Почитувани,
Истражувачкото здружение на студенти географи „Природник“ беше повторно на терен. Го искористивме саботниот топол ден (26.03.2022) за теренска посета на југозападниот дел на планината Скопска Црна Гора, поточно околината на с. Бањани и долината на Бањанска Река.
Целите на оваа теренска активност беа запознавање на природните вредности и атракции на овој простор, потоа манастирите Св. Никита и Св. Илија, посета на подземните тунели во клисурата, како и пешачење видиковците над Бањанска Река од каде имаше прекрасен панорамски поглед. Покрај преубавата природа, негативно бевме изненадени од деградацијата предизвикана од изградбата на малата хидроцентрала на Бањанска Река, токму во најубавиот дел на клисурата. Оваа теренска активност ја посветивме на Светскиот ден на геодиверзитетот кој ќе се одржи на 30 март 2022 година.
На теренот беа присутни 20-тина студенти географи и професори од Институтот за географија, наши колеги студенти биолози од ИДСБ, студенти од Институт за хемија, како и останати вљубеници во природата.
Искажуваме голема благодарност до нашите почитувани професори д-р Ивица Милевски и д-р Билјана Апостоловска Тошевска за нивното присуство и можноста на терен да не запознаат со вредностите на овој мошне интересен простор, како и за нивната помош при реализација на теренот и убавото дружење.
Воедно, благодарност до сите присутни членови на Природник и останатите гости. Нека се множат теренските активности на Природник и следен пат во уште поголем број, затоа што географијата вистински се учи на терен.
Подготвила: Бојана Алексова, претседател на ИЗСГ „Природник“
Оваа статија е прочитана 1282 пати!