17.12.2014
Езерото Калиманци е вештачка акумулација на реката Брегалница во Очипалско-Истибањската Клисура и претставува најголемо езеро во источниот дел на Македонија. Езерото е долго 14 км, широко 0.3 км, а максималната длабочина достигнува до 80 метри. Зафаќа површина од 4,23 км кв. и акумулира 127 милиони метри кубни вода. Езерото Калиманци е специфично по големата брегова разгранетост. Вкупната должина на бреговата линија му изнесува 40,5 км (при просечен водостој), или подолго од бреговата линија на Дојранското Езеро. Има неколку заливи и полуострови, еден остров – Калата (1,5 ха) и еден микро-остров кај с. Тодоровци (0,2 ха). Најголем залив е Каменичкиот, вовлечен дури 3 км кон градот Македонска Каменица, потоа Луковичкиот и Рибничкиот залив (0,8 км). Калиманското Езеро настанало со преградување на долината на Брегалница преку изградба на брана во 1969 година. Браната е камено-насипна со глинено јадро, висока 92 м (меѓу највисоките во нашата држава), а долга 240 м. Основната намена на езерото е наводнување на околу 28.000 ха, главно површини под ориз во Кочанската Котлина, но и на дел од обработливите површини во Овче Поле. Вишокот вода се користи за производство на електрична енергија преку изградената мала хидроцентрала со инсталирана моќ од 13,8 MW. Калиманско Езеро со својата положба, разгранетост и околната природа е многу атрактивно. Лоцирано на судирот на потоплата клима од запад и постудената од исток, езерото има поволна клима. Во текот на летото температурата на езерската вода се искачува над 20°С и е погодна за капење, посебно на места кои одговараат за плажи. Езерото е богато и со риба: крап, клен, шаран, сом, скобуст, црвеноперка и др., што нуди одлични услови за спортски риболов. Долж брегот на езерото, па и во самото езеро има повеќе археолошки локалитети. Така кај селото Дулица (месност Бегов Даб) е откриена голема базилика од V век со многу материјали (керамика, колони, капитоли). Исто така, во с. Илиово кај месноста Црквиште се откриени предмети и остатоци од античка градба, на која потоа била изградена и постоела еднобродна црква со гробови од крајот на XIV или почетокот на XV век.
Инаку Калата е единствениот остров во Калиманското Езеро и воопшто во источниот дел на Македонија. Се наоѓа во централниот дел на езерото, на почетокот од заливот вовлечен кон Македонска Каменица. Тоа е единствен остров во источниот дел на Македонија, иако повремено на истото езеро кај с. Тодоровци се појавува сосема мало островче со површина од 0,2 хектари. Остров Калата е издолжен околу 300 м во правец североисток-југозапад, со најголема широчина од 75 м, а најголема височина 15-25 м (во зависност од нивото на водата). Површината на островот просечно изнесува 1,5 хектари, додека должината на бреговата линија му е околу 550 м. Островот Калата од копнениот брег е оддалечен околу 100-150 м и затоа до него наједноставно се доаѓа со чамец. Поради големите флуктуации на водата во езерото, во летниот (сушен) период, Калата обично станува полуостров поврзан со копнениот дел на североисток. Во поглед на вегетацијата е покриен со дабова шума и бујна трева, а животинскиот свет е доста разновиден (водоземци, влечуги и птици). Инаку Калата е кратенка од „градот на калајот“, бидејќи од ова место се црпело злато и калај. Загревани се карпи кои имаат златоносни жици и со помош на длета тие жици се вадени и потоа претопувани. Највисоката точка од некогашниот калајски град некогаш била на 200 м над вливот на Каменичка Река во Брегалница. Градот природно бил заштитен од три страни со стрмните долински страни на двете реки. До некогашното зарамнето плато на врвот, односно денешниот остров, пристап постоел само од северната страна. Таа страна е пресечена со одбранбен ров издлабен во карпа. Околу него се распознаваат контури на три градски порти и остатоци од бројни градби. Островот Калата е навистина атрактивен, меѓутоа е слабо познат локално, уште помалку пошироко, а нема ниту туристичко информативна табла или патоказ кон него. Исто така нема можност за организирана посета, ниту пак можност за изнајмување на чамец. Освен тоа, пристапноста до островот е ризична и може значително да се подобри со поставување на мала дрвена платформа за чамци, поставување и уредување на патека кон внатрешноста и видиковец за одмор.
Од деталните анализи кои ги изврши авторот на статијата произлегува дека Езерото Калиманци (заедно со островот Калата во него), има одлична туристичка положба. Тоа е до градот Македонска Каменица, на 10 км од Делчево, 20 км од Кочани и Виница. Покрај езерото поминува живописен магистрален пат кој преку Делчево продолжува за Бугарија. Сепак, без оглед на одличните погодности, езерото Калиманци речиси воопшто не е туристички искористено. Покрај него нема ниту еден сместувачко-угостителски објект, а за останати содржини не станува збор. Според изведените анализи, езерото и неговата околина можат да привлечат значителен број туристи и да обезбедат солидни средства од туризмот. Туристички атрактивности на овој простор се: разгрането езеро со бројни заливи, полуострови и остров, живописна природа, разновиден биодиверзитет, богатство со риба, археолошки локации, чиста природа. Потенцијални типови на туризам можат да бидат капалишен, кајакарство и други спортови на вода, крстарење по езерото, езерски рути, риболовен, излетнички. На езерото има барем 3 локации погодни за плажи, особено кај с. Тодоровци. Езерото има можност за пловнa рутa во должина од дури 25 км (Тодоровци-Луковица-Калата-Брана-Каменица). Проблем е голема осцилација на езерското ниво и силно загадување при високи води или излевање на реката Брегалница.
(статијата е во рамките на Студијата за потенцијалите за развој на туризмот во Источниот плански регион, која ја изработува конзорциумот Идеја ОК и Блакан Девелопмент Солутионс БДС од Скопје)
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 13596 пати!