29.01.2012
Во североисточниот дел на Република Македонија (сливот на Пчиња со Крива Река) има околу 500 регистрирани извори. Најголем број од изворите се со слаб капацитет (издашност) и најчесто се наоѓаат во планинските подрачја, под високите врвови и во долинските страни. Планинските извори се слабо-минерални, студени и одлични за пиење. Некои од нив се користат за полнење на вода. Покрај обични, на неколку места во оваа област се регистрирани појави на термоминерални извори и тоа кај с. Проевце до Куманово, кај с. Стрновац во општина Старо Нагоричане и кај с. Тополовиќ, Кратовско. Со соодветен пристап, овие извори можат да бидат вистински туристички атрактивности и да влијаат врз развојот на локалните средини.
Термоминерални извори Проевце
Термоминерални извори кај с. Проевце се наоѓаат на само 2 км источно од градот Куманово, каде се вкрстуваат двата значајни меѓународни патни коридори К-8 и К-10 со регионалниот пат за Свети Николе и Штип. Тоа обезбедува одлична туристичка положба. Водата од изворите има температура од 31°C (хипотермна) и издашност од 4 литри во секунда. Водата истекува од две примарни дупнатини и две подоцна изведени дупнатини, а потекнува длабоко од под мермерните карпи. Таа е лековита, особено погодна за очните, нервни заболувања и др. Кај самите извори е изградена бања уште во почетокот на XX век, која сега е запуштена. Водата од изворите дава можност за лекување, превентивни третмани, капење и останати посебни програми, а самата околина за прошетки и рехабилитација. По „златните“ 80-ти години, кога истата била посетувана од голем број туристи од Македонија и Балканот, денес Кумановска Бања е сосема запуштена, а таа како и единствениот поголем сместувачки капацитет во близина-хотелот Ку-Ба туристички се речиси неупотребливи. Околината е доста загадена, неуредена и запуштена. Асфалтниот пат кон бањата е оштетен, а во непосредната околина нема никакви уредени туристички содржини. Сето тоа во догледно време може значително да се промени со издавање на бањата под концесија и привлекување на инвеститор за изградба на модерен бањски објект-спа центар кај сегашната локација или кај хотелот Ку-Ба. Исто така, неопходно е прочистување и уредување на коритото на Кумановска Река од градот Куманово до низводно од хотелот Куба, потоа доградба на шеталиштето-кејот на реката до хотелот Куба, изградба на велосипедска патека, уредување на паркот и шеталишните стази кај термоминералните извори, поставување на клупи, корпи за отпадоци, канделабри и информативни табли, обновување на старите-историски објекти во локалитетот, кои имаат значајна културно историска и архитектонска вредност и друго. Со наведеното, Кумановска Бања не само што ќе го врати некогашниот сјај и посетеност, туку може да биде вистинска туристичка атракција на градот Куманово.
Термоминерален извор-бунар Стрновац
Во близина на с. Стрновац во општина Старо Нагоричане, на само 17 км од градот Куманово, непосредно до коритото на реката Пчиња има термоминерален извор-бунар, од кој излегува топла вода со температура од 40°C и издашност од 35 литри во секунда. Водата потекнува од длабочина од 300 метри, има голема тврдина и значително количество на железо, сулфур и хидрокарбонат. Водата од бунарот е зафатена и се влева во два базени кои се користат како бања. Поради одличниот минеролошки состав на водата, постои можност за лекување на ревматски, кожни и други болести, рехабилитација, капење, превентивни третмани и друго, но сето тоа би требало да се одвива под надзор на лекар. Без оглед на одличните карактеристики на водата и убавините на околниот простор, денес овој локалитет речиси воопшто не е уреден и соодветен за туристи. Во минатото, неколку пати се појавуваа обиди за туристичко активирање на Стрновац, меѓу кои беше и асфалтирањето на патот што води речиси до самиот извор, меѓутоа тука застана работата. Инаку, не само покрај изворот, туку и во целиот овој регион нема соодветни (поточно никакви) сместувачки ниту угостителски објекти, а не се води сметка ниту за хигиенските услови во постоечките базени. Сепак, со не толку големи зафати и вложувања, состојбата може значително да се промени и да се привлечат голем број на туристи. Дел од тие зафати се:
- Давање на локалноста околу изворот под концесија или нудење на поволности, но на сериозен инвеститор или заинтересиран субјект.
- Детално испитување на водата од изворот Стрновац и нејзините лечилишни карактеристики.
- Регулација на коритото на Пчиња во овој дел поради честото излевање.
- Доколку не е можно тоа, одведување на термалните води преку цевки подалеку од реката, каде би се изградила посовремена бања.
- Уредување на просторот со пристапен пат, паркинг, санитарни јазли и др., со водење на сметка за максимално зачувување на околината.
- Привлекување на инвеститор за изградба на поголем отворен и затворен базен или базени, како и на модерен сместувачки и угостителски објект.
- Превземање на активности за ставање во функција на блиските куќи и викендици за приватно сместување.
- Поставување на патокази, информативни табли и карти за бањата Стрновац.
- Туристичка презентација и промоција на бањата.
- Воспоставување на сообраќајна линија до бањата.
- Обезбедување на медицинска екипа и контроли во бањата.
- Уредување на шеталишни стази и патеки во овој простор.
Термоминерален извор-бунар Тополовиќ
Кај с. Тополовиќ, Кратовско, има појава на термоминерален извор наречен Вруќа Вода од кој излегува топла вода со температура од 48°C и издашност од 12 литри во секунда. Водата потекнува од длабочина од 360 метри, има голема тврдина и значително количество на железо, сулфур и хидрокарбонат. Тоа нуди одлични можности за за лекување на ревматски, кожни и други болести, рехабилитација, капење, превентивни третмани и др., за што веќе е изработена соодветна студија во општината Кратово. Инаку, целиот овој простор близу Кратово е доста атрактивен не само во однос на палеовулканскиот релјеф, туку и во однос на климата, растителниот свет и посебно во однос на културно-историските, архитектонските и етнолошките обележја. Со неколку зафати слични на оние споменати за изворот Стновац и со доградба на асфалтен пат, Вруќа Вода би можела да привлече значителен број туристи.
Во североисточниот дел на Република Македонија има можности за откривање и на други термоминерални води со помош на дупчење, при што температурата на водата би зависела од длабочината на зафатот на вода. Освен термоминерални води, кои можат да се искористат за бањски туризам, овде има поголем број на минерални извори и тоа кај с. Клечовце, кај с. Липково, кај с. Шупли Камен и други. Тие се одликуваат со поголема количина на одредени минерали, погодни за здравјето на човекот и затоа можат да се користат како лековити атрактивности, за рехабилитација, превенција и сл.
Сето претходно покажува дека со релативно мали вложувања, ова исклучително природно богатство во кумановско-кратовскиот крај може соодветно да се искористи на задоволство на бројните посетители, но и за развојот и унапредувањето на локалните средини.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 16694 пати!
navistina se ubavi