Турција е пространа, разновидна, провокативна, традиционална, урбана, евроазиска држава. Колку пати и да ја посетите, секоја посета е различно доживување и нова авантура. Уникатна е по многу нешта: по своите езера, планини, рамнини, мориња, згаснати вулкани и нивни формации, долги плажи, богати ресорти, по зачуваното традиционално, етно и културно наследство, по испреплетување на христијанската и муслиманската религија и култура, по грнчарството кое е уметност доведена до совршенство, по ткаените ќилими од волна и свила. Исто така е позната по памук и производи од памук, како: јастуци и јоргани, по кожа и производи од кожа, по благите традиционални вкусови (баклава, локум, кадаиф, сутлијаш, тулумба, татлии, алва, прелиени апетисани со желе), сушени овошја (особено смоква, јаболко, кајсија, а потоа сите останати), по сукани и месени рецепти (различни лебови, ѓевреци, ачми, пиде, симит, јуфки, ѓозлеме, екмек, мантии), телешки и јагнешки донери, грниња полнети со место, сарми-долми, искендер ќебаб, инегол ќофте, перде пилав, езо(гелин) чорба и што уште не. Предолга е листата со нештата кои се белег на Турција и кои се провокација за милиони туристи од сите страни на светот. Атракциите во Турција не се само Истанбул на Босфор, шопинг низ познатите молови, морските брегови, ресортите и плажите, туку и во внатрешноста на државата, во сите нејзини региони. Турција е поделена на 7 региони и секој регион има свои белези и карактеристики. Анадолија е интересен регион, многу специфичен и уникатен и затоа е привлечен за многу туристи. Централна Анадолија е второто стојалиште на туристите кои доаѓаат во Турција, а единствената причина за оваа станица е Кападокија.Во срцето на Анадолија е лоцирана Кападокија „земјата на убави коњи“, музејот под отворено небо ставена на листата на УНЕСКО од 1985 год. Таа е 700 km оддалечена од Истанбул, 300 km од Анкара и 70 km од Кајсери. Регионот е сместен помеѓу три згаснати вулкани, кои пред повеќе од 3 милиони години го „треселе“ анадолиското подрачје, а чии наноси од лава, под влијание на силни песочни бури, ветрови и дождови оформиле уникатни и фасцинантни формации кои денес се атракција за најмалку еден милион туристи годишно.Пејзажите во Кападокија се уникатни и единствени. Прва е на ранг листата по балоните на топол воздух. Подрачјето е единствено и совршено за летање со балони од кои се пружа поглед на белиот карпест палеовулкански релјеф. Богата е историјата на овој регион на кој се испреплетувале римската, византиската, античката, османлиската култура, а потврда дека овде постоел живот уште од II и III век. п.н.е. се денешните остатоци од подземните градови, повеќе од 2000 цркви во вулканските карпи во кои можете да ги видите најубавите цртежи од раната средновековна христијанска црковна уметност, манастирите, скривалиштата кои ги формирале со примитивно оружје длабејќи ги во карпите. Денес, атракцијата да биде уште поголема, во тие вдлабнатини се отворени ресторани, хотели, кафетерии и продавници со рачно изработени автентични уникати од волна, глина, накит од сребро и од полудрагоцени камења и сл. Сите хотели имаат отворени тераси на кои се нуди можност да се испие турско кафе или чај, да се појадува или руча – со спектакуларен поглед. Поглед кон изгрејсонце или зајдисонце и небо преплавено со разнобојни балони кои летаат на небото. Задоволството е огромно, адреналинот присутен, а пред очите е фасцинантна сликата која не се повторува на ниту едно место на планетава, затоа што слично место на Кападокија, не постои.За туристите да поминат „full“ исполнето време, локалното насаление се потрудило да понуди многу атракции. Летот со балон веќе го споменавме и тоа е на врвот на листата адреналински и несекојдневни доживувања. Балоните се белегот на Кападокија, да не речам заштитниот знак. Потоа, на изгрејсонце можете да уживате во сафари со коњи или со АТВ мотори (четирицикли) или можеби со велосипед. Уживањето е различно, а и едното и другото сафари имаат своја убава димензија. Доколку сте љубители на велосипед, убавините на карпестите ридови со формации во различни облици и форми можете да ги разгледате возејќи се на велосипед (класичен или двосед). Поинакво е искуството и доживувањето со „џип сафари“, тоа значи со теренско возило помеѓу карпите, помеѓу пошироките процепи, по изразени удолнини или по угорнини меѓу карпестите облици. Трасата е оформена за туристичко доживување и верувајте, единствено е.Ви се нудат т.н. зелена и црвена тура кои ги вклучуваат сите факултативи низ Кападокија. Имате прошетки и качувања по една од најубавите долини во Кањонот на небото – Деврент, во чии карпи има остаток од карпеста црковна уметност која датира од 3 и 4 век. п.н.е. Може да си изнајмите „олд тајмери“ кабриолети во кои ќе направите фотографии на кои секој ќе ви позавиди. За импресиите да бидат комплетни, овде мештаните се сетиле како да ги задоволат туристите – се разбира со гастрономска локална понуда. На самата река, од дрво се направени платформи каде може да седнете во турски стил, со скрстени нозе, на рачно извезените перници со етно мотиви и да испиете чај и кафе, или да ручате риба во комбинација со жито и салата. Се разбира не е само тоа во понудата, може да вкусите се од нивното локално традиционално мени.Потоа имате посета на два најголеми сочувани подземни града во Турција: Кајмакли и Деринкуј, посета на Црвената долина, на Долината на монасите, на Ѓореме – музејот под отворено небо каде се наоѓаат најрано сочуваните цртежи (фрески) од ранохристијанската фаза од 2 и 3 век п.н.е., погледот кон стариот замок Учхисар, Аванос со познатите приватни работилници за изработка на најквалитетната грнчарија, Долината на фантазијата, Ургуп итн. Секоа прошетка е целодневна до 17.00 часот, затоа во понудата е платен и ручекот. Имате кратко време за одмор и потоа се планирани вечерните активности: традиционална дервишка вечер, турска вечер со традиционални танци и трбушни танци, наргиле, изведба од турски познати или помалку познати пеачи, понуда на традиционални јадења и напитоци во пештерските ресторани. Доколку го земете сето ова во предвид, тогаш имате згарантирано уживање во уникатната Кападокија.Во Кападокија секогаш е забавно, има адреналин, несекојдневни можности и задоволства. Ако на тоа се додаде љубезноста на населението, кое е извонредно организирано само туристите да бидат задоволни, ако се земе во предвид и нивната насмевка и гостопримливост, значи имате безброј причини зошто би ја одбрале Кападокија за туристичка десстинација. Кападокија е најубава во пролет кога карпестиот релјеф се испреплетува со зеленило и во рано есенските месеци кога времето е доволно топло, а ниту малку ладно, мирно и тивко, без ветер, за да може балоните мирно да летаат и комотно да се планираат сите факултативи. Во овие месеци просечната температура не е повеќе од 24 степени што е идеална за прошетки. Моја топла препорака е Кападокија за посета зашто е уникатна со само за неа својствени убавини.
Напишала: Софија Вуловска