Афел (aphelion) и перихел (perihelion) се термини кои ја опишуваат најголемата и најмалата оддалеченост на Земјата од Сонцето. Земјата е најдалеку од Сонцето (афел) отприлика две недели по летниот солстициум, односно околу почетокот на јули. Наспроти тоа, Земјата е најблиску до Сонцето (перихел) отприлика две недели по зимскиот солстициум, обично на почетокот на јануари. Во 2025 година, перихел ќе настапи на 4 јануари, кога Земјата ќе биде оддалечена 147,1 милиони километри од Сонцето. Ова е разлика од околу 5 милиони километри во споредба со афел. Афел ќе се случи на 3 јули 2025 година, кога Сонцето ќе биде оддалечено 152,1 милиони километри од Земјата. Иако разликата од 5 милиони километри изгледа голема, треба да се има предвид дека ова е само мал дел од вкупното растојание меѓу Земјата и Сонцето, кое е во просек околу 149,6 милиони километри. Поради оваа мала релативна разлика, растојанието до Сонцето нема значително влијание врз климата или годишните времиња.
Зимскиот солстициум се случува околу 21 декември и го означува најкраткиот ден и најдолгата ноќ во годината на северната хемисфера. Во овој момент, Земјината оска е наклонета така што северната хемисфера е најоддалечена од Сонцето. Овој наклон предизвикува Сончевите зраци да паѓаат под изразено кос агол, што резултира со помалку енергија која стигнува до површината и со тоа се јавуваат студени зимски услови. Во спротивно, на јужната хемисфера настапува летен состициум. Летниот солстициум, пак, се случува околу 21 јуни и го означува најдолгиот ден и најкратката ноќ во годината за северната хемисфера. Тогаш Земјината оска е најмногу наклонета кон Сонцето, а неговите зраци паѓаат под директен агол. Ова резултира со подолги денови, повеќе Сончево зрачење и повисоки температури, што ги карактеризира летните месеци. Истовремено, јужната хемисфера го доживува зимскиот солстициум.Главен фактор, покрај Земјиното движење околу Сонцето, за појавата на годишните времиња е наклонот на Земјината оска, кој изнесува 23,5 степени во однос на нејзината орбитална рамнина. Овој наклон предизвикува Сонцето да биде над хоризонтот различно долго време во текот на годината, како и неговите зраци да паѓаат под различни агли на површината на Земјата. На пример, во текот на летото во северната хемисфера, Земјината оска е наклонета кон Сонцето, што резултира со подолги денови и посилни, директни Сончеви зраци. Спротивно, за време на зимата на северната хемисфера, Земјината оска е наклонета подалеку од Сонцето. Тоа предизвикува Сончевите зраци да паѓаат под кос агол, распределувајќи ја енергијата на поголема површина и предизвикувајќи пониски температури. Во исто време, јужната хемисфера доживува лето, бидејќи таа е свртена кон Сонцето. Ова значи дека годишните времиња се обратни на двете хемисфери.Поради ова, иако Земјата е најблиску до Сонцето во јануари, зимата на северната хемисфера е студена. Големите копнени маси на северната хемисфера дополнително придонесуваат за постудени зимски месеци, додека на јужната хемисфера, која има повеќе водени површини, зимите се поблаги, а летата поумерени. Овие разлики ја прикажуваат сложеноста на климатските услови и интеракцијата помеѓу орбитата на Земјата и нејзиниот наклон.
Референца: www.farmersalmanac.com/aphelion-and-perihelion
Напишала: м-р Бојана Алексова
Оваа статија е прочитана 48 пати!