Секој жител на планетата, во просек е „должен“ 6500 долари!

12.07.2012

Според најновите податоци, запрепастувачки е колку изнесува светскиот јавен долг. Тој расне со огромна брзина од минута во минута и моментално изнесува фантастични 45,8 илјади милијарди долари! Значи секој жител на нашата планета во просек е „должен“ 6550 долари. Инаку, најголемите должници во Светот не се ниту Грција ниту Португалија како што обично се мисли (иако и тие се во многу тешк состојба), туку Соединетите Американски Држави. Тие во моментот должат близу 12 илјади милијарди долари, па според тоа, секој од 370 милиони Американци (од најмладиот до најстариот) е должен по 38 илјади долари! Веднаш по САД е Јапонија, која заедно со САД е одговорна за половина од светскиот долг. Јапонскиот долг изнесува 205% од БДП на оваа држава, а секој Јапонец е должен 88 илјади долари, па треба да работат повеќе од две години само за да го вратат својот долг (без трошоците за живеење). Канада нема така голем долг во апсолутен износ, меѓутоа релативно, секој Канаѓанин во просек е должен по 40.000 долари – долг кој го направила државата главно во последните 10 години. Азискиот џин Сингапур е уште во поголем проблем. Иако апсолутно неговиот долг изнесува „само“ 230 милијарди долари, поделено со бројот на жителите, тоа е по околу 43 илјади долари по жител. За проблемите на Исланд со долговите, кој е меѓу светските рекордери, одамна се знае, меѓутоа интересно е што и Грците и Норвежаните имаат ист долг по човек – по 38 илјади долари.
За разлика од САД, Кина има многу помал долг кој изнесува 1200 милијарди долари, или близу 1000 долари по жител. Таквиот долг, населението на оваа држава може да го врати за месец-два работа. Русија исто така е меѓу државите со мал долг кој изнесува 177 милијарди долари (близу 10% од БДП на Русија) или 1250 долари по човек. Либија пак има јавен долг од само 3,2% од БДП-то и сега долгува само 2,7 милијарди долари. Помал долг од Либија има само Азербејџан, кој бележи неверојатна стапка на економски раст во последните години. Затоа долгот на оваа држава е околу 3% од БДП, ондносно секој жител долгува по околу 300 долари.

Во однос на јавниот долг, државите на Балканскиот Полуостров, со исклучок на Грција се во групата средно задолжени земји. Така, Словенија има долг по жител од близу 10 илјади долари (45% од БДП), Хрватска околу 7 илјади долари (55% од БДП), Србија 2500 долари или 44% од БДП-то, а Албанија нешто над 2000 долари по жител, но тоа е дури 56% од нејзиното БДП. Помалку задолжени се Бугарија со само 1400 долари по жител или 22% и Македонија со 1000 долари по жител или 25% од БДП и Бодсна и Херцеговина. Меѓутоа, иако изгледаат мали, долговите на овие држави стануваат сериозно оптеретување имајќи ги во предвид слабите стопански перформанси на најголем дел од нив.

Овде можете да ја погледнете моменталната состојба со светскиот долг и на секоја држава одделно.

Извори: http://www.economist.com/content/global_debt_clock

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4925 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *