И по 50 години од првото човечко спуштање на Месечината, дел од луѓето се скептични дека тоа се случило!

26.07.2019

Ова лето е преполно со неверојатни настани поврзани со Вселената. Така, деновиве светот ја слави 50-годишнината од првото спуштање на човечки екипаж на Месечината, изведено од страна на Нил Армстронг и Едвин (Баз) Олдрин. Слетувањето на Месечината ја означи кулминацијата на Американската програма на вселенски летови со човечки екипаж, а САД се позиционира како светски лидер во науката и технологијата. Педесет години подоцна, светот се сеќава на историската мисија и нејзиното влијание врз општеството и науката, а истовремено и на моќната изјава на Нил Армстронг, која гласеше: “Ова е мал чекор за човекот, а огромен за човештвото”. По повод годишнината, бројни институции во САД организираа свечености посветени на првото слетување на човекот на Месечината. НАСА, најбогатата вселенска агенција во светот, ја одбележа годишнината со објавување на интернет, на целосната снимка од лансирањето, давајќи им шанса на младите генерации да го гледаат историскиот момент, што пред 50 години го следеа половина милијарда луѓе. Мисијата “Аполо” била од извонредно значење не само во Американската, туку и во светската историја, а НАСА, посветила огромно внимание и финансии за неа. Така, на 17-те „Аполо“ мисии работеле посветено околу 400.000 луѓе, а вкупниот буџет изнесувал тогашни 25 милијарди, или во денешна вредност (2019 година) фантастични 230 милијарди долари, што ја прави апсолутно најскапа мисија во човековата историја!

Вселенското летало Аполо 11, било лансирано на 16 јули 1969 година, од космодромот Кејп Кенеди во САД. Екипажот бил составен од Нил Армстронг, Мајкл Колинс и Едвин (Баз) Олдрин. На 20 јули, Нил Армстронг и Едвин Олдрин се спуштиле на Месечевата површината со што ги направиле првите „месечински“ чекори во историјата на човештвото (за тоа време Мајкл Колинс во модулот орбитирал околу Месечината). Повратното патување до Земјата започнало на 24 јули 1969 година, а екипажот се спуштил во Тихиот Океан. Со оваа мисијата, тие ја зацврстија позицијата на САД како водечка вселенско-технолошка сила, со постигнување на навидум невозможна цел за навидум невозможен временски рок. Оваа мислија првично била потикната од ривалството на САД со Советскиот Сојуз, а сега се памети како иконичен момент низ целиот свет. Аполо 11, всушност ја исполни визијата на Американскиот претседател Џон Кенеди за освојување на Месечината од страна на САД, пред Советскиот Сојуз, односно до крајот на 1960-тите.

Од мисијата „Apollo“

Без оглед на сето претходно, одреден процент од светското население е скептично околу тоа дека Нил Армстронг бил првиот човек кој стапнал на Месечината. Уште од 1970-тите, НАСА постојано дава свои објаснувања и докази за успешноста на мисијата, но сепак, разните теории на завера како да се зацврстуваат. Меѓу нив, најактуелна е онаа дека слетувањето на Месечината било снимено во некое од холивудските студија и дека воопшто не се случило. Некои дури се убедени дека тогаш НАСА немала искуство, ниту пак технолошки вештини за да ја изведе мисијата, а доколку имала, космонаутите би биле спржени од космичките зраци. Се споменуваат и „доказите“ со чудните сенки од разни правци забележани на првите снимки од Месечината, потоа виорењето на Американското знаме во услови кога нема воздух, снимките со темно небо без ѕвезди и слично. Од друга страна пак, постојат докази кои го тврдат спротивното, а за да биде уште поуверливо, во 2009 година НАСА испратила сонда да кружи околу Месечината, која испратила снимки од стапки и траги од тркала на површината. Како и да е, се чини сигурен факт е дека човекот некогаш стапнал на Месечината, а дали тоа било со Аполо 11, или некоја од подоцнежните 5 мисии, оставаме на вас да одлучите во што ќе верувате.

Извор: www.bbc.com/news/world-us-canada-49060410

Изработила: Бојана Алексова

Оваа статија е прочитана 5246 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *