14.05.2012
До пред неколку години бевме убедени дека нашиот Сончев систем има 9 планети и тоа: Меркур, Венера, Земја, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон. При тоа, Меркур е најблиската планета до Сонцето (оддалечена околу 60 милиони км), а Плутон се сметаше за најдалечна планета (оддалечена од 5-6 милијарди км). Меѓутоа, во 2005 година астрономите открија нова „10-та“ планета слична, дури и поголема од Плутон, нарекувајќи ја Ерис. Само 2 месеци подоцна се откри уште една мала „планета“ која го доби името Макемаке. Овие две „нови планети“ се далеку зад орбитата на Нептун, заради што беа наречени транснептунски објекти. Наеднаш се постави прашањето дали тие навистина треба да припаѓаат во групата планети или не. Затоа на конференцијата на Меѓународната астрономска унија во 2006 година, за прв пат беше поставена дефиниција за тоа што претставува планета. Според оваа дефиниција, ниту новооткриените планетоидни објекти, ниту Плутон не ги исполнуваат критериумите за планети и се ставени во посебна група на џуџести планети или протопланети.
Според тоа, нашиот Сончев систем има 8 планети. Од нив, Меркур, Венера, Земја и Марс се сметаат за внатрешни или таканаречени планети од земјин тип, додека Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун се наречени надворешни планети или планети од јупитеров тип, познати и како џиновски планети. Помеѓу двата типа планети се наоѓа астероидниот појас, со неколку милиони помали и поголеми астероиди.
Во групата пак на џуџести планети или протопланети за сега се 5 објекти:
- Церес, откриен на 1 јануари 1801 (45 години пред Нептун), сметан за планета половина век пред да биде рекласифициран како астероид. Класифициран за џуџеста планета на 13 септември 2006.
- Плутон, откриен на 18 февруари 1930, класифициран како планета 76 години. Рекласифициран како џуџеста планета на 24 август 2006. Има пречник од само 2300 км, многу ниска површинска температура и голема месечина наречена Харон.
- Макемаке, откриен на 31 март 2005 година, со пречник од околу 1800 км, површинска температура од само 30 келвини или -240 степени целзиусови и без сопствен сателит. Класифициран како џуџеста планета во 2008 година.
- Хаумеа, откриена на 28 декември 2004, со пречник околу 1900 км, површинска температура од само 30-40 келвини или -240 степени. Има многу издолжена (елиптична) орбита и две мали месечини. Прифатена за џуџеста планета на 17 септември 2008 година.
- Ерис, откриен на 5 јануари 2005 година. Претставува најголема џуџеста планета со пречник од околу 3000 км и огромна оддалеченост од околу 12 милијарди км од Сонцето, а има и мала месечина наречена Дисномиа. Прифатен за џуџеста планета на 13 септемвти 2006 година.
Покрај наведените џуџести планети, уште два кандидати го „чекаат“ тој статус: Седна и Кваоар.
Седна е откриена во 2003 година и сеуште малку се знае за неа. Има пречник од околу 1000 км и е на огромно растојание од Сонцето, односно на просечни 100 милијарди км (од 15 до 145 милијарди км). Затоа, една нејзина револуција трае цели 12000 години! Веројатно има сличен состав како и другите транснептунски објекти. Се смета за најдалечен, а можеби и најстуден планетоиден објект во нашиот Сончев систем, воопшто до сега виден со телескоп.
Кваоар е откриен на 4 јуни 2002 година и претставува претежно карпест објект со голема густина (околу 4,5 грами/см куб.) и многу ниска температура (сличен на сателитите на Нептун). Од Сонцето е оддалечен просечно околу 6,5 милијарди км при што за разлика од другите транснептунски објекти има доста правилна, кружна орбита. Пречникот му се проценува на околу 900 км, а се знае и дека има мал природен сателит со дијаметар од околу 75 км.
Можеби потенцијални кандидати за џуџести планети се и неодамна откриените Оркус и објектот 2007 OR10. Всушност Оркус е откриен во 2004 година и бидејќи е двоен систем, со голема месечина, се знае дека има пречник од околу 850 км и доста издолжена орбита, со просечно растојание од Сонцето од околу 5,8 милијарди км. Објектот 2007 OR10 е најголемиот досега познат објект (со пречник од околу 800 км) кој сеуште нема име, иако е откриен во 2007 година. Во 2045 година, поради многу издолжената орбита, овој објект ќе биде најдалечен од групата на планетоидни објекти, иако сега е на „само“ 13 милијарди км оддалеченост од Сонцето. На двата наведени објекти има одредени знаци за појава на криовулканизам.
Иако во последно време вниманието е насочено кон планетите во другите ѕвездени системи, астрономите очекуваат и во длабочините на нашиот Сончев систем да откријат објекти кои би имале карактеристики на џуџести планети, па можеби дури и некој изненадувачки интересен објект. Инаку, со денешната вселенска технологија, па и онаа која ќе биде на располагање во блиската иднина, мисија или лет до било која транснептунска планета би траел со десетици години. Тоа и не е толку лошо со оглед што до најблиските планети на соседните ѕвездени системи, би биле потребни стотици илјади години.
Извор: http://en.wikipedia.org/wiki/Solar_System
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 36863 пати!