Делумно затемнување на Сонцето над небото во Македонија

Утре, на 25 октомври 2022 година, ќе се случи делумно затемнување на Сонцето, а појавата ќе трае околу 2 часа. Затемнување на Сонцето се случува кога Месечината се наоѓа помеѓу Сонцето и Земјата, делумно или целосно покривајќи го Сонцето, фрлајќи сенка на мала површина од Земјата. Тоа обично е кога единствениот природен сателит на Земјата е во фаза на млада Месечина.

Над главниот град на Македонија, Скопје, затемнувањето ќе започне во 11:27 часот, својот максимум ќе го достигне во 12:34 часот, а ќе заврши во 13:42 часот.Најголем дел од дијаметарот на Сонцето (над 82 %), Месечината ќе го покрие во Русија, во Источен Сибир, северно од Тјумен. Последното значително делумно затемнување на Сонцето видливо од овој дел на Европа, можеше да се набљудува во 2015 година, иако имаше и во 2021 година со неколку процентна покриеност, односно со слаба забележливост. Следното делумно затемнување на Сонцето, од овој регион ќе може да се види во 2025 година, но исто така ќе биде слабо забележливо, додека позначајно делумно затемнување ќе се случи во 2026 година.Од друга страна пак, последното целосно затемнување на Сонцето видливо од нашиот регион се случи во август 1999 година (Војводина, Бугарија), додека во Македонија, затемнувањето беше околу 80% (подетално видете овде). Следното целосно затемнување на Сонцето од овој дел на Европа ќе биде видливо дури во 2081 година. Од астрономските здруженија предупредуваат дека никогаш не смее да се гледа во Сонцето без соодветен затемнувачки филтер за набљудување.

Користена литература:

  • Милевски И. (2012): Земјата и вселената. Универзитетски учебник, УКИМ.
  • timeanddate.com/eclipse/in/republic-of-macedonia/skopje?fbclid=IwAR1PENx-vS_vKmwYQ7W7UxEhLHZgGN6GOa1TFworcWvcK8ImIgZcEPfCWlo

Изработиле: Бојана Алексова – постдипломец на ПМФ и проф. д-р Ивица Милевски – ПМФ

Оваа статија е прочитана 226 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *