26.07.2019
На денешен ден пред точно 56 години утрото во 5 ч. 17 мин. се случил силен земјотрес во Скопје. 26ти јули 1963 година ќе остане ден длабоко врежан во сеќавањето на многу поколенија, кои ќе се претопуваат во раскази за силниот земјотрес кој го разурнал Скопје. Епицентарот на овој земјотрес е во близина на с. Бразда, со магнитуда 6.1 степени според Рихтеровата скала. Макросеизмичките ефекти на земјотресот имале катастрофални последици за жителите и градбите во Скопје. Затекнати на спиење или бегајќи панично надвор по силниот удар од земјотресот, загилале 1070 жители, а 3330 биле повредени. Ноќта пред земјотресот, животните во градската зоолошка градина биле силно вознемирени, а на кејот покрај реката Вардар излегле глувци, стаорци и змии. Утрото пред земјотресот и во зградата на Народната банка биле излезени голем број на глувци и стаорци. Била забележана и силна вознемиреност кај домашните животни пред и за време на земјотресот на многу места во градот.
Според директните набљудувања и сите други податоци, земјотресот имал максимален интензитет од IX степени од според Европска макросеизмичка скала од 1998 година (EMS-1998) на три подрачја.
Првото подрачје се протегало од селото Злокуќани до Зајчев Рид (урнатата зграда на Астрономската опсерваторија), потоа во населбата Бутел, на северозападните падини на Гази Баба, во центарот на стариот дел на градот, на Кале и во населбите Идадија и Карпош. Покрај уривањата и оштетувањата на зградите, куќите и трансформаторските станици, во ова подрачје се јавило изразито пукање на алувијалните почви, лизгање на земјиштето, матење на водата и промена на нивото на водата во бунарите.
Второто подрачје се наоѓало источно од градот Скопје, во подрачјето на тогашната општина Петровец. Во оваа општина се урнале 269 куќи, а 874 биле оштетени. Најголеми уривања и штети настанале во селата Белимбегово, Идризово, Јурумлери, Марино, Бунарџик, Кадино, Петровец, Огњанци, ‘Ржаничино. Покрај ова, во од 9-те извори на Катлановската Бања, во 3 се намалил добитот на водата, а кај некои се зголемил, при покачување на температурата на водата за околу 50С. Во сите овие села и околните подрачја биле набљудувани: пукнатини на тлото, избивање и матење на вода, лизгање и одронување на почва.
Третото подрачје се протегало во слабо населени или воопшто ненаселени места северно, северозападно и североисточно од градот Скопје. Многу од трафостаниците во ова подрачје биле многу повеќе оштетени од некои подрачја на градот.
Сите пукнатини јавени при земјотресот биле во алувијалните наслаги на почвата. Најголемиот дел од нив се протегал долж правецот NW-SE, а некои долж правецот E-W. Нивната должина изнесувала околу 200 m, а ширина – од 1 до 10 cm. Пукнатини во цврсти стенски маси не се набљудувани, освен на јужниод обод на Скопска Црна Гора во близина на с. Мојанци со должина од околу 60 m и површински видлива.
Најмногу уривања настанале на пониските и постарите згради и куќи. Проценките се дека околу 43% од сите објекти во Скопје биле урнати, а 38% тешко биле оштетени. Високите армирано-бетонски конструкции и другите современи градежни објекти претрпеле мали штети.
Се урнале и јавни објекти како Народната банка, Офицерскиот дом, хотелот “Македонија”, Поштата, Железничката станица, Женската гимназија, зградите на Универзитетот и Народната и универзитетска библиотека, трите театри и многу други.
Земјотресите во Скопската котлина настануваат во услови на меѓусебна тектонска поврзаност на планините Скопска Црна Гора и Водно. Скопска Црна Гора, под дејство на постојаните сили на напрегања во насока W-NW, сé уште се развива, за разлика од стабилното Водно. Поради ова, на подземниот контакт на овие две планини (над којшто се наоѓа Скопската котлина и градот Скопје) постојано дејствуваат и се акумулираат тектонски напрегања. Кога силите на овие напрегања ја надвладуваат силата на триење на блоковите на Скопска Црна Гора и Водно, овие блокови претрпуваат нагло релативно придвижување долж нивниот контакт, предизвикувајќи со тоа земјотреси.
Литература:
- Д. Хаџиевски, Сеизмичност на територијата на С. Р. Македонија, Сеизмолошка опсерваторија, на Универзитет ″Св. Кирил и Методиј″ – Скопје, Скопје, 1976.
- Љ. Јордановски, Л. Пекевски, В. Чејковска, Д. Черних, Б. Христовски, Н. Василевски, Основни карактеристики на сеизмичноста на територијата на Република Македонија, Универзитет ″Св. Кирил и Методиј″, Природно-Математички факултет, Сеизмолошка опсерваторија, Извештај бр. 1998-01, Скопје, 1998.
- М. Арсовски, Н. Грујиќ, Д. Гојгиќ, Сизмогеолошки истражувања на Скопската котлина и на гратското подрачје Скопје, Геозавод Белград─Геозавод Скопје, 1964.
Подготвиле:
- д-р Јасмина Најдовска
- д-р Катерина Дрогрешка
- д-р Драгана Черних-Атанасовска
(вработени во Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје).
Оваа статија е прочитана 5201 пати!