19.10.2015
Неодамна излезе најновата, 17-та по ред верзија на познатиот и се почесто користен ГИС софтверски пакет Global Mapper на софтверската куќа Blue Marble (geographics).
Global Mapper е меѓу најкористените помошни или услужни ГИС програми на денешнината. Поради едноставната работна околина, малите хардверски барања, големите можности што ги нуди и релативно ниската цена (499$), Global Mapper претставува многу потребна, а понекогаш и неопходна алатка. Главна намена на овој софтверски пакет е приказ и конверзија на преку стотина формати на геопросторни и сродни на нив датотеки, со цел тие да можат понатаму да се користат во било која друга програма. Имено, геоинформатичките и ГИС софтверски пакети, обично подржуваат само неколку специфични формати на датотеки. Заради тоа се јавува проблем на неможност за користење на одредена датотека во друг софтверски пакет. Тука на сцена стапува Global Mapper кој може да изврши претворање на бројни растерски, висински, векторски и табеларни геопросторни податоци. Меѓутоа, со поновите верзии, посебно со последната v17, овој софтверски пакет постепено преминува во комплетно ГИС решение, со многу пониска цена од конкурентите. Најновата везија има нови можности за 3Д анализи на теренот, растерски пресметки, анализи на сателитски снимки и многу други. Особено интересни новитети се можноста за извонредно реалистично тридимензионално рендерирање на теренот, виртуелен лет низ просторот, поставување на 3Д реалистични објекти, интеграција со ГПС податоци и сл. Секако, за сето претходно неопходни се соодветни податоци и знаења како да се изведе постапката. Сепак, за разлика од конкурентите, Global Mapper може многу полесно да се „научи“ и да се употреби. Воедно, пред да се решите за користење на овој извонреден софтверски пакет, можно е да бесплатно симнување на демо верзија која е целосно функционална, освен експортирање на финални карти и формати.
Слика 1: Неколку примери на 3Д рендерирање и анализи на теренот во најновиот Global Mapper v17, со преклоп на сателитски снимки (Големо Езеро на Баба Планина) и преклоп на топо-карти врз 3Д модел со анализа на наклони (Јабланица).
Во секој случај, за многу работи поврзани со географските информациски системи, теренски анализи, моделирања, 3Д прикази на теренот и многу друго, Global Mapper ќе ви биде од огромна помош. Навидум едноставен, во себе „крие“ стотици различни функции и можности. Токму затоа, овој софтверски пакет е меѓу задолжителните кои се изучуваат на насоката ГИС на Институтот за географија во Скопје.
За да ја симнете демо-верзијата, кликнете на следниот линк: http://www.bluemarblegeo.com/products/global-mapper-download.php
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4298 пати!