28.03.2012
Неодаман излезе новата верзија (2.08) на се попопуларниот програмски пакет SAGA GIS. SAGA или SAGA GIS денес спаѓа меѓу најдобрите софтверски пакети наменети за работа со разни видови на геопросторни податоци. Името претставува кратенка од изразот: System for Automated Geoscientific Analyses (Систем за автоматски геоистражувачки анализи). Без оглед што е слободен (бесплатен) софтвер со отворен код, SAGA може да се користи за широк спектар на потреби: од наједноставни прегледи и конверзии на подржаните формати, преку моќни растерски и векторски анализи, па до најсложени ГИС апликации кои ги има само во скапите софтвери. Поседува многу добра, прегледна и едноставна работна околина, со бројни опции за прикажување на добиените резултати во обичен, но и 3Д приказ. Има многу едноставна и кратка инсталација. Уште една предност е тоа што SAGA може да работи како на Windows така и на Linux оперативни системи, а и на двете платформи функционира доста брзо. Инаку, развојот на SAGA GIS започна во 2002 година на универзитетот во Готингем – Германија, а од 2007 година, центарот е префрлен на Институтот за физичка географија во Хамбург. Интересно е тоа што софтверот функционира врз основа на бројни модули креирани според потребите на корисниците. Со малку повеќе работа и знаење, секој може да креира таков модул по желба. Сето наведено е причина SAGA GIS да биде меѓу најкористените геоаналитички и ГИС апликации во Светот.
За што поконкретно може да се користи?
Софтверскиот пакет SAGA има широк спектар на употреба за разни географски и ГИС апликации, а подолу се наведени само позначајните:
- Поддршка за разни обични и геореференцирани (поставени во координати) растерски (.tif, .jpg, .bmp, .png, .grd, .dem, geotif) и векторски објекти (.dxf, .shp, .gpx, .bln, .xyz);
- Конверзија (промена) од еден во друг растерски или векторски формат;
- Детални геостатистички анализи на дигиталните модели на релјефот;
- Детални морфометриски анализи на дигиталните модели на релјефот: хипсометрија, големина, должина и вид на наклони, експозиции, расчленетост на релјефот;
- Можности за автоматско генерирање на речна мрежа и сливни подрачја врз основа на дигитален модел на релјефот и добивање на аналитички податоци за нив;
- Анализа на сателитски снимки: издвојување на различни категории на содржини од сателитските снимки и многу други примени.
Како да дојдете до SAGA?
Бидејќи е слободен софтвер, SAGA може да се преземе без потреба од никакво регистрирање, логирање или слично. Едноставно симнете ја програмата од веб страната http://www.saga-gis.org и инсталирајте ја на вашиот компјутер. Моменталната верзија е 2.08 и обично на секои 5-6 месеци излегува дополнета, повисока верзија. Сепак, разликата помеѓу верзиите не е голема и нема да претставува пречка да ги користите претходните инструкции.
Инсталација и покренување
Во најголем број од своите досегашни верзии, софтверскиот пакет SAGA нема класична инсталација. Потребно е само симнатата компресирана датотека (.zip) од десетина мегабајти, да се распакува на некоја локација на хард дискот, при што ќе зафати околу 30-тина мегабајти. При распакувањето, автоматски се подредува внатрешната структура на датотеките меѓу кои е saga_gui.exe кој ја покренува апликацијата. Заради побрзо пристапување, иконата на оваа датотека може да се постави на десктоп или на некоја наша најпогодна локација. Откако е поставена програмата, истата може да се отвори преку двојно кликнување на иконата во директориумот или пак на десктопот.
Во последно време, програмскиот пакет SAGA станува незаменлив за бројни географски апликации, презентации, анализи, а и во самиот процес на едукација на студентите на високообразовните географски институции. Во таа смисла и во согласност со светските трендови, SAGA GIS се изучува и се користи во наставата по соодветните предмети на Институтот за географија при ПМФ во Скопје.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6649 пати!