Се менува климата во Македонија?

30.01.2012

Во последно време многу често се зборува за климатски промени и нивните ефекти врз Земјата и секако врз човекот. Бидејќи претставува многу комплексен проблем, често се појавуваат и разни шпекулации на таа тема кои внесуваат забуна.
Климата како динамичен систем, низ Земјината историја многу често се менувала. Тие промени биле од локално, регионално па се до глобално ниво, во зависност од причините што ги условувале. Во подалечното геолошко минато, до пред неколку милиони години, климата на Земјата главно била многу потопла. Тоа го покажуваат фосилните остатоци од тие периоди, како и разните анализи на седиментите по океанските дна. Од пред неколку милиони години, започнало значително заладување на климата, познато уште како Кенозојско заладување. Неговиот максимум е во последните 2 милиони години, кога се јавиле неколку студени циклуси наречени климатски минимуми и не толку изразени топли циклуси (климатски максимуми) помеѓу нив. Последниот климатски минимум се случил пред околу 12-20 илјади години, а денес сме во период што би требало да претставува климатски максимум. Тоа се таканаречените природни климатски промени, според кои за одреден временски период, повторно Земјата би требала да влезе во климатски минимум. Механизмите и причините за овие промени се бројни и сеуште недоволно разјаснети и разграничени, но заедничко е што сите тие делуваат бавно, со илјадници години. Бидејќи во основа се глобални, овие промени влијаеле и врз подрачјето на денешна Македонија, што се согледува низ карпите, фосилите, разните траги во релјефот, археолошки остатоци и слично.
Она што денес глобално се поставува како проблем се климатските промени предизвикани од човекот. Причините за нив се многу појасни, а тоа е нарушувањето на составот на атмосферата (особено на CO2), со претерано испуштање на одредени гасови, прав и други честички од индустриските погони, домаќинствата и автомобилите. Овие „антропогени“ климатски промени се од понов датум, односно од почетокот на индустриската револуција во XVII-XVIII век, а ефектите се многу побрзи во однос на природните промени. Така, само за последните 30 години, глобалната температура пораснала за 0,5 степени, за што природно обично би поминале векови (1). Меѓу светските климатолози нема дилема дека климата забрзано се менува поради влијанието на човекот. Меѓутоа има различни мислења во однос на регионалните, сезонските, топлотните, врнежните и другите ефекти на промените. За таа цел се создаваат специјални модели на климатски сценарија со разни варијанти (од најоптимистички до најпесимистички) кои би зависеле од многу променливи елементи (на пример идното делување на човекот, сечење на шумите, испуштањето на гасови на стаклена градина и други). Ако се оствари прогнозата за глобално затоплување на Земјината атомосфера до 2100-та година за 1,8 до можеби и цели 4 степени целзиусови, тоа ќе доведе до покачување на нивото на морињата од 18, па до цели 59 сантиметри.
Важно е да се напомене дека во сите сценарија има големи регионални разлики, така што се смета дека во некои региони, забрзаните климатски промени ќе бидат дури и поволни. Постои голема согласност околу тоа дека веќе сега, а особено во иднина ќе се јавуваат се поголеми сезонски контрасти помеѓу летото и зимата.
А какви се прогнозите за подрачјето на Македонија и околниот регион?
Сите истражувања и светски модели на климатски промени, покажуваат дека во регионот на Средоземно Море (вклучително и Македонија), се очекуваат значителни неповолни промени веќе кон средината, а особено до крајот на овој век. Така, според истражувањата на NOAA (National Oceanic and Atmospheric Administration) од САД, овој регион станува се посув. Во последните 20 години, 10 зими биле изразито сушни, а појавата на суви зими е особено изразена од 1970-тите години наваму (2). Според друга пак неодамнешна студија, се предвидува средната температура на воздухот во Македонија, до 2050-та година да порасне за 1,9 степени, а до 2100-та за дури 3,8 степени, додека врнежите би се намалиле за 5%, односно за 13% до крајот на векот (во однос на 1990 година како референтна). Се очекува летата да стануваат пожешки, со пораст од дури 5 степени (просечно) до крајот на векот, а летните врнежи би се намалиле за фантастични 37% (3)! Уште позагрижувачки се очекувањата температурите најмногу да се зголемат во јужните делови на државата (каде ионака се високи), а врнежите најмногу да се намалат во централните и јужните делови (каде ионака се мали). Дури само половично остварување на ова сценарио би значело огромни проблеми со водоснабдување, наводнување, земјоделство, добивање на хидроенергија, засилена ерозија, појава на суши, пожари и многу други, а најмногу би биле погодени Тиквешко, Гевгелиско, Струмичко, Дојранско и соседните региони. Одредени промени и последици во таа смисла, веќе се видливи и се чувствуваат.
Република Македонија, како држава не може многу да стори за глобалните климатски промени кои се во тек, бидејќи за тоа треба пред се активно да се заложат најголемите светски економии и индустрии кои продуцираат најмногу „стакленички“ гасови. Сепак, таа е потписник и активен учесник во разни протоколи и конференции кои придонесуваат за подигање на свеста на населението, како и за намалување на негативните трендови и последици од промените. На домашен терен, потребно е навреме да се подготват стратегии, планови, програми и итно да се дејствува кон справување или ублажување на споменатите негативни ефекти, особено во потенцијално најризичните региони.
На крај да напоменеме дека покрај одредени веќе воочени состојби на промени на климата, сепак станува збор за предвидувања и сценарија, кои пак од денешен аспект се многу веројатни. Но да не заборавиме дека само една силна супервулканска ерупција или друга појава од големи размери во било кој дел на Светот, може да предизвика помало или поголемо заладување и други промени со непознати ефекти.

Извори:

(1) http://en.wikipedia.org/wiki/Global_warming
(2) http://journals.ametsoc.org/doi/abs/10.1175/JCLI-D-11-00296.1
(3) Bergant K (2006) Climate change scenarios for Macedonia-review of methodology and results. University of Nova Gorica, Centre for Atmospheric Research, Nova Gorica, Slovenia. 1–50

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 8117 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *