Посета на Крањска Гора, Словенија

Природните убавини, чистотата и екологијата се белези на најеколошка држава во Европа,  тоа е Република Словенија (веќе по трет пат избрана). Географската положба и релјефот и ја подариле божествената убавина на земјата, со што ја прават привлечна за безброј туристи во сите сезони. Словенија се наоѓа во подножјето на Алпите, а се граничи со Италија, Хрватска, Австрија и Унгарија. Идеален регион за конекција со цела Европа и за лесен пристап на сите кои сакаат да ја посетат.Прекрасните и шумовити планини, реките, двете природни езера Блед и Бохињ се белези на кои се горди Словенците. Изобилието на природни термални топли води биле причина за градење на најубавите словенечки бањи (топлице) кои повеќето во денешно време се наменети за рекреативен туризам, а секако дел се и за медицински намени. Најубавите ресорти со термални природни води се наоѓаат токму тука, во Словенија. Поврзаноста на природното зеленило, топлите извори и луксузните ресорти се ретка убавина која може да ја сретнете на друго место. Овде, во Словенија може да избирате од богатата понуда на топлице. Волшебно е, а уживањето е извонредно. Словенија е позната по ски-терените и ски-скокалниците. Словенечките скијачи и ски-скокачи се најдобро котирани и рангирани во Европа, а најпознати скокалници се наоѓаат на Планица. Словенците имаат уште неколку свои белези, а тоа се: крањскиот колбас, словенечките вина, прекумурската гибаница, бледската кремшнита, киселата зелка со свинско месо и грав, на кои словенците се посебно горди. Ако појдете во Словенија, а не пробате од овие специјалитети – тогаш како да не сте ја вкусиле, допреле и доживеале словенечката традиција.Крањска Гора е едно мало планинско место,  мал ски-центар, мала населба која е центарот на општината Крањска Гора и брои само 1500 жители. Мало место, а толку многу нуди за рекреирање и планинарење, што и не можете да претпоставите додека не го посетите. Овде тече Сава Долинка и е на тромеѓе помеѓу Австрија, Италија и Словенија. Голема е мрежата на велосипедски и планинарски патеки кои на места се испреплетуваат и водат покрај живописни предели на Сава Долинка која во течението низ Крањска Гора е толку азурно сина, со подлога од бел ситен карпест камен, така што, пејзажите се впечатливи, импресионирачки и воодушевувачки. Атмосферата е тивка, а амбиентот есенски и разнобоен. Секој ужива во природната убавина, во жуборењето на реката, во нејзините слапови, се движи по обележаните патеки, по дрвените мостови, по висечките мостови, низ шума, по рамните долини или пасишта. Тоа е таква природа која со високата свест на мештаните и посетителите, е недопрена, одржана и негувана.Времето може да ви биде забавно доколку се определите да возите велосипед по патеките низ долините, а можете и да возите адреналински велосипедизам. Може да се качите на боб-санка по шина и да се спуштате од некој врв. Одмор и дишење чист воздух со спектакуларни погледи каде се испреплетува дел од алпскиот масив ви се овозможува на видиковците. До нив може да испланинарите или да се качите со жичарница. Таму можете удобно да се сместите на ресторантските клупи препокриени со јагнешки кожи и истовремено да вкусите од богата понуда на храна, варено вино, кафиња и чај.Исто така можете да кајакарите на диви води или да планинарите низ прекрасните бујни шуми со обележани патеки, а паралелно да ги слушате птиците песнопојци и да уживате. Доколку сакате можете да се движите по самата река Сава Долинка бидејќи во поголемите делови на коритото реката е плитка, широка и има празни зони од ситен бел карпест песок или зрнести каменчиња по кои движењето не е воопшто тешко. Напротив, би рекла е многу посебно, од причина што реката е проѕирно сина, се испреплетуваат сите есенски нијанси и затоа во уникатните спектакуларни планински пејзажи може само да се изнауживате и во вашата глава да редите импресии од слики, на кои ќе се навраќате со задоволство. Можете да поминете и одредено време на езерото Јасна. Околу него е и викенд населбата Јасна како и неколкуте преубави хотели. Исто така можете да си направите пикник со своето друштво и да поминете прекрасен ден во природа, да рибарите или да шетате по планинските патеки околу езерото. Има и адреналински паркови каде може да поминете и позабавно време.Описот преку текстов и не е толку моќен – колку видувањето и доживувањето. Посебно е затоа што Алпите имаат своја магија и таа е различна на италијанската страна, од онаа на француските Алпи, како и онаа од австриската страна. Но, сите места кои гравитираат во нивното подножје се уникатни.

Напишала: Софија Вуловска

Оваа статија е прочитана 256 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *