Наса за прв пат откри нова сина планета

12.07.2013

Меѓународен тим на астрономи објавија дека откриле планета со азурно сина боја, која кружи околу ѕвезда од нас оддалечена 63 светлосни години. Тоа е прв пат научници да можат да констатираат вистинска боја на планета надвор од нашиот Сончев систем. Станува збор за планета наречена HD 189733b, џиновска гасовита планета слична на Јупитер, на која дуваат ветрови со брзина од 7.200 километри на час и владее дневна температура од 1.000 Целзиусови степени. Поради таквите услови, можно е на површината од планетата да паѓа „стаклен дожд“ и тоа странично. Секако, заради извонредно високата површинска температура, сината боја не потекнува од океан, како што е случај на Земјата, туку поради магловитата, полна со ветрови атмосфера, која содржи облаци на големи висини, прошарани со силикатни честички. Силикатот кој се кондензира во топлината, може да формира многу мали капки стакло кое свети со сина светлина, наместо со црвена. НАСА со помош на телескопот Хабл, ја откри оваа планета уште во 2005 година, но дури сега на основа на истражувањето, може да се утврди дека планетата е со темно сина боја. За да ја откријат бојата на планетата, астрономите мереле како светлината се рефлектира од нејзината површина. Го користеле телескопот Хабл за планетата да ја набљудуваат пред, за време и по поминувањето покрај ѕвездата околу која кружи. Инаку, планетата е оддалечена само 4,6 милиони километри од својата ѕвезда и затоа има висока температура и синхрона ротација, што значи дека кон матичната ѕвезда е завртена секогаш само една страна од планетата, додека другата секогаш е во темница.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *