Објавен научен труд за проценка на хидролошкото наследство во Македонија во реномираното списание Geoheritage

Изминатите денови, во реномираното меѓународно списание Geoheritage (фактор на влијание 2.9) беше објавен научен труд со наслов: Прелиминарна проценка на хидролошкото наследство во Македонија: Нов придонес кон заштитата на геодиверзитетот (Preliminary Assessment of Hydrological Heritage in Macedonia: A Novel Contribution to Geodiversity Protection). Истражувањето е спроведено од меѓународен тим на експерти (Македонија, Србија и Шведска). Како дел од тимот од Македонија се јавува м-р Бојана Алексова како главен автор на трудот, додека коавтор е д-р Ивица Милевски, професор на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.Во трудот е направена инвентаризација, класификација и евалуација на хидролошкото наследство во Македонија, при што клучните хидролошки објекти се категоризираат во четири главни групи:
1️⃣ Речни сливови, вклучувајќи реки и водопади
2️⃣ Извори, класифицирани како карстни и термални
3️⃣ Природни езера, поделени на тектонски, глацијални, свлечишни, денудациони и карстни
4️⃣ Мочуришта

Овој труд е прва евалуација на значајните хидрографски објекти во Македонија според моделот за проценка на геолокалитети (Geosite Assessment Model – GAM). Студијата е структурирана во два главни сегменти: првиот дел дава преглед на најзначајното хидролошко наследство во земјата, додека во вториот дел, со примена на GAM-методологијата, се анализираат десет глацијални езера, селектирани врз основа на нивната површина и значајност. Овие езера се наоѓаат главно во високопланинските региони на Шар Планина, Кораб, Дешат, Баба, Стогово, Јабланица и Јакупица, подрачја кои претставуваат значајни природни ресурси во земјата.Наодите покажуваат дека глацијалните езера во Македонија се изложени на значајни промени на водостојот, предизвикани од климатските промени. Користејќи квантитативен пристап преку GAM-моделот, истражувањето ги оценува вредностите, како што се научната, едукативната, естетската и туристичката вредност на езерата, како и дополнителните вредности, вклучувајќи пристапност, инфраструктура и едукативни ресурси.Анализата покажа значителни разлики во вредноста на проучените глацијални езера, при што одредени езера демонстрираат поголем научен и туристички потенцијал во однос на другите. Дополнително, резултатите укажуваат на тоа дека постојните мерки за заштита на глацијалните езера во Македонија се недоволни и дека е неопходно воведување на нови за нивно зачувување. Во таа насока, студијата предлага неколку стратегии за одржлив менаџмент на хидролошкото наследство, меѓу кои:

✅ Воведување на специјални заштитни режими за глацијалните езера, особено во контекст на климатските промени, кои веќе имаат негативно влијание врз нив;
✅ Развој на геотуризам во согласност со принципите на одржливо управување, со цел промоција на природните вредности без нарушување на екосистемот;
✅ Подигнување на јавната свест преку едукативни кампањи и научно-популарни содржини, кои ќе овозможат подобро разбирање на значењето на глацијалните езера како составен дел од природното (гео и хидролошко) наследство на Македонија.

Покрај останатото, овој труд претставува чекор кон официјално „признавање“ на хидролошките објекти како дел од националното геонаследство и нивно интегрирање во националните и меѓународните стратегии за заштита. Имајќи ја во предвид нивната зголемена ранливост, нагласена е потребата за заштитни мерки и научно засновани препораки за одржливо управување и зачувување на глацијалните езера во рамките на пошироките напори за заштита на геодиверзитетот (линк до публикацијата).

Благодарност до сите членови на тимот кои дадоа значителен придонес во финализирањето и објавувањето на ова истражување. Посветеноста, експертизата и континуираната поддршка беа клучни за реализација на оваа идеја.

Подготвила: м-р Бојана Алексова

Оваа статија е прочитана 52 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *