Во периодот од 6-12 мај, на покана на проф. д-р Ивица Милевски, а во рамките на CEEPUS проектот, на Институтот за географија (ИГ) при ПМФ во Скопје престојуваше д-р Ненад Бузјак, професор на департманот за географија при ПМФ во Загреб, Република Хрватска. Во рамките на седумдневниот престој, проф. Бузјак оствари повеќе активности. Меѓу нив, најзначајни беа презентациите наменети за студентите и наставниот кадар на ИГ посветени на запознавање со департманот за географија при ПМФ во Загреб и неговата тековна работа, како и запознавање со современите истражувања на геонаследството на Хрватска. Исто така, пред присутните беа презентирани резултатите од проектот CARDIKARST. Следниот ден (петок, 10.05), професорот од Хрватска, во придружба на неговата сопруга Сузана Бузјак (инаку биолог во природонаучниот музеј во Загреб), присуствуваа на одбрана на магистерска работа на ИГ, запознавајќи се со постапката и текот на одбраната. Во таа пригода, гостите беа примени од Деканот на ПМФ во Скопје, проф. д-р Даворин Трпески и од продеканката за настава, проф. д-р Валентина Славевска-Стаменковиќ, со кои остварија мошне срдечен разговор.
Во останатиот период од престојот, во организација на проф. д-р Ивица Милевски, беше изведена заедничка теренска посета на кањонот Матка, како и на Камењанските водопади на Шар Планина. Од двата локалитети, гостите беа посебно воодушевени, особено во поглед на изобилството на природни вредности. Исто така, беа посетени Природно-научниот музеј во Скопје и повеќе локални знаменитости. Секако, не изостанаа разговорите посветени на развојот на меѓусебната научно-истражувачка соработка, особено во делот на истражување, заштита и соодветна презентација на вредни геолокалитети со помош на најсовремени методи на ГИС и далечинска детекција (вклучително ЛИДАР, дронски снимања и сл.). Во оваа пригода изразувам благодарност до раководителот на ИГ, проф. д-р Благоја Маркоски кој им укажа внимание на гостите, потоа на м-р Бојана Алексова, која несебично ги придружуваше во теренските активности, на МОН и сите оние кои дадоа придонес за пријатен престој на гостите од Хрватска. Јас пак, како дел од ИГ, преку овие гостувања на мои странски колеги, покрај другото, имам за цел поголема меѓународна поврзаност на нашиот Институт. Во тој правец беа повеќето неодамнешни гостувачки предавања на странски истражувачи кај нас, но и оние кои наскоро ќе следат.
Подготвил: д-р Ивица Милевски