Што е тоа Шангајска листа, како се изготвува и каде е Македонија на неа?

25.08.2018

Неодамна излезе ранг-листата на најдобрите светски универзитети за 2018 година, или т.н. Шангајска листа. Оваа листа за прв пат е објавена во јуни 2003 година од страна на „Центарот за универзитети од светска класа“ и „Институтот за високо образование при Универзитетот Џао Тонг – Шангај“, Кина. Од 2009 година, лиценца за „Рангирање на Светските Универзитети (The Academic Ranking of World Universities) ARWU“ има ShangaiRanking Consultancy која е независна од било кој универзитет или владини организации. Академското рангирање најпрво било наменето за универзитетите во Кина, но поради големата заинтересираност од други земји организацијата започнала да рангира универзитети на светско ниво.

За рангирање на светските универзитети, ARWU користи 6 показатели, и тоа:

1. Број на алумни коишто добиле Нобелова Награда и/или други врвни награди во нивната сфера на работа (10% од вкупните поени);

Алумни се дефинира како поранешни студенти кои се стекнале со додипломски, магистерски или докторски дипломи од одредена институција, на универзитет на кој има истражувач кој добил Нобелова награда. Во зависност од периодот на стекнување со дипломата, тие имаат различно бодување. На пример, дипломи добиени од 2001-2010 година се вреднуваат со 100% од бодовите, дипломи стекнати во периодот од 1991-2000 година се вреднуваат со 90% итн. Ако една личност се стекне со повеќе дипломи од една институција на истиот универзитет, инстуцијата се брои само еднаш.

2. Број на вработени на институцијата-универзитетот на кој истражувачот добил Нобелова Награда (20% од вкупните поени);

Станува збор за вкупниот број на вработени на даден универзитет, во времето кога истражувач од истиот добил Нобелова награда. Исто како и кај алумните, во зависност од периодот на стекнување со наградата, поените се различни. На пример, награди добиени по 2011 година се вреднуваат со 100%, награди добиени во периодот од 2001-2010 година  се вреднуваат со 90% итн. Ако едно лице е член на повеќе институции во време кога ја добило наградата, сите институции добиваат заслуга подеднакво. Доколку наградата ја делат повеќе лица, вредноста се пресметува во зависност од процентот на нивно учество.

3. Број на најчесто цитирани истражувачи (20% од вкупните поени);

Овој показател се однесува на бројот на најчесто цитираните истражувачи од даден универзитет, според Clarivate Analytics. Станува збор за околу 3000 високо цитирани светски истражувачи во 21 научна област, а за рангирањето во предвид се зема примарната припадност на истражувачот на дадениот универзитет. Доколку даден универзитет има макар еден ваков високо цитиран истражувач, тогаш истиот обично е 20-50 места повисоко рангиран од универзитетот на кој нема таков истражувач.

4. Број на трудови објавени во врвните научни списанија Nature и Science (20% од вкупните поени);

Во предвид се земаат трудови објавени во претходните 4 години. Овде се прави голема дистинкција во бројот и редоследот на авторите во вакви трудови. Така, универзитетот од каде што е првиот автор се вреднува со 100% од бодовите, што автоматски влијае на подигање на рангот на матичниот универзитет за неколку процентни поени или неколку места (обично скок за околу 20-30 места на листата). Универзитетот на вториот по редослед автор, добива 50% од бодовите (скок од 10-15 места), додека на третиот автор, 25% од бодовите за оваа ставка (напредок за 5-10 места на листата). Секој следен автор, односно неговиот универзитет, добива 10% од предвидените вкупни поени или напредок за 2-5 места на ранг-листата.

5. Број на трудови индексирани во Science Citation Index во претходната година (20% од вкупните поени);

Станува збор за бројот на научни трудови од даден универзитет, објавени во претходната година и индексирани во Science Citation Index-Expanded или Social Science Citation Index (двете датабази се достапни на Web of Science). Кога се пресметува вкупниот број на индексирани трудови на една институција, посебна вредност им се дава на оние во Social Sciences Citation Index.

6. Per capita успех на универзитетот (10% од вкупните поени);

Овде станува збор за собирање на вкупниот резултат од претходните пет показатели и делење на истиот со вкупниот број академски работници во конкретната институција. Колку е поголем бројот на вработени, а помала вредноста на поените од горните 5 ставки, се намалува и вкупната оценка или број на поени за тој универзитет и обратно.

Ранг листа за 2018 година

Иако методологијата на рангирање на ARWU има доста критики, сепак, таа во светски рамки е меѓу најприфатените и најчесто користени. Според неа, последната 2018-та година се оценети повеќе од 4000 универзитети од целиот свет во 5 различни области: природни науки, биолошки науки, инженерство, медицински науки и општествени науки. Во сите области, на најдобрите позиции се наоѓаат универзитети од САД, односно, Беркли, МИТ и Харвард. Севкупно, САД апсолутно доминира со 8 универзитети во топ-10, 46 во топ-100 и 139 во топ-500-те на листата. но се објавени само најдобрите 500, дополнителна листа на универзитетите кои се наоѓаат од 501-1000 место. Според последното рангирање, десетте најдобри универзитети за 2018 година се следните:

  1. Универзитетот Харвард (Harvard University); САД
  2. Универзитетот Стандфорд (Stanford University); САД
  3. Универзитетот Кембриџ (University of Cambridge); Велика Британија
  4. Технолошки институт во Масачусетс (Massachusetts Institute of Technology (MIT)); САД
  5. Универзитет Беркли (University of California, Berkeley); САД
  6. Универзитет Принстон (Princeton University); САД
  7. Оксфордски Универзитет (University of Oxford); Велика Британија
  8. Универзитетот Колумбија (Columbia University); САД
  9. Калифорниски технолошки институт (California Institute of Technology); САД
  10. Универзитетот на Чикаго (University of Chicago). САД

Универзитетот Харвард веќе 16-та година по ред е на првата позиција, односно од самиот почеток на објавување на оваа листа. На листата најмногу универзитети (по 55) има од САД и Кина, додека на првите 50 места доминираат универзитети од САД и Велика Британија. Ако се тргнат на страна Британските универзитети, следен најдобро рангиран универзитет во Европа е Циришкиот кој е на 19 место на Шангајската листа, а по него е Копенхашкиот универзитет (на 29-то место), па Универзитетот Сорбона, кој е рангиран на 36-то место. Најдобро рангиран азиски универзитет е Токискиот Универзитет на 24-то место, а најдобро рангиран австралиски универзитет е Универзитетот во Мелбурн, рангиран на 39-то место.

Балканот и Македонија

Од земјите на Балканот, најдобро рангирани се универзитетите во Белград и во Атина, кои се меѓу 300 и 400 место, а Љубљанскиот, Солунскиот „Аристотел“ и Атинскиот технички универзитет се позиционирани меѓу 400 и 500 место. Универзитетот во Марибор и Загрепскиот универзитет се меѓу 500 и 600 место. На Шангајската листа е рангиран и Софискиот универзитет меѓу 900 и 1000-та позија.

Што се однесува до македонските универзитети, како и претходно, така и оваа година ниту еден од нив не се најде на ранг листата. На ранг листата за Република Македонија за најдобар универзитет за 2018 година повторно беше избран Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а по него следат Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

Ако се земе пак во предвид далеку пообемното рангирање на Вебометрикс, кое беше објавено во месец јули, може да се забележи дека УКИМ е далеку зад некои второстепени или третостепени државни универзитети на Балканот. Така, на Балканот (без Турција) пред него се дури 23 универзитети, од кои 15 од Грција:

  1. Националниот Универзитет во Атина на 248 место во светот,
  2. Аристотеловиот Универзитет во Солун на 274 место,
  3. Универзитетот во Љубљана на 294 место,
  4. Технички Универзитет во Атина, на 344 место,
  5. Универзитетот во Патра, на 511 место,
  6. Универзитетот во Јанина, на 573 место,
  7. Критскиот Универзитет, на 632 место,
  8. Загребачкиот Универзитет на 667 место,
  9. Софијски Универзитет СКО, на 910 место,
  10. Тесалиски Универзитет, на 974 место,
  11. Белградски универзитет, на 1026 место,
  12. Универзитет Демокрит, на 1081 место,
  13. Универзитетот во Нови Сад, на 1093 место,
  14. Универзитетот во Сплит, на 1099 место,
  15. Егејскиот Универзитет, на 1107 место,
  16. Атински Универзитет за економија и бизнис, на 1188 место,
  17. Технички Универзитет на Крит, на 1340 место,
  18. Универзитет Македонија, на 1390 место,
  19. Универзитетот во Пиреј, на 1498 место,
  20. Нишкиот Универзитет, на 1515 место,
  21. Ријечкиот Универзитет, на 1531 место,
  22. Јонски Универзитет, на 1540 место,
  23. Хеленски Универзитет, на 1562 место,
  24. Универзитет Св. Кирил и Методиј, на 1624 место,
  25. Крагујевачки Универзитет на 1892 место.

Очигледно, на квалитетот на науката и високото образование во Република Македонија, мора да се посвети многу поголемо внимание, за да бидеме присутни барем меѓу најдобрите 20-тина универзитети на Балканот и барем меѓу најдобрите 1000 на светските листи. А за тоа треба малку повеќе финансии, работа, добра организација, мотивираност и посветеност.

Извори:


Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6889 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *