Рамна, пространа, зелено-жолта, чиста и преполна со свежина и чист воздух. Некогашното Панонско море оставило плодна почва на која лежи денешна Панонија. Оваа површина денес ја храни цела Србија и пошироко во регионот. Географските региони Бачка, Банат и Срем се белегот на Војводина дополнет со големиот и пловен Дунав. Дунав низ Србија е во должина од 588 km и поголем дел се разбира e со течение низ Војводина. Убавина, ширина и убав амбиент насекаде. Првпат ја посетувам Војводина и решив да бидат вклучени сите нејзини делови: Фрушка Гора, Бачка и Срем.Фрушка Гора e на само 25 km од Нови Сад. Од урбана зона, на толку кратка километража влегувате во зона од листопадно- зимзелени шуми, на полјани со шумски цветови, зона со птици песнопојци. Овде националниот парк има многу природни богатства, голем број на реки и водопади, шумски патеки за планинарење, видиковци, одморалишта со дрвени клупи и маси. Мене целта ми беше посета на преубавиот комплекс „Врдничка кула“, кој опфаќа хотел, комплекс од луксузни брвнари, етно ресторан кој е прилично голем и е во склоп на т.н. етно населба дополнет со летниковци и забавни мини паркови за деца. Сите објекти се изградени од дрво, дополнети со фантастично декорирани огради во комбинација од дрво и дизајнирано ковано железо. На одредени места има одморалишта со дрвени клупи и маси, за одмарање и уживање, за посетителите да се освежат со некаков пијалок. Патеката ве носи директно до Кулата која има своја историја, а сега во неа има метални скали кои водат до врв од каде има преубав поглед кон месноста Врдник и Фрушка Гора. Тоа е хоризонт од зелена и сина боја. На кулата има два отвора, кои наликуваат на прозорци, а од нив има можност за сегментирани погледи. Местата се добри позиции за фотографирање. Овде на Фрушка Гора луѓето доаѓаат за планинарење, пешачење, за да допрат до недопрената природа, за изворите, реките, водопадите, до го доживеат погледот на хоризонтот, да седнат на ручек во етно населбата Врдник или попатно на некој друг салаш на отворено. Веднаш до етно комлексот се наоѓа и хотел со кој има спа центар и располага со базени со топли термални води. Хотелот нуди екстра услуга, современ и модерен амбиент, голема тереса со спектакуларен поглед на Фрушка Гора.Фрушкогорските манастири се уште еден сегмент на оваа планина. Не случајно ја нарекуваат грчки Атос. На Фрушка Гора има околу 16 манастири кои се исклучителни сведоци на одредена историја, на православието и истите се дел од српската православна црква. Тие влегуваат во културното наследство на Србија и се споменици на културата кои се негуваат, се одржуваат, реставрираат и облагородуваат за да останат наследство на генерациите во иднина. На Фрушка Гора може да планирате и летен и зимски одмор, планината нуди чист воздух, рекреација, спорт (планинарење, пливање), базени, спа и термални центри. Ова е исклучително место за релаксација од каде може да се вратите комплетно ревитализирани.Бачка – спој на традиција од австро-унгарска култура, испреплетување на јазични и историски култури (српска, хрватска, унгарска, словенечка) и згора на ова кога ќе се дополни природната убавина – добивате уникатна регија која ве мами со сите свои придобивки. Од оваа регија ги посетив: Келебија, Сомбор, Суботица, Паличко езеро со својот природен резерват на животни, како и лозовите полиња, особено познатата винарија на единствениот Звонко Богдан. Сите се исклучителни места кои ги посетуваат многу туристи од цел Балкан и пошироко. Сите имаат своја уникатна убавина, зависи кој посетител во што сака најмногу да ужива иако регионот е најпознат по добра храна и специјалитети од месо и по дегустирање различни сорти вина. Овде хедонистички се поминуваат деновите по познатите војводински салаши.
Нови Сад, Петроварадин, Сремски Карловци – тивко и ненаметливо живеење, кулурно и отмено во една еколошки чиста средина, со широки улици и тротоари паркови и реки, ова се главните белези на наведените градови. Толку содржини се нудат, толку спокојно живеење се нуди, толку чистота се нуди – која можам со сигурност да тврдам дека секој жител на насалено место би ја посакал. Нови Сад е втор град по големина во Србија, веднаш после Белград, а замислете, градот со околината брои 345.000 жители, за разлика од Белград кои со Земун брои 2 мил. жители. Многумина сакаат да излезат од гужвата и бучавата и да живеат смирено и спокојно. Нови Сад со Петроварадин и Сремски Карловци навистина го нудат тоа.Во Војводина е се широко, не ги гушат градовите со новоградби и не прават концентрирани населби од бетон. Ако на ова се додаде старата оставнина која е автентична и дел е остаток од австро-унгарскиот период, навистина овој дел ги восхитува посетителите од било кои краеви на Србија и пошироко од Балканот, а и од други европски земји. Луѓето овде се многу пријателски и пријатно расположени за се што ќе прашате или замолите, со широка насмевка на лицето ќе ви објаснат. Тоа е белег на смирено и задоволно живеење. Овде изборот на содржини е огромна, почнувајќи од главното шеталиште и плоштадот Слобода, кои би рекла се доминантни во ценатрот на Нови Сад. Католичката катедрала која датира од 14 век е импознтна и е вистински украс во центарот, се разбира и сведок на едно време. Дунав-паркот сред центарот на Нови Сад, иако не е преголема површина е доволна за оние кои ако сакаат оддишка во зелена оаза, а и за млади роители со мали деца е добредојден. Преку Дунав се качувате на Петроварадинската тврдина која ви е истовремено и парк и шаталиште и одморалиште со ресторани и кафетерии и се разбира најглавното, таа е место со прекрасен поглед кон Дунав. Доколку сте љубител на добра храна и вино, ја имате таа вистинска можност со поглед. Продолжете кон Сремски Карловци и таму ве чекаат безброј винарии, некаде може да дегустирате и прошетате низ нив за да го дознаете процесот на производство, некаде имате само продажен дел да си купите вино. Ресторани во склоп на винариите се реткост. Храна ќе побарате на друго место, а каде ако не на некој салаш. Во околина на Нови Сад ги има безброј и сите се уникатни на свој начин, распослани на зелени тревни површини, со дрвени клупи надвор, со езерца или фонатани, со задолжителни игротеки за деца и мини золошки центри.Оваа репортажа за Војводина се надевам ќе ве мотивира да ја посетите, доколку до сега не сте имале можност и време да го направите тоа.
Напишала: Софија Вуловска
Оваа статија е прочитана 289 пати!