17.04.2012
Иако од поодамна е познато дека здравјето, односно неговото нарушување е често поврзано со одредени географски региони и области, дури неодамна, со напредокот на науката и техниката овие врски станаа многу појасни. Делумно како последица на тие сознанија се издвои и една посебна дисциплина наречена медицинска географија. Денес, медицинската географија доаѓа до интересни сознанија во однос на влијанието на географските фактори врз појавата, зачестеноста и ширењето на заболувањата, често користејќи се со модерни ГИС технологии.
Инаку, врз квалитетот на здравјето влијаат бројни природни и социогеографски фактори за кои често не сме ниту свесни. Така, од природно-географските фактори, свое значење имаат геолошко-минеролошкиот состав на подлогата и на земјиштето, морфологијата на теренот, карактеристиките на климата, хидрографијата и биогеографските одлики.
Влијанието на геолошко-минеролошкиот состав на подлогата и на земјиштето е многу значаен фактор за здравјето односно за одредени здравствени ризици. Така, разни подрачја во светот, но и во Република Македонија се одликуваат со карпи и почви во кои има слаба застапеност на одредени минерали и елементи важни за здравјето како: селен, магнезиум, јод, цинк, калциум и други. Често, намалената застапеност на некои од наведените елементи во почвата се должи на претерана ерозија, исплакнувањето и однесувањето на тие материи. Затоа не е случајно што одредени заболувања како оние поврзани со тироидната жлезда (поради дисбаланс на јод), со кардиоваскуларниот систем (делумно поради многу ниско ниво на магнезиум и калиум) и многу други, обично имаат географска основа (1). Обратно, има и региони каде поради соодветна застапеност на споменатите елементи, некои заболувања се многу поретки или „непознати“. На Земјата има и подрачја каде природно или како последица на антропогени влијанија има висока застапеност на елементи кои се непогодни, па дури и токсични од здравствен аспект (арсен, тешки метали, радиоактивни минерали)(2). Не случајно се повеќе се користи таканареченото органско производство со „природно“ ѓубрење на почвата, а во многу земји стрништата не се палат, туку се оставаат природно да минерализираат во почвата (3).
Релјефот на многу начини влијае врз здравјето, главно индиректно. Така, постојат разлики помеѓу низинските и планинските подрачја, потоа помеѓу рамничарските и наклонетите терени или пак разлики во однос на експозициите. На нашите географски широчини, јужните експозиции се поосончани, потопли, посуви и погодни, зарди што всушност се многу понаселени во однос на северните експозиции. Се знае дека на присојните експозиции, подолгото осончување придонесува до поголема концентрација на серотонинот и мелатонинот, кои пак имаат улога врз подобро расположение и поздрав сон. На стрмните терени без шумска вегетација (најчесто со јужна експонираност), ерозијата може да биде силна и да доведе до плакнење на минералите и микроелементите од почвата. Понатаму, тие се помалку застапени и во културите или растенијата кои се одгледуваат и користат на тој простор, што во крајна линија обично влијае врз квалитетот на здравјето. Во однос на морфологијата, обично добро „затворените“ котлини се понепогодни од здравствен аспект, отколку проветрените подрачја. Во Македонија, во однос на морфологијата на релјефот, најздрави подрачја се оние со среден наклон, југозападна и јужна експозиција и апсолутна височина од 500-1200 м.
Климата исто така има извонредно влијание врз здравјето. Разните истражувања покажале дека поздрави се областите со умерена влажност, во однос на многу влажните или многу сувите предели. Воедно, приморската „балансирана“ клима е многу поздрава од континенталната која има големи сезонски и дневни осцилации на температурите, што е една од причините за подолг животен век во приморските региони. Особено влијание врз здравјето имаат топлотните и студените бранови, кои се смета дека ќе бидат се поизразени со трендот на глобално затоплување. Составот на воздухот секако е еден од најбитните елементи кои влијаат на здравјето. Загадениот градски воздух со големо количество на аерополутанти и неповолен состав е значаен ризик фактор (4). Спротивно на тоа е планинскиот воздух со поголемо учество на кислород и некои ретки гасови кои создаваат природни воздушни „бањи“. Поновите истражувања покажуваат застапеност на одредени заболувања во подрачја кои се слабо осончани, а исти такви заболувања речиси отсуствуваат во тропскиот појас или во подрачја со голема осончаност во текот на годината. Се смета дека тие заболувања и нарушувања се поврзани со продукцијата на витаминот D во организмот кој има многу важна одбрамбена функција (5). Дури и некои стресно-депресивни нарушувања се поврзани со региони на Земјата кои се одликуваат со мала осончаност, а причините повторно лежат во продукцијата на сератонинот и мелатонинот (6). Од друга страна, со нарушувањето на озонската обвивка и посилниот продор на ултравиолетово зрачење до површината, осончаните региони стануваат потенцијално ризични во услови на претерана или долготрајна изложеност на сонце (појава на сериозни заболувања на кожата). Затоа се укажува на толерантна изложеност на сонце, која во зависност од положбата на сонцето и типот на кожата треба да биде од 10-тина минути до најмногу 1 час (7). Од сето претходно би произлегло дека во Македонија, од климатски аспект особено „здрави“ подрачја се Дојранско, Гевгелиско-валандовско, Преспанско, Охридско, Мавровско, Беровско, Паланечко и други.
Влијанието на хидрографијата и на водата како географски фактор врз здравјето, несомнено е многу големо и очигледно. Овде повторно постои испреплетеност со претходно споменатите фактори, така што квалитетот на изданската или изворската вода која се користи за пиење, во многу зависи од геолошко-педолошкиот состав низ кој поминува и антропогените влијанија во тој простор. Најтипичен пример е што делумно како резултат на различниот хемизам на водата, некаде кариесот е многу позастапен во однос на други места. Дури има истражувања кои покажуваат многу голема поврзаност помеѓу општото здравје и составот на водата која се користи за пиење или наводнување (8). Всушност, близината до квалитетна и чиста изворска или речна вода, значи и потенцијално подобро здравје. Овде треба да се споменат и термалните, термоминералните и минералните извори кои имаат терапевтски или „лековити“ својства. Доколку се добро уредени и искористени, истите имаат и соодветна здравствена функција. Од хидрографските објекти, посебно значење за здравјето имаат морињата, бидејќи растворените соли и минерали од водата се распрснуваат во воздухот и доспеваат до човековиот организам, поволно делувајќи на многу аспекти. Морињата директно или индиректно влијаат врз други фактори (клима, растителен и животински свет), а преку нив и врз човекот.
Влијанието на растителниот и животинскиот свет (биогеографски фактори) се исто така значајни за човековото здравје. Тука особено се мисли на растенијата и животните кои се користат за исхрана, односно директно се внесуваат во човековиот организам. Факт е дека поради антропогените влијанија врз почвите, воздухот и водата, се менува и количеството на некои хемиски елементи во растенијата и животните, што најчесто има негативно влијание врз здравјето. Во таа смисла, растителните и животинските продукти се многу пополезни доколку потекнуваат од „почисти“ региони, подалеку од градските или индустриските центри. Генерално, приморските региони кои во значителна мерка користат морска храна се „поздрави“ отколку останатите подрачја. Слично е и со подрачјата каде во исхраната најчесто се користи маслиново масло со многу зеленчук и овошје (медитеранска исхрана). Во некои пак делови на светот, во исхраната се користат растенија со многу полезни својства, па и таму здравјето и долговечноста се поизразени. Така, во делови на Јужна Азија каде често се користи зачинот кари (turmeric), некои заболувања се многу поретки. Дури неодамна е потврдено дека овој зачин претставува „суперхрана“ одлична за здравјето (9). Слични примери има во разни делови на светот. Но поволното дејство на растенијата не е само преку храната. На сите ни е познато каков „терапевтски“ ефект имаат шумите, особено иглолисните, заради што и се препорачува барем повремен престој во шума. Во многу држави, излетот или планинарењето во шумски подрачја стануваат се помасовни, а ваква тенденција полека но сигурно доаѓа и во Македонија.
Извори:
(1) http://soilandfood.org/
(2) http://www.soilandhealth.org
(3) http://www.sciencedaily.com/releases/2006/03/060322141021.htm
(4) http://www.ciesin.org/docs/001-338/001-338.html
(5) http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/19453805
(6) http://www.medicinenet.com/script/main/art.asp?articlekey=50592
(7) http://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/21084183
(8) http://www.who.int/water_sanitation_health/dwq/en
(9) http://www.evenbetterhealth.com/Organic-Turmeric.php
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 13341 пати!