Од недела во 3 часот наутро, започнува зимското сметање на времето!

24.10.2015

zimsko-smetanje-na-vremetoВо недела, 25.10.2014 година, во 3 часот наутро, завршува летното и започнува зимското (вистинско, реално) сметање на времето. Точно во 03 часот, стрелките на часовниците ќе треба да се вратат за еден час наназад, односно да покажуваат 02 часот. Зимското време ќе трае се до 28 март 2016 година, кога повторно ќе се премине на летно сметање на времето.
Зимското сметање на времето е поточно, „поприродно“, засновано на реално средно астрономско време во часовните зони. За разлика од него, летното сметање на времето или т.н. „летно време“ претставува административно поместување на службеното време за еден или два часа, заради економска заштеда, политички, безбедносни, спортско-рекреативни, здравствени или други причини. Тоа значи дека летното поместување на времето не е последица на некоја природна појава, туку е административен указ. Самиот концепт на летно и зимско време се појавил во почетокот на минатиот век, со цел најрационално користење на дневната светлина. Сепак, прва држава која вовела летно поместување на времето врз концептот на Вајлет била Германија и тоа за време на Првата Светска војна, од 30 април 1916 година. Веднаш по неа, овој концепт го прифатила Британија, следната година Русија, потоа 1918 година САД, а подоцна и други држави. Македонија го воведе летното време многу подоцна (како дел од поранешна Југославија), односно во 1983 година. До сега, значителен број на држави (околу 70) го вовеле летното сметање на времето, некои го укинале, а уште поголем број на држави, особено во Африка и во Азија и воопшто не го користеле. Денес околу 2 милијарди луѓе користат летно време, а околу 4 милијарди не го користат. Државите во екваторскиот или тропскиот појас, воопшто немаат ниту потреба од летно време, бидејќи таму траењето на денот и ноќта е доста воедначено во текот на годината, од по околу 12 часа. Инаку, во Европа датумите на поместување на времето се „унифицирани“ од 2002 година, кога европските држави се договорија летното време да стартува од последната недела на март, а зимското од последната недела во октомври.

Поради поместувањето на стрелките на часовникот, во сабота кон недела ноќта ќе трае 1 час „подолго“, но затоа пак, ќе се стемнува уште околу 17 часот. Ова „прерано стемнување“ во Македонија, речиси секоја година предизвикува полемики дали нашата држава е во вистинската часовна зона, или пак треба да премине на Источноевропско време (со додавање на 1 час). Во таа смисла, во повеќе наврати сме го изнеле своето стручно мислење дека според географската положба и припадност, Македонија треба да остане во Средноевропската часовна зона (Гриничко време + еден час). Од практичен аспект, веројатно најдобро решение би било летното време да се задржи преку цела година, што е пракса во некои држави помеѓу 2 часовни зони како Аргентина, Чиле, Сингапур, Белорусија, Узбекистан и др.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5582 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *