Оваа недела започнува зимското сметање на времето

23.10.2013

Од недела, 27.10.2013 година, во 3 часот наутро, завршува летното и започнува зимското (вистинско, реално) сметање на времето. Точно во 03 часот, стрелките на часовниците ќе треба да се вратат за еден час наназад, односно да покажуваат 02 часот. Зимското време ќе трае се до 30 март 2014 година, кога повторно ќе се премине на летно сметање на времето. Овие датуми на поместување се „унифицирани“ од 2002 година, кога европските држави се договорија летното време да стартува од последната недела на март, а зимското од последната недела во октомври.
Самиот концепт на летно и зимско време се појавил во почетокот на минатиот век, со цел најрационално користење на дневната светлина. Сепак, прва држава која вовела летно поместување на времето врз концептот на Вајлет била Германија и тоа за време на Првата Светска војна, од 30 април 1916 година. Веднаш по неа, овој концепт го прифатила Британија, следната година Русија, потоа 1918 година САД, а подоцна и други држави. Македонија го воведе летното време многу подоцна (како дел од поранешна Југославија), односно во 1983 година. До сега, значителен број на држави (околу 70) го вовеле летното сметање на времето, некои го укинале, а уште поголем број на држави, особено во Африка и во Азија и воопшто не го користеле. Денес околу 2 милијарди луѓе користат летно време а околу 4 милијарди не го користат. Државите во екваторскиот или тропскиот појас, воопшто немаат ниту потреба од летно време, бидејќи таму траењето на денот и ноќта е доста воедначено во текот на годината, од по околу 12 часа.

Поради поместувањето на стрелките на часовникот, во неделата ноќта ќе трае 1 час „подолго“, но затоа пак, ќе се стемнува уште околу 17 часот. Затоа, овој 1 час „вишок“ време искористете го најдобро што можете.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5111 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *