Во реномирано меѓународно списание објавен труд за дронско истражување на Куклица

Неодамна, во реномираното меѓународно научно списание Heritage, беше публикуван трудот „Дронски-базирано истражување на земјените пирамиди на геолокалитетот Куклица-Северна Македонија (во оригинал: UAV-Based Survey of the Earth Pyramids at the Kuklica Geosite-North Macedonia), од авторите д-р Ивица Милевски, м-р Бојана Алексова и д-р Славољуб Драгичевиќ. Ова не само што е прв труд за Споменикот на природата Куклица, објавен во престижно меѓународно списание, туку и прв труд кај нас во кој е разработена постапката за полуавтоматско идентификување и издвојување на мали денудациски релјефни форми од дронски снимки и соодветен 3Д модел. Инаку, првото истражување на Куклица и камените кукли, започна уште во далечната 1995 година, од страна на авторот на оваа статија. По неколкугодишна работа, во 2000 година беше објавен трудот Земјани пирамиди во Куклица (Географски разгледи кн. 35).

Со тоа се зголеми и интересот за овој локалитет, така што во 2008 година, истиот беше законски заштитен како Споменик на природата. Паралелно, се зголеми посетата на Куклица, но и ризикот од деградација на подрачјето, особено на формите кои поради еродибилниот состав (главно вулкански туфови) се доста „ранливи“. Во таа смисла, во 2020 година започна истражување за можностите за дронски мониторинг на формите и околниот простор, за што беше изработена и дипломска работа. Веќе во 2022-2023 година, се почна со користење на најмодерните технологии на вештачка интелигенција и машинско учење (machine learning) за детекција на промените забележливи на дронските ортофото снимки и прецизно изготвените 3Д модели. Токму тие пристапи, методи и резултатите од нив, се прикажани во најновиот труд, кој за кратко време предизвика значително внимание кај меѓународната научна јавност. Меѓу позначајните резултати е што се издвоени вкупно 142 форми (земјени пирамиди или кукли) повисоки од 1 метар и со просечна височина од 7,25 м (највисоката форма е со височина од 30 м). Утврдена е ерозивноста на теренот, потенцијалната подложност на порои во двата дола кои минуваат низ локалитетот, а дадени се и првични проценки за загрозеноста на формите од претераната ерозија и поројните поплави.

 

Со споредба на дронските снимки од 2024 година, со 0,5-метарските ортофото снимки од 2009 и 2004 година, утврдено е дека ерозивноста на теренот се намалува, главно како последица на депопулацијата и деаграризацијата на просторот. Доколку нема некои позначителни антропогени нарушувања, овој тренд би требало да продолжи и во иднина. Вакви податоци се очекуваат и за ерозивноста на самите земјени пирамиди, што би било видливо преку податоците од лидар мерењата извршени во месец декември 2024 година од страна на колегите на Белградскиот Универзитет (факултетот за геологија), но и идните дронски мерења и моделирања.

Трудот може да се погледне на следниот линк.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 18 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *