Почитувана јавност,
- Мал чекор за граѓанско-научното дејстување, но голем исчекор за македонското мирољубиво истражување и употреба на космосот:
Денес, на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа заедничка свечена седница на Меѓународниот комитет на КОСМИЧКОТО ДВИЖЕЊЕ и на Македонското КОСМИЧКО ДРУШТВО при МКД – Битола, со што се одбележа официјалниот почеток на Граѓанската космичка агенција на Македонија. Со ова означуваме еден нов граѓански и научен пристап во вселенските активности на Македонија, додека агенцијата која е прва од ваков вид е значаен чекор кон граѓанско-научно вклучување во мирољубивото истражување и употреба на вселената.
- За Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД – Битола):
Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) – Битола е единствената меѓународна невладина организација во светот која се залага за:
- намалување на космичкиот јаз;
- воспоставување на систем за правична дистрибуција на добробитта од истражувањето и употребата на космичкото пространство;
- дисеминација на меѓународното космичко право, науки и технологии; и
- пресметка на космички индекс.
Во рамки на својот мандат, Движењето иницира основање на Национални КОСМИЧКИ ДРУШТВА – здруженија кои ги обединуваат граѓанските ресурси во земјите без национални космички органи или тела, како што е примерот со Македонија, со главна задача да дејстуваат како граѓанска космичка агенција; додека во земјите со вселенски капацитети и функционални национални космички органи или тела, главна задача им е да ги обединат своите ресурси со цел дејствување како граѓански агенции за меѓународен развој од космичките благодати.
Во овој момент, Движењето функционира со угледни Национални кореспонденти од 10 држави: Албанија, Белгија, Чешка, Македонија, Франција, Црна Гора, Романија, Србија, Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска, и Уганда.
- Граѓанската космичка агенција на Македонија:
Во согласност со Договорот за основање на Национално КОСМИЧКО ДРУШТВО склучен помеѓу Меѓународниот комитет на Движењето и македонскиот вселенско-невладин сектор, денес беше официјализирано првото Национално КОСМИЧКО ДРУШТВО за територијата на Република Македонија кое дејствува како Граѓанска космичка агенција на Македонија.
Македонското КОСМИЧКО ДРУШТВО при МКД – Битола без поделби и предрасуди ги обедини сите македонски граѓански организации кои се активни во вселенските активности, и тоа:
- МАКЕДОНСКО АСТРОНОМСКО ДРУШТВО (МАД) – Скопје;
- Здружение СКОПСКО АСТРОНОМСКО ДРУШТВО (САД) – Скопје;
- МИД – Македонско ИСТРАЖУВАЧКО ДРУШТВО – Скопје;
- Македонски СТУДЕНТИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ ОД КОСМОСОТ (МК-СИРК) – Скопје;
- Здружение за вселенски развој ИНТЕРНЕШНЛ СПЕЈС АЛАЈНС (ИСА) – Кичево.
- Одлуки донесени на свечената седница:
Седницата ја отворија Претседателот, проф. д-р Гордана Апостоловска и Генералниот секретар на МКД – Битола, м-р Александар Ташковски, по што следеше работниот дел на кој беа донесени следните одлуки:
- Потврден е изборот на проф. д-р Ивица Милевски за Претседател на Македонското КОСМИЧКО ДРУШТВО;
- Утврден е начинот за усвојување на План и Програма за работа на Граѓанската космичка агенција на Македонија;
- Друштвото е овластено да го спроведува образовниот проект за примена на правните и научно-техничките аспекти на истражувањето и употребата на космичкото пространство во македонскиот образовен систем; и да продолжи со дисеминација на меѓународното космичко право, науки и технологии;
- Поднесена е Иницијатива до Претседателот, Собранието и Министерството за надворешни работи за:
- повторно вклучување на Македонија кон правниот режим на космосот и кон релевантните меѓународни организации;
- достоинствена примена на меѓународното космичко право во македонскиот поредок; и
- утврдување на македонска надворешна политика за космичките работи на човештвото.
- Oрганизирање на тркалезна маса со сите релевантни физички и правни лица за основање на македонска државна вселенска агенција.
На свечената седница учествуваа делегации од сите посочени невладини организации, и присуствуваше колегата Игор Црња, Заменик-претседател на Факултетското студентско собрание при Природно-математичкиот факултет (ПМФ), додека Деканот на ПМФ, проф. д-р Даворин Трпески го поздрави настанот и посака среќна и успешна работа.
- Јавен повик до граѓаните и научниците:
Македонското КОСМИЧКО ДРУШТВО при МКД – Битола кое работи и под името Граѓанска космичка агенција на Македонија, со особена чест и задоволство ги повикува сите граѓани, колеги, научници, професори, стручњаци, студенти, ученици, ентузијасти, пријатели и добронамерници на вселената да се приклучат и да го дадат својот придонес кон развојот на македонското мирољубиво проучување и ползување на космосот.
- Јавен повик до надлежните органи и носители на функции:
Ги повикуваме Собранието и Претседателот на Р. Македонија:
- да ја разгледаат поднесената Иницијатива;
- да го овозможат повторното вклучување на Републиката кон правниот режим на космосот и релевантните меѓународни организации;
- да се утврди македонска надворешна космичка политика;
- да го ратификуваат меѓународното космичко право; и
- да се отпочне процедурата за основање на Македонска агенција за космосот.
- Истражувањето и употребата на космосот е надлежност на целото човештво:
И ние, македонските граѓани имаме слобода за истражување на вселената и право на пристап до благодатите од проучувањето и ползувањето на космичкото пространство.
Време е државата тоа достоинствено да го признае, почитува, применува, гарантира и заштитува.
Со почит,
Македонско КОСМИЧКО ДРУШТВО при МКД – Битола
П Р Е Т С Е Д А Т Е Л
Проф. д-р Ивица Милевски
14 јули 2025 година
Град Скопје, Р. Македонија
- Официјална веб-локација: https://cosmics.world/
- Фејсбук страници: https://goo.su/GX43 и https://rb.gy/m88pme
- Инстаграм профил: https://www.instagram.com/international_cosmic_movement/
- ЛинкдИн профил: https://www.linkedin.com/company/the-cosmic-movement/
Оваа статија е прочитана 98 пати!






