Огромен тунел помеѓу Русија и САД?

25.12.2011.

Тунел долг 105 километри ќе ги поврзе САД и Русија до 2030 година. Планот за изградба на подводниот тунел во вредност од близу 100 милијарди долари кој ќе поминува под Беринговиот теснец бил поддржан од страна на некои високи функционери на претседателот Дмитриј Медведев. Тоа би значело дека еден ден ќе бидеме во можност да седнеме во воз во Њујорк и возејќи се низ светот да стигнеме во Лондон, а во исто време да уживаме во убавата глетка на шумите низ Канада, Руската тундра и европските низини. Идејата за изградба на ваков тунел постоела повеќе од еден век. Рускиот цар Николај Втори двапати го одобрувал овој план за сличен тунел, но до негова реализација не дошло поради Првата светска војна и Руската револуција. Поддржувачите на оваа идеја веруваат дека со ваков тунел, превозот ќе биде побрз, поевтин и посигурен низ целиот свет за разлика од товарните бродови. Тунелот би можел да преземе околу три проценти од глобалниот товар и да направи приход од седум милијарди долари годишно. За оваа идеја се размислувало во Москва и во 2007-та година.

Инаку, според плановите, до 2030 година Русија треба да го ископа и постави нејзиниот дел од тунелот, како и железничка пруга во должина од дури 5000 км. Во истиот период САД треба да го изгради својот дел од тунелот, како и да постави железничка пруга во должина од 2000 км. Тоа би бил најголем сообраќаен проект во Светот воопшто, а покрај останатото, целта е и да се забрза развојот на запоставените области во Источен Сибир (Јакутија), коии изобилуваат со огромни резерви на рудни и минерални суровини.

Интересно е што изградбата на тунелот помеѓу Евроазија и Америка, би било прво копнено поврзување на овие два континенти по 21.000 години, односно по последната плеистоцена глацијација (големо заладување). Пред тоа, двата континенти биле поврзани со дебела мразна покривка, која веројатно овозможила преминување на племиња и групи од Источна Азија кон Северна, потоа Централна и Јужна Америка.

Подготвил: Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6203 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *