Успешно учество на меѓународната конференција за геопаркови во Белоградчик

19.10.2018

Во периодот од 11 до 14 октомври, во градчето Белоградчик во северозападниот дел на Бугарија, се одржа меѓународна конференција на тема: Geoparks and Modern Society (геопарковите во современото општество). Конференцијата беше посветена на 20-годишнината од иницијативата за прогласување на геопаркови, промовирана на состанокот на Прогео во Белоградчик, во 1998 година. Главана тема на конференцијата беше постапката за воспоставување, функционирање и одржливост на геопарковите, придобивките од нив, искуствата од разни делови на светот и сл. Во таа смисла, беа презентирани 25 трудови, истражувања и постигнувања од страна на 40-тина учесници од 15 држави меѓу кои од Австралија, Франција, Грција, Тајван, Србија, Романија и др. Презентациите беа изведени во неколку сесии, а по секоја сесија следуваа дискусии со размена на искуства, информации, идеи и предлози за успешно аплицирање, подготовка, прогласување и функционирање на геопарковите. Посебен акцент беше ставен на можностите и активностите за прогласување на нови геопаркови на Балканскиот Полуостров. Во таа смисла беа и нашите 2 презентации за вредното геонаследство како основа за идни геопаркови во Република Македонија и тоа:

Двете презентации (кои можат да се погледнат на дадените линкови) привлекоа значително внимание, а од страна на неколку меѓународни евалуатори беа дадени идеи и насоки како понатаму до првиот геопарк во нашата држава. Радува фактот што на конференцијата, покрај авторот на презентациите, од Република Македонија беа присутни двајца млади претставници од Источниот плански регион. Сепак, отсуството на претходна координација, стратегија и усогласеност (за разлика од делегациите на другите држави), претставуваше недостаток за посериозен и поуспешен заеднички настап. Особено ако се земе дека целта е една, а неопходноста од соработката на државните, регионални и локални претставници со соодветните специјализирани научни кадри е неопходна за вака сериозна задача (доколку сакаме истата да успее во догледно време). Впрочем, присутните од веќе постоечките геопаркови, јасно ја нагласија неопходноста од тесна комуникација со научно-истражувачкиот кадар кој добро ја познава областа, како основа за успех на постапката за формирање на иден геопарк.

Инаку, геопарк претставува област со повеќе атрактивни геолошки или геоморфолошки локации и појави кои можат да бидат од национален или поширок интерес. Најчесто, подрачјето на геопаркот не е значајно само по геолошките и геоморфолошките (релјефни) форми и појави, туку поседува разни еколошки, арехеолошки, историски и културни знаменитости. Во изминатите 20 години, бројот на геопаркови низ светот перманентно се зголемува и веќе достигна 255, распоредени во 40 држави, а најмногу ги има во Кина (38), Шпанија (12), Италија (10) итн. Сите тие се членки на Глобалната мрежа на геопаркови (GGN), а воедно и на континенталните здруженија, како што е Европската мрежа на геопаркови (EGN). Глобалната мрежа на геопаркови, како дел од УНЕСКО е фокусирана на промоција и зачувување на вредното геонаследство, севкупните природни и културни вредности на подрачјето на геопаркот. Членството во мрежата има навистина огромни привилегии: од користење на брендот на УНЕСКО што помага во забрзан развој на областа, преку можноста за аплицирање во повеќе фондови за развој, добивање на проекти и грантови, до соработка на заеднички идеи за идни активности и промоции. Геопаркот ги користи своите атрактивности и брендот за да привлече голем број посетители и да им овозможи основање на различни производствени и услужни активности кои придонесуваат за социоекономскиот развој на заедницата. Моментално во Европската мрежа има 73 геопаркови од 23 држави на овој континент. На Балканскиот Полуостров, геопаркови освен во Грција (5) има во Словенија (2), Хрватска (1), а во одмината фаза е воспоставување на геопаркови и во останатите држави. Така, се очекува Србија да го добие првиот геопарк во 2019-та година (Ѓердап), Бугарија до 2020 година (Белоградчик) итн.

Да се надеваме дека во периодот кој следи, во нашата држава ќе има посериозни напори за подготовка и прогласување на првиот геопарк, со оглед на разновидното и вредно геонаследство кое го има Република Македонија. Впрочем, тоа е во согласност и со Националната Стратегија за заштита на природата, усвоена од Собранието во почетокот на годината. Реализацијата на ваквата идеја ќе помогне во промоција, развој и унапредување на подрачјата со вредно геолошко наследство, а кои најчесто се сиромашни и со силна депопулација (Кратово, Пробиштип, Порече, Прилепско и др.).

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 13929 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *