До крајот на идната деценија, возовите ќе се движат со просечни 350 км/ч!

28.05.2015

Како што веќе најавија од компанијата „Central Japan Railway Co.“, јапонскиот магнетен левитирачки воз го собори светскиот брзински рекорд со постигнати 603 километри на час, на експериментална пруга недалеку од планината Фуџијама. Во месец април, компанијата објави дека на пробно возење била постигната дотогаш најголемата брзина од 590 километри на час, со што беше соборен рекордот стар 12 години од 581 километар на час. Станува збор за брзина поголема од онаа што ја постигнуваат подобрите спортски авиони. Сепак, поради огромните трошоци, компанијата извести дека овој воз „што лебди“ ќе биде пуштен во редовен сообраќај дури во 2027 година. Меѓутоа и тогаш би требало да се движи со постојана брзина од 505 километри на час, поврзувајќи и градовите Токио и Нагоја. Се надеваат дека патувањето меѓу двата градови во должина од 286 километри ќе успеат да го намалат на само 40 минути, што е за половина покусо од моменталната должина на патувањето. Трошоците за изградба на овој систем се проценуваат на 100 милијарди долари само за делницата до Нагоја. Поголемиот дел од пругата, според очекувањата, ќе поминува низ многу скапи тунели. Јапонската влада се надева дека оваа технологија може да ја продаде во странство, пред се во САД, а се понудиле да покријат дел од трошоците за изградба на новата железничка линија меѓу Њујорк и Вашингтон. Инаку, „Маглев“ (МАГнетна ЛЕВитација) за движење користи систем во кој низ магнети се пушта електрична енергија, и благодарение на тоа возот лебди над шините. Инаку, најбрзиот јапонски воз на денешнината, Шинкансен, се движи со просечна брзина од 260 км/ч, а на некои делници достигнува максимални 340 км/ч. Покрај јапонците, во трка за најбрз воз се и кинезите, кореанците, французите, и германците. Нивните возови постигнуваат брзини од над 300 км/ч. Според стратегиите на овие држави, во средината на идната деценија, возовите треба да сообраќаат со просечна брзина од 300-350 км/ч. За разлика од развиениот свет, останува да се надеваме дека до тој период, во Македонија возовите ќе се движат барем со просечни 80 км/ч.

Извор: http://www.theguardian.com/world/2015/apr/21/japans-maglev-train-notches-up-new-world-speed-record-in-test-run

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *