се јавуваат оголени карпи, остенци и неколку главичести форми во вид на земјени пирамиди. Остенците и земјените пирамиди се со мали димензии, така што ретко надминуваат височина од 1 м. Причина за настанување на формите на оваа локалност, покрај геолошкиот состав е дирекната јужна експонираност со големите дневни температурни амплитуди и силното плакнење што го вршат транзитните води од врнежите. Крупни камени блокови, распаднат материјал и помали карпести форми се среќаваат на источната и северната страна на ридот Гложје и по долината на Строиманска Река-лева притока на Мавровица. Кај месноста Банев Рид (источно од с. Долно Ѓуѓанце), камените блокови и изданоци како печурки го прекриваат теренот. На западната страна пак на ридот Гложје, забележана е голема карпеста форма во вид на птица, чија височина изнесува околу 3,5 м.
Освен кај месноста Гложје, карпести форми се забележани и околу врвот Манговица (741 m), односно на неговите јужни страни кај селото Макреш. Овде почвата е целосно однесена, растителниот свет многу сиромашен, а подлогата е покриена со распаднат материјал или е претворена во ерозивни плочници. Во овој дел има огромен број на карпести изданоци, хумки и блокови по подлогата. Самиот врв е изграден од цврста андезитска капа и се истакнува во релјефот, што укажува на неговиот палеовулкански карактер. На ридовите Голем Осој (734 m) и Бабин Град (639 m), кои се на спротивната (јужна) страна од ридот Гложје, карпести форми се застапени во повисоките присојни делови. Покрај остенци и купишта од камени блокови, забележан е голем карпест блок „висибаба“ со височина од 4 m. На хоризонталните карпести површини се констатирани и мали вдлабнати денудациони форми во вид на чашки и стапалки.
Покрај ваквите камени форми, интересно е и самото корито на Мавровица со повеќе мали водопади и природни базени под нив, од кои еден е длабок околу 2 метри. Всушност целиот овој простор кој е ретко посетуван, делува примамливо за авантуристите кои можат да уживаат во глетките кон некогашните вулкани, длабоката речиси кањонеста долина на Мавровица или како уште се нарекува Орелска Река и на одредени места уникатниот растителен и животински свет.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 9684 пати!