Вулканот Тонга – Најголемата вулканска ерупција во последните 50 години

На 15.01.2022 (сабота) се случи најголемата вулканска ерупција во последните 50 години. Подводен вулкан во близина на островот Тонга беше проследен со силна вулканска ерупција при што во атмосферата беше исфрлен огромен облак од пепел, гас и пареа со височина до 20 km. Ова значеше и опасност од цунами во Тихиот Океан.

Тонга е островска држава во Океанија, поточно во Полинезија, составена од повеќе од 170 острови кои се распространети на океанска површина од 700.000 km2. Островот Тонга има вкупна површина од 748 km2 и од вкупно 176 острови, 52 се населени. Брои население од околу 100.000 жители и главен град на државата е Нукуалофа.

Подводниот вулкан се наоѓа југоисточно од островот Фонуафоу во Тонга, помеѓу два мали острова на околу 2000 m висина од морското дно и на 100 m над морското ниво. Ерупцијата и последователното цунами предизвикале „значителна штета“ долж западниот брег на главниот остров Тонгатапу. Од цунами бил погоден главниот град на Тонга, Нукуалофа. Брановите од цунамито биле забележани илјадници километри подалеку долж западниот брег на Соединетите Држави, потоа во Перу, Нов Зеланд и Јапонија. Во Перу најмалку две лица загинале откако ги зафатиле високи бранови.

Истражувачите велат дека овој вулкан еруптирал редовно во текот на изминатите неколку децении. Така, во 2009 година, ерупцијата била проследена со облаци од пареа и пепел, а ерупцијата во јануари 2015 година има создадено нов остров широк околу 2 km, спојувајќи ги островите Хунга-Тонга и Хунга-Хаапаи. Најновата ерупција започнала во декември 2021 година, со гасови, пареа и пепел кои се издигнале на околу 12 km во воздухот. Вулканот повторно еруптирал на 14 јануари, а силната експлозивна ерупција на 15 јануари предизвикала цунами низ Пацификот, и тоа на најголемиот остров во Тонга, Тонгатапу, со бранови регистрирани до 2 метри, во близина на градот Нукуалофа. Од друга страна пак, брановите од цунамито биле највисоки (до 4 m) во главниот град на Тонга, Нукуалофа, кој е на околу 70 km јужно од вулканот. Предупредувањата за цунами биле вклучени и на островите Фиџи, Самоа и Вануату, делови на Нов Зеланд, Јапонија и Перу, до САД и канадската Британска Колумбија. Во Јапонија биле забележани бранови високи до 3 метри. Дека цунамито било многу опасно и стравично покажува фактот дека брановите биле почувствувани во Калифорнија, Алјаска и на Хаваите. На 16 јануари, облакот од вулкански пепел бил видлив над Фиџи, Вануату и Нова Каледонија и тоа ни кажува дека навистина станува збор за силна вулканска ерупција, поточно за најголемата вулканската ерупција до сега забележана во последните 50 години.

Спектакуларната експлозија на вулканот била проследена со сателитски снимки од неколку сателити кои кружат околу Земјата. Според информациите од NOAA (Национална агенција за океани и атмосфера на САД), оваа ерупција била седум пати помоќна од ерупцијата во декември.

Користена литература:

  1. edition.cnn.com/2022/01/17/asia/tonga-volcanic-eruption-tsunami-explainer-intl-hnk/index.html
  2. www.space.com/tonga-underwater-volcano-stunning-eruption-from-space-video
  3. www.theguardian.com/world/2022/jan/16/pacific-tsunami-threat-recedes-as-volcano-ash-cloud-covers-tonga

Автор: Бојана Алексова – постдипломец на Институт за географија, ПМФ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *