24.10.2013
На 14.10.2013 година, со финалната конференција во Пехчево и потпишување на меморандумот за соработка со општината Симитли од страна на градоначалниците на двете општини, официјално заврши првиот меѓуграничен проект од ваков тип финансиран од ИПА фондовите на ЕУ. Проектот под име „Заеднички истражувања со цел апликативна примена во зачување на природните ресурси и заштита на животната средина во пограничниот регион меѓу општините Пехчево (Република Македонија) и Симитли (Република Бугарија)“ траеше година и половина и според сите оценки е реализиран успешно. Овој проект има за цел да се зајакнат капацитетите на засегнатитие страни за зачувување на природните ресурси и заштита на животната средина во пограничниот регион на општините Пехчево и Симитли, со користење на модерни технологии: ГИС, ГПС и сателитски податоци. Од голема важност за општините е постојана проценка на постоечките природни ризици (поплави, ерозија, свлечишта, одрони, пожари). Во рамките на проектот е инициран ефективен институционален дијалог и воспоставена е меѓусебна соработка и координација во спроведувањето на активностите за унапредување на системот за управување со природните ризици во општините Пехчево и Симитли, како и нивно меѓусебно вмрежување како соседни прекугранични општини.
Инаку, општините Пехчево и Симитли располагаат со вредни природни ресурси како што се резерви на одредени метални и неметални суровини (бакар, јаглен, гранит, песок), релјефни, климатски, водни, шумски и почвени ресурси. Меѓутоа тие се доста ограничени и подложни на деградација од страна на човекот. Нивната деградација е тесно поврзана со природните непогоди кои пак обично се директно или индиректно предизвикани од човекот, освен земјотресите како типичен геохазард. Особено изразени непогоди на подрачјето на двете општини се претераната ерозија на земјиштето, појавата на свлечишта, поплави и пожари. За таа цел во ГИС средина се изработени прецизни модели на потенцијална појави од вакви ризици. Истите покажуваат дека голем дел од површината на општините е под некаков ризик од природни непогоди во следниот повеќегодишен период. Заради тоа, неопходно е да се преземат соодветни превентивни мерки за намалување на ризикот од овие појави или ограничување на нивниот ефект.
Од страна на општината Пехчево, главен консултант беше фирмата БДС Консалтинг од Скопје, кој со својата експертска екипа предводена од д-р Ивица Милевски изготви детален ГИС продукт и студија за природните ресурси и потенцијалните хазарди. Во иднина останува да се изготви целосен катастар на подрачја загрозени со одредени природни непогоди, не само во рамките на пограничниот регион, туку и на национално ниво, што веќе долг период е пракса во земјите на ЕУ.
Подготвил: д-р Ивица Милевски