Одбележан Светскиот ден на геодиверзитетот!

Минатата (2021) година, Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) го прогласи 6-ти октомври за Меѓународен ден на геодиверзитетот. Истиот, за прв пат почна да се се одбележува, почнувајќи од оваа (2022) година. Зошто дојде до прогласување на Светскиот (или меѓународен) ден на геодиверзитетот?

Земјата е карпеста планета, „камена топка“ со дијаметар од близу 13.000 км, која се движи околу Сонцето со над 100.000 км на час. Оваа огромна камена топка не само што има внатрешни слоеви како што се јадрото и Земјина кора, туку и самата Земјина кора е извонредно разновидна во поглед на карпите и релјефот, одразувајќи ја нејзината историја од 4,5 милијарди години. Историја на движење на тектонски плочи, климатски промени и бројни катастрофални настани. Нашата планета била и сè уште е динамична, што се рефлектира во честите земјотреси, вулкански ерупции, ерозија и други геонепогоди. Терминот со кој се укажува токму на големата разновидност на карпи, релјефи и процеси, стана познат како „геодиверзитет“.

Во 1992 година, на Самитот за Земјата одржан во Рио де Жанеиро, државите договорија Конвенција за биолошка разновидност (CBD). Поттик за ова беше загриженоста за загубата на видовите, деградацијата на светските екосистеми и потребата за зачувување и одржливо користење на биолошките ресурси на Земјата во корист на сегашните и идните генерации. Терминот „биолошка разновидност“ подоцна беше скратен на „биодиверзитет“. Набргу по Самитот за Земјата, научниците од областа на геонауките, сфаќајќи дека и тие проучуваат природни карактеристики кои можат да бидат предмет на загуба и деградација, почнаа да го користат терминот „геодиверзитет“ со кој се опишува разновидноста на неживата или абиотската природа. Во последните 20 години, овој термин и концепт станаа вообичаени во меѓународната геолошка заедница како абиотски еквивалент на „биодиверзитетот“. Сепак, иако „биодиверзитетот“ денес е често користен термин, вклучително и кај пошироката јавност, „геодиверзитетот“ е слабо препознаен или разбран во јавноста. Терминот „геодиверзитет“ генерално се смета за кратенка од терминот „геолошка разновидност“, но со оглед на тоа што опфаќа и геоморфолошка и педолошка разновидност, поимот најчесто се користи како кратенка, особено што е предмет на проучување на експерти од физичката географија. Геодиверзитетот се дефинира како разновидност на неживите елементи на природата – вклучувајќи ги нејзините минерали, карпи, фосили, почви, релјефни форми, реки, езера, кањони, геолокалитети, планини, планински врвови, водопади, клисури итн. Геодиверзитетот го поткрепува биодиверзитетот во обезбедувањето на основите и живеалиштата за сите живи суштества.

Токму поради неговото огромно значење, геодиверзитетот треба да се заштити од две основни причини. Прво, поради неговите многубројни вредности и второ, затоа што има бројни закани, главно од страна на човекот, што можат значително да го загрозат. Се разбира, тоа не значи дека треба заштита на целиот геодиверзитет (затоа што би било апсурдно да се заштити целата Земја), туку само нејзините репрезентативни делови кои имаат одредени вредности или се загрозени како единствени форми од ваков вид. Затоа, претставувањето и утврдувањето на вредноста на геодиверзитетот треба да биде основна причина да се подигне свеста за важноста и неопходноста од третирањето на вредното геонаследство кое што го имаме.

Дел од извонредниот геодиверзитет на Македонија. Фото: Ивица Милевски 2000-2022.

Геодиверзитетот и неговото значење за човештвото се слабо признати во светот и затоа потребно е да се зголеми јавната свест. Како и биолошката разновидност, геонаследството и бројните геолокалитети се изложени на ризик од човековите активности, а сепак обидите за заштита се ограничени во многу земји. Затоа, меѓународната соработка е од суштинско значење за да се обезбеди соодветно препознавање и управување со геодиверзитетот и геонаследството на Земјата.

Од тие причини, во текот на месец октомври, 2022 година, Светскиот ден на геодиверзитетот, преку разни настани, семинари, симпозиуми и конференции се одбележа во над 100 држави.

По иницијатива на проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ (УКИМ) во Скопје, Денот на геодиверзитетот беше достојно одбележан и во Македонија, во вид на on-line работилница организрана од Македонското еколошко друштво (МЕД), Македонското географско друштво (МГД) и Истражувачко друштво на студенти географи „Природник“. Во таа смисла, особена благодарност за севкупната организација на настанот, изразувам на д-р Славчо Христовски, претседател на МЕД, д-р Билјана Гичевски, претседател на секцијата за геодиверзитет при МЕД, д-р Билјана Апостоловска-Тошевска, претседател на МГД, д-р Горан Китевски и Бојана Алексова, претседател на Природник.

Преку платформите Zoom и Youtube, работилницата ја следеа преку 100 учесници, а се состоеше од 4 предавања и тоа:

  • Геодиверзитет и геонаследство – географски аспекти (од проф. д-р Ненад Бузјак, ПМФ при Универзитет во Загреб, Хрватска)
  • Објекти на геонаследство – показател на геодиверзитетот на Србија (од проф. д-р Славољуб Драгичевиќ, Географски факултет во Белград, Србија)
  • Пештерите како значаен дел од геодиверзитетот во Македонија (од д-р Марјан Темовски, Институт за нуклеарни истражувања во Дебрецен, Унгарија)
  • Геопарковите како начин на заштита, промоција и одржливо користење на геонаследството (од д-р Ивица Милевски, ПМФ-УКИМ во Скопје, Македонија).

Предавањата може да ги погледнете на следниот линк:

Се надевам дека овој настан ќе прерасне во традиционален и ќе продолжи да се одбележува секоја година, како во светот така и во Македонија, како еден потсетник за геодиверзитетот и неговото, често подзаборавено, но огромно значење.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 172 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *