Колку зимско-спортски-скијачки планински центри и се потребни на Македонија?

19.10.2015

Во последно време, се повеќе слушаме размислувања, идеи, па и конкретни чекори од локалните заедници, планските региони и пошироко, за потребата од изградба на што поголем број зимско-спортски и скијачки центри во Република Македонија. Речиси и да нема планина која не се споменува како потенцијален зимско-спортски и скијачки центар, а порај 5-те постоечки планински центри, во оптек (идејна студија, физибилити, технички проект и др.) се уште десетина планини. Така, излегува дека во Македонија треба да има дури 10-15 скијачки или зимско-спортски туристички центри. Се смета дека тоа ќе биде во функција на брзиот развој на зимскиот туризам кај нас, што пак би водело кон сеопшт социо-економски развој на тие подраќја, па и на државата во целина. Меѓутоа, при сите тие заложби, планови и конкретни чекори, се губат од вид неколку многу важни, поточно суштински прашања и тоа:

  • Колкав е „максималниот одржлив капацитет“ на нашите планини, без да дојде до поголемо нарушување на природата (геодиверзитетот, биодиверзитетот, климата, водите, почвите…)?
  • Колкав е „оптималниот“ број на зимско-спортски центри, соодветни за територијата на нашата држава?
  • Кои наши планини се „во можност“ да ги издржат сите закани и последици од градежните зафати и последователниот масовен туризам?
  • Дали навистина бројните зимско-спортски скијачки центри ќе го постигнат зацртаниот економски ефект?
  • Кои ефекти се појавуваат при несоодветна, нецелосна или претерана градежно-инфраструктурна, комунална и туристичка експлоатација на планините?
  • Дали шаблонизираниот зимско-спортски туризам со скијачки патеки е најсоодветно решение за условите во Македонија?…. и многу други.

SKI
Врз основа на моите 20-годишни теренски и сеопшти истражувања на релјефот и планините во Македонија, сознанијата од бројните поранешни истражувања и анализи, како и сопственото искуство, следуваат одговорите на горепоставените прашања и дилеми.

Еден од важните параметри за тоа дали некоја планина може и треба да има зимско-спортско-скијачки центар е нејзината големина: површина, височина (за наши услови над 1500 м), расчленетост, наклони, експозиции и сл. Во Република Македонија има околу 40 планини, од кои 13 (поточно 12 на наша територија) се високи над 2000 м. Бројот на планините е изразито голем во однос на вкупната територија на државата од 25 713 км кв., што пак значи дека површината на планините е релативно мала. Така, ако се земе во предвид само планинскиот простор (15 655 км кв.), излегува дека во просек, секоја планина има површина од 390 км кв. Сепак, неколку од нив се изразито големи (за македонски услови) Турчин, највисок врв на Шар Планинапланини, а други многу помали. Само 6 планини во Македонија имаат површина над 500 км кв. и тоа: Јакупица (Мокра) со 1270 км кв., Осоговски Планини со 981 км кв., Сува Гора со Добра Вода и Песјак (923 км кв.), Шар Планина со 829 км кв., Бистра со 644 км кв., Плачковица и Кожуф со 544 км кв. Останатите планини се многу помали, а некои од нив кои се планираат за идни зимско-спортски центри, се помали од 250 км кв. (Јабланица, Малешевски Планини, Голак, Ниџе и др). Вториот параметар: површина на теренот над 1500 м, е многу значаен од аспект на потенцијално задржување на снегот, но и максималниот капацитет на објекти, зафати и туристи во т.н. скијалишна зона. Од разни домашни и светски извори, за географски широчини соодветни на нашите, таа површина треба да биде поголема од 100 км кв. Овој пак критериум го задоволуваат следните планини: Шар Планина, Јакупица, Пелистер (Баба Планина), Кораб, Бистра, Стогово и Осоговските Планини. Тоа значи дека според двата критериуми, само последно навдените планини имаат „капацитет“ во однос на големината, да поднесат поголем зимско-спортски туристички центар, повторно водејќи сметка за нивното максимално оптоварување. Останатите планини, мали по површина и со мало пространство над 1800 м се многу осетливи на било какви градежно-технички, инфраструктурни зафати, и воопшто, предимензионирани антропогени влијанија и би се соочиле со изразен ризик за нарушување и девастација на природната средина – целосно или во значаен дел. Ако се земе во предвид уште и структурата на наклоните, должината и експозицијата на падините, височината над 2000 м, застапеноста на уникатен геодиверзитет и биодиверзитет и други фактори, тогаш ограничувачкиот фактор е уште поголем.

Царев ВрвВсушност, студиите работени од еминентни стручни лица во оваа проблематика во втората половина на минатиот век, како потенцијални зимско-спортски центри ги посочуваат токму наведените планини. Останатите планини, кои често се споменуваат како кандидати за зимско-спортски центри, ниту приближно не ги исполнуваат основните критериуми (висински, положбени, климатски, хидрографски и др.), а такви се Малешевски Планини, Голак, Водно (мали по површина, ниски, со несоодветна структура на падини, несоодветни климатско-хидрографски услови), потоа Јабланица (мала по површина, пребогата со геодиверзитет и биодиверзитет, „осетлива“ на антропогени влијанија, хидролошки ризична), Галичица (карстен масив, несоодветна структура и изложеност на падините, хидролошки осетлива, во високите делови богата со уникатни вредности кои лесно може да се девастираат).

Некои планини, покрај сите претходни ограничувања, имаат „осетлив“ геолошки состав. Така, Кожуф во најголем дел е изграден од неотпорни шкрилци и кристалести карпи подложни на ерозија. Затоа, речиси секоја година се јавуваат бројни свлечишта на патот до ски-центарот, а самите ски-патеки на некои места се претворени во еродирани јаруги и долови полни со нанос. Од друга страна, високиот предел на Јабланица, посебно во делот каде се предвидува изградба на скијачки центар (над с. Вевчани) е изграден од варовници и доломити, при што постојат потенцијални хидрографски врски со уникатните Вевчански Извори. Секоја промена на водниот режим или евентуално загадување во повисокиот дел, со сигурност ќе се одрази и на режимот и квалитетот на самите извори. Слична е состојбата со планината Галичица, чиј карстен терен е испресечен со бројни системи од подземни канали и пукнатини, низ кои протекува вода во правец на Охридското Езеро. Јасно е дека секоја хидролошка промена на површината, ќе има влијание врз подземните води, а преку нив и врз Охридското (веројатно и Преспанско) Езеро.

Една од „скијачките патеки“ на Кожуф!
Една од „скијачките патеки“ на Кожуф!

Нашите планини, по многу нешта се единствени и уникатни. Тие најмногу го привлекуваат вниманието на туристите токму поради таа уникатност (изобилство од раритетни геолошки и релјефни форми, прекрасна клима, извори, потоци и реки, карактеристична вегетација и животински свет, традицијата, начин на живот и сл.), а не поради желбата за скијање, возење по жичари и др. За такво нешто, во непосредното соседство и низ Европа има огромни зимско-спортски центри (Банско, Боровец, Пампорово, Копаоник и др.). Несоодветен, недоволно студиозен или избрзан зафат за градба на таков центар, не само што има дискутабилен позитивен ефект, туку може да доведе до деградација на преубавите природни пејсажи. Примерот со високиот дел на Кожуф, каде сликата со деградацијата и претераната ерозија е речиси жалосна, би требало да биде голема поука за сите нас. Токму затоа, наместо изградба на десетина нови „модерни“ скијачки центри, треба да се осовременат и издигнат на повисоко ниво единствено постоечките на Шар Планина (Попова Шапка) и Бистра (Маврово), а во ограничена мерка и оние на Пелистер, Осоговски Планини (Пониква) и Бушева Планина (Крушево, заради постоечката инфраструктура). Сите останати замисли и активности за туристичко користење на планините  кај нас, треба да бидат во друга насока. Имено, по светот постојат и одлично функционираат сосема поинакви начини на т.н. еко-туристичко искористување на планините преку создавање на геопаркови, трекинг туризам, планински велосипедизам, адреналински содржини, рурален туризам, параглајдинг, велнес туризам и многу други. Затоа, внимателно со нашите преубави планини. Да ги сочуваме за нас, а особено за идните генерации. Зашто планините се нашето вистинско богатство со кое може да се пофали оваа држава!

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 9998 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *