Мелничката индустрија во Скопје помеѓу двете светски војни

18.12.2014

Меѓу првите индустриски претпријатија од прехранбената индустрија на територијата на вардарскиот дел на Македонија се јавиле мелниците. Појавата на првите мелници со поголем капацитет и тргувањето со мелничките производи била забележана во осумдесеттите години на XIX век. Помеѓу Првата и Втората Светска војна, во Скопје, покрај мелниците од османлиско време кои продолжиле да функционираат, се изградиле уште 3 модерни мелници, така што од вкупно 12 мелници во вардарскиот дел на Македонија, во Скопје биле концентрирани 5. Мелничката индустрија во Скопје била основана и организирана главно од трговци со жито и со брашно. Исто така, меѓу сопствениците на мелници се појавуваат и трговци од други дејности, како и занаетчии и фурнаџии. Фурнаџиите се појавувале исклучиво како сопственици само на една мелница: Мелницата на Браќата Дапчеви, Скопје. Мелниците произведувале разни видови типови брашна, со исклучок на мелницата „Балкан“ во Скопје и мелницата на Миодраг Стојиљковиќ, во Куманово, кои имале склучен договор со војската за мелење на извесни количества брашно, останатите мелници произведувале исклучиво за потребите на месните пазари и околиите што гравитирале кон нив. Освен во градот Скопје, скопските мелници го пласирале произведеното брашно и во во внатрешноста на вардарскиот дел на Македонија, како и во Косово, Метохија. Мелницата „Балкан“ во Скопје 40 проценти од своето производство го пласирала во: Србија, Босна и Херцеговина и Далмација.

Мелницата на Браќата Дапчеви, Скопје

Оваа мелницата била основана во далечната 1880 година и претставувала прва автоматска мелница на територијата на вардарскиот дел на Македонија. Основачи на мелницата биле браќата Дапчеви, трговци од Скопје. Историјатот на оваа мелница започнува уште во османлискиот период, кога мелницата ја купил Исмаил-паша и таа работела сè до 1922 година, кога, неговиот син Даут-бег, ја продал за 4 300 златни турски лири на групата заинтересирани индустријалци: браќата Димови, Ѓоко Хаџи Ристиќ, Анче Николов, Андреја и Наум Петровски. Тие биле, фурнаџии и трговци со брашно и со жито од Тетово, кои имале желба да ја прошират својата дејност. Мелницата била изградена преку рампата на старата железничка линија Скопје ‒ Белград, на патот за тогашниот аеродром. Првобитно мелницата располагала со 3 пара камења за мелење и 1 цилиндер за достава. Погонот се движел на вода. Производниот капацитет за 8 часа изнесувал 4800 килограми,односно за 24 часови млинот можел да произведе вкупно 14 400 kg брашно. Во 1930 година мелницата се проширила и се модернизирала и при тоа сопствениците го преориентирале погонот на електрична струја, со што придонеле значително да се зголеми капацитетот. Во 1940 година мелницата имала 12 работници.

Мелницата на Јусуф Морина, Скопје

Оваа мелница била основана во 1888 година од Јусуф Морина. Се наоѓала во паркот на Ислахане, лоцирана во јаз специјално изграден за неа, во непосредна близина на подоцнежната пионерска-железничка станица. Движечката сила на мелницата ја давала водата од реката Вардар, која се наоѓала многу погоре од млинот и со канали била донесувана до тркалото на млинот и до водната турбина, која развивала моќ од 35 кс. По потреба, а во недостаток на вода, мелницата имала мотор со гас-генератор од 50 кс. Овој прехранбен капацитет располагал со 6 цилиндри и 1 француски камен со потребна гарнитура. Производството изнесувало 27000 ока (стара турска мерка за тежина) брашно за 24 часови, а во неа работеле 20 работници. Мелницата престанала да работи во 1926 година кога сопственикот останал без средства за плаќање и кога паднала под стечај.

Мелницата на Бекир и Емин, браќа од Скопје

Мелницата била основана во 1896 година од Шабан-паша, по потекло од Косово (титулата паша, Шабан ја добил од Султан Хамид за покажаните услуги во областа на стопанството). Мелницата била лоцирана покрај левиот брег на реката Вардар јаз, изграден специјално за неа, зад Калето, покрај патот за Тетово. Мелницата функционирала на вода, која ја користела од реката Вардар и која ја придвижувала турбината од 50 кс со 5 цилиндри. Мелницата ја опслужувале околу 18 работници, а нејзиниот капацитет изнесувал 6 000 ока брашно за 24 часови. Подоцна мелницата наполно се реновирала и станала автоматска. Во 1936 година се заменува старата турбина со нова од 110 кс. Годишното производство изнесувало околу 800 000 1 000 000 kg разни видови типови брашно. Во 1940 година во неа работеле 15 работници.

Мелницата на Гали-бег, Скопје

Оваа мелница била основана во 1908 година од Гали-бег. Таа се наоѓала на плацот на кој денес се наоѓаат Природно-научниот музеј и Зоолошката градина. Мелницата работела на водна турбина од 40 кс некогашниот јаз на реката Вардар и располагала со 3 цилиндри. Произведувала 6 000 kg брашно за 24 часови. Во неа работеле 10 работници. Таа целосно го запрела производството во 1923 година.

Автоматската мелница „Балкан“, Скопје

Фирмата за извоз „Симиќ и Павловиќ“ од Смедерево и браќата Тасиќ, житари од Лесковaц, започнале со изградба на мелницата „Балкан“ во Скопје во 1921 година, која ја лоцирале покрај железничката линија Скопје Косовска Митровица, на местото на денешните Здравствен дом „Млин Балкан“ и Авто-мото сојуз на Македонија (Гавриловиħ:1933, 92). Во меѓувреме фирмата „Симиќ и Павловиќ“ се распаднала, а браќата Тасиќ, за да ја довршат мелницата, се обратиле до Лесковачката централна банка за финансиска помош. Банката се согласила да ја финансира изградбата. Споменатата банка им го исплатила вложениот капитал на фирмата „Симиќ и Павловиќ“ и станала полноправен партнер со браќата Тасиќ. Во 1922 година мелницата се пуштила во погон и сè до 1934 година функционирала под раководство на Лесковачката централна банка и на браќата Тасиќ. Браќата Тасиќ се скарале и меѓусебно се поделиле, а мелницата потпаднала под исклучиво раководство на банката.
Мелницата била снабдена со најсовршени инсталации и нови машини, набавени од Германија и претставувала најголемо и најмодерно млинско претпријатие во вардарскиот дел на Македонија. Првите години мелницата кроистела сопствена енергија базирана на производството на погонот од една парна локомобила (подвижна моторна машина) од 205 кс. Подоцна, во 1929 год., погонот се приклучил на градската електрична мрежа, инсталирајќи 6 електрични мотори од вкупно 353 кс, а парната локомобила служела како резерва. Покрај тоа, мелницата располагала со голем и модерен силос (магацин за чување жито) како сместувачко-магацински капацитет од 100 вагони. Мелницата била поврзана со железничката линија со индустриски колосек (Petranovič: 1940, 37).
Во 1940 година во мелницата работеле 46 работници и службеници. Претпријатието било бомбардирано на 18. X 1943 година и било наполно уништено.
Автоматската мелница „Вардар“, Скопје

Браќата Атанас и Лазар Георгиеви и Драгутин Матов, познати трговци со брашно од Скопје, се здружиле и акумулираниот капитал од трговијата со брашно, во 1934 година, го инвестирале во изградба на една нова модерна автоматска мелница. Мелницата ја лоцирале во непосредна близина на „Парната пивара А.Д. Скопје“, покрај железничката линија Скопје Ниш. Мелницата била автоматска и располагала со комплетна млинска опрема. Во првите години по пуштањето во погон, поради високите тарифи на електричната енергија, мелницата работела на сопствен погон, користејќи еден саугас-мотор од 100 кс и три електомотори од вкупно 182 кс. Подоцна, со оглед на тоа што располагала со целокупна електрична инсталација, преминала на користење на електрична енергија од скопската градска електрична централа. Во мелницата работеле 23 работници и службеници.

Автоматската мелница „Куманово“, Скопје

Мелницата била изградена во 1938 година. Основачи на мелницата биле: Драгутин Корда, Јован Буста, Драшко Ивановиќ и Павле Стојковиќ (првите двајца биле Чеси, а другите Срби). Мелницата била изградена десно од патот Скопје Куманово, во реонот на денешниот индустриски дел Ќерамидница (Petranovič: 1940, 41). Мелницата била опремена со модерни нови инсталации и машини купени од Германија и од Англија. Мелницата располагала со млински магацински силос со капацитет од 100 тони. Погонската сила ја добивала мелницата од саугас-мотор, со моќност од 120 кс. Мелницата произведувала разни типови брашно и во неа работеле 25 работници и службеници. Покрај споменатите индустриски мелнички фирми, во Скопје и во околината работеле и мали воденици за мелење брашно (на воден погон користејќи ја водата од околните реки), кои, најчесто, биле опслужувани од едно лице. Овие воденици имале мал капацитет и најчесто ги опслужувале околните селски населби. Таков еден пример била воденицата во тогашно Ханриево, лоцирана на реката Вардар непосредно до патот Скопје Тетово. Оваа воденица ги опслужувала околните села: Оризаре, Бардовци, Влае и други.

Автор: д-р Лидија Ѓурковска

Оригинален текст со литература: http://igeografija.mk/MGD/Razgledi_47.htm

Оваа статија е прочитана 6748 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *