Во Египет пронајдени неколку нови древни пирамиди

22.07.2013

Големи песочни возвишенија во египетската пустина со правилен пирамидест облик воочени со помош на Google Earth, би можеле да кријат одамна изгубени пирамиди, веројатно најголеми на светот. Американскиот археолог Ангела Микол, во басенот на Нил, уште во летото минатата година забележа две локации со необичен облик, меѓусебно оддалечени 140 километри. Откритието на Микол првин наиде на негирање од страна на други археолози, но прелиминарните истражувања со помош на антички карти, укажале дека локациите всушност би можеле да бидат точни. Доколку навистина станува збор за неоткриена пирамида, тоа би можела да биде најголема од сите познати до сега. Микол дошла до откритието комбинирајќи историски сателитски снимки од Google Earth (History). Локацијата се наоѓа на 20 километри западно од градот Абу Сидом (Abu Sidhom; 28°21’30.74″N 30°25’36.80″E), а вклучува 200 метри широко триаголно плато, кое е речиси три пати поголемо од она на Големите пирамиди во Гиза. Овие формации се обележени како пирамиди на повеќе стари египетски мапи. Нејзиното откритие се нашло на удар на критиките на многу археолошки и геолошки авторитетни имиња, кои веруваат дека алатка како Google Earth не може да доведе до вистинско откритие. Необичните купишта песок тие ги опишале како аномалија или формации нанесени од ветерот, вообичаени за во пустина. Сепак, неколку колекционери на карти се обратиле на Микол и навеле дека овие формации се означени како пирамиди на повеќе од нивните антички документи. Археолозите идентификувале и друга група на можни изгубени пирамиди во близина на оазата Фајум, а идентификувани се и карти кои укажуваат на тоа дека четири песочни дини кријат антички богатства. Една од картите ја нацртал инженерот на Наполеон Бонапарта. За да се поткрепи тезата за постоење на пирамиди, пред неколку недели, познатиот египетски археолог Мохамед Солиман изведе експедиција со истражувачка опрема (метал-детектори и скенери) кои покажаа дека под возвишенијата има тунели и метални предмети. Самата положба на возвишенијата, укажува дека најверојатно навистина станува збор за големи пирамиди.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4292 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *