Кањо Кристалес (Caño Cristales), една од најубавите реки во светот

14.05.2012

Кањо Кристалес (Caño Cristales) е река во Колумбија, во јужниот дел на Сераниа де ла Макарена (Serrania de la Macarena), планински венец лоциран источно од Андите, во провинцијата Мета. Должината на реката изнесува нешто помалку од 100 км, има широчина од 20 метри и е неспоредливо мала во однос на Амазон. Реката претставува комбинација на брзаци, водопади и слапови. Оваа река ја нарекуваат „Река на пет бои“, „Течно виножито“, па дури и „Најубавата река на светот“, а тоа се должи на изобилството од алги кои создаваат бои како црвена, жолта, зелена и сина на дното од реката, што претставува уникатна појава. Во поголемиот дел од годината, Кањо Кристалес не се разликува многу од било која друга река. Речното корито е покриено со зелен мов кој е видлив под ладната, чиста вода. Но краток период секоја година, реката „процветува“ во експлозија од различни бои. Имено во текот на краткиот период меѓу влажните и сувите сезони, кога нивото на водата е нормално, уникатен вид на растение наречено Makarenia Clavigera го покрива дното на реката и го претвора во брилијантно црвена боја. Речното корито е преполно и со многу други разнобојни алги, чии бои се прелеваат од црвена во жолта, сина или зелена. Над оваа разнобојна подлога тече кристално чиста вода. Главна причина за чистотата на речната вода е тоа што Кањо Кристалес е лоциран во еден зафрлен, изолиран простор, кој воопшто не е лесно достапен. Бидејќи оваа појава се случува само во лето, кога високите температури го забрзуваат растот на алгите, Кањо Кристалес може да се посети во периодот од јуни до ноември. Ова место изобилува со богата флора и фауна, која туристите имаат прилика да ја разгледаат и притоа да останат вчудовидени. Во овој Колумбиски национален парк, има неверојатни 420 видови птици, 43 видови влекачи, 10 видови водоземци и 8 видови примати. Инаку, местото беше затворено за туристи неколку години, поради герилските активности кои се случуваа во регионот, како и поради грижите за евентуалните последици од метежот предизвикан од неконтролираната посета на туристите. Националниот парк беше повторно отворен во 2009 година. До реката, многу тешко се стигнува, ниту пак има соодветна патна врска. Авантуристичките туристи можат да стигнат со авион во градот Ла Макарена, кој се наоѓа во близина. Оттаму има краток пат до националниот парк Серанија де ла Макарена, каде што се наоѓа Кристалната река. Голем број колумбиски туристички агенции организираат патување до Ла Макарена, кое вклучува обиколка на туристите околу реката со водич, пеш или јавајки на коњ (или магаре). На посетителите не им е дозволено да преспијат, ниту да готват во овој национален парк. Реката Cano Cristales, за која се вели дека е најубавата на светот е дефинитивно мелем за човечкото око. Доволно е само еднаш да ја посетите за да ви остави силен впечаток кој доживотно ќе го чувствувате во вашата душа. На ова спектакуларно уметничко дело на природата, особен „шмек“ му даваат и карпите по кои се слеваат прекрасните водопади.

Извори: http://en.wikipedia.org/wiki/Ca%C3%B1o_Cristaleshttp://www.kafepauza.mk/zanimlivosti/kristalna-reka-koja-se-preleva-vo-pet-boi/

Оваа статија е прочитана 10974 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *