01.11.2015
Група астрономи на Рурскиот универзитет во градот Бохум, Германија, ја креираа досега најголемата фотографија на нашата галактика, која содржи неверојатни 46 милијарди пиксели (46 гигапиксели или 46 000 мегапиксели). Тоа е како да споите околу 5000 поединечни фотографии од добар дигитален фотоапарат, во една голема панорамска слика.
За составување на оваа мега-астрономска фотографија, на истражувачите од Бохум им биле потребни 5 години детални истражувања на илјадници поединечни фотографии од астрономскиот телескоп во Чиле. Нивната примарна цел била пронаоѓање на ѕвезди со променлива сјајност. За да може воопшто да се разгледа оваа мегафотографија „тешка“ 200 гигабајти, изработен е посебен портал со означени небесни координати и степен на зголемување (зумирање). На фотографијата можат да се забележат неколку десетици милиони ѕвезди (од кои 50 000 со променлива сјајност), маглини, ѕвездени групи, двојни ѕвезди и други објекти. Сепак, дури и тој огромен број ѕвезди што може да се видат на оваа фотографија е само мал дел од преку 200 милијарди ѕвезди во Млечниот Пат. Според најновите астрономски истражувања, секоја 4-та до 5-та ѕвезда има свој планетарен систем, што значи дека само во Млечниот Пат има над 100 милијарди планети. Се смета дека од сите нив, барем на неколку милијарди планети има поволни услови за живот. Песимистичките проценки велат дека би требало на стотина милиони планети веќе да има жив свет, а барем на неколку милиони да постојат дури и интелигентни суштества. Проблем е што сите тие ѕвезди што се гледаат на фотографијата, обично од нас се оддалечени стотици илјади милијарди километри. Така, првите радио сигнали што сме ги упатиле кон Вселената пред половина век, до денес стигнале само до стотина најблиски ѕвезди. Дури и да има некаков „одговор од другата страна“, додека истиот да стигне до Земјата ќе поминат уште 10, 20 или повеќе години. Меѓутоа, како и да е, шансите да примиме некаква порака од друга цивилизација во нашата галактика, како што минува времето стануваат се поголеми. А да не заборавиме дека во вселената има уште стотици милијарди други галактики!
Затоа разгледнете ја подетално фотографијата на долниот линк. Можеби ќе видите некоја интересна ѕвезда (од неколкуте милиони кои се гледаат), на која има живот. На некоја од тие ѕвездени системи можеби ќе живеат нашите пра-пра-правнуци.
ЛИНК: http://astro.vm.rub.de
Извор: www.upi.com/Science_News/2015/10/21
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4282 пати!