28.05.2015
Меѓународен тим под водство на италијанскиот фотограф Фелипо Бленџини во рамките на проектот In2White објавија огромна панорамска фотографија од подрачјето на Мон Блан, највисокиот врв во Европа (4810 м). Фотографијата е со неверојатни 365 гигапиксели, со што е најголема панорама во светот. Добиена е со спојување на 70.000 фотографии, кои Бленџини и неговата екипа ги направиле кон крајот на минатата година на височина од 3.500 метри и температура пониска од -10 степени Целзиусови во период од две седмици. Самото снимање траело 35 часа, така што во конечниот кадар успешно е опфатен целиот пејсаж на Мон Блан. За снимањето на фотографиите се користени Canon EF 400mm f/2.8 II IS, Canon 70D DSLR и Canon Extender 2X III кои биле поставени на специјална роботска подлога и со силни телеобјективи. Како резултат добиле дури 46 терабајти материјал, а обработката и спојувањето на целината траело два месеци. Кога фотографијата би се испечатила (со 300 dpi) би била со големина на две фудбалски игралишта. Инаку, огромната фотографија е поставена на интернет, а со зумирање, на неа може да се воочат извонредни детали: карпи, планинари, засолништа, орли и др.
Целата фотографија можете во детали да ја разгледате ОВДЕ.
Големи панорамски фотографии денес може релативно лесно и сами да направиме. Потребен е дигитален фотоапарат со можност за зумирање, добар сталак и добар софтвер за спојување на одделните фотографии (Microsoft ICE или слични). Така, со спојување од 10 фотографии од по 10 мегапиксели, ќе добиеме една од 100 мегапиксели, а со спојување на 25 фотографии од по 20 мегапиксели, се добива една од половина гигапиксел.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3820 пати!






