Беличка река или реката Белешница (позната меѓу локалното население) е една од најголемите полноводни кратко – течни реки во Република Македонија. Оваа река се наоѓа во централните делови на Р. Македонија во областа Порече. Имено изворите на оваа река се наоѓаат во непосредна близина на селото Белица (Порече). Реката има доста разгранен слив, кој лежи на подрачје богато со карбонатни карпи. Па затоа на територијата на овој слив има појава на повеќе пештери и пропасти, за нивниот бројот точно неможе да се каже, бидејќи пределот сеуште не e целосно истражен. Овде има регистрирано присуство на двата генетски типа на пештери: прави пештери и подкапини. Подкапините во голем број се забележуваат во близина на селото Белица т.е. во месната локација викана ,,Пештери“. За разлика од подкапините правите пештери се многу поинтересни, на овие простори досега доста солидно се истражени 4 пештери. Од нив три се наоѓаат во атарот на село Белица, а една е на територијата од атарот на село Црешнево. Пештерите во атарот на село Белица се лоцирани источно од ова село, на падините од пл. Даутица. Тука се наоѓаат пештерите: Голубарница, Лапарница и Момичек. Овие пештерите меѓусебно многу се разликуваат, изразувајќи се со посебни одлики (Момичек – појава на пештерски езерца; Лапарница – голем број на пештерски сали; Голубарница – појава на пештерски бисери и сл.). Пештерите се добро познати меѓу спелеолозите, кои често го посетуваат овој крај. Јужниот дел од сливот на Беличката река, кој е во непосредна близина на селото Црешнево е посиромашен со пештери, овде се наоѓа пештерата Студен Кладенец.
Голубарник (Голубарница)
Пештерата Голубарница или Голубарник се наоѓа во атарот на село Белица. Името на оваа пештера е добиено од локалитетот (пукнатина во земјата) на кој во минатото се среќавало голема колонија на гулаби, па од таму доаѓаат имањата Голубарник и Голубарница, со кои денес се именуваат овој локалитет и оваа пештера. Пештерата се наоѓа на ридот ,,Дафпат“, а од селото Белица е одалечена околу 1 километар кон исток. До Голубарник може да се дојде движејќи се по маркирана патека, притоа одејќи во просек еден час. Отворот на пештерата има јужна експозиција се наоѓа на надморска височина од 859 метри, височина која е за околу 300 метри повисока од селотото Белица. Имено отворот на оваа пештера има димензии од широчина од 3,5 метри, а височина од 1,5 метри. Голубарник, како и другите две Белички пештери е дел од програмата на заштита на пештерите од ,,диви копачи“, па затоа отворот на оваа пештера е затворен со метална врата (решетки), притоа внимавајќи да не му се наштети на животинскиот свет во пештерата. Влезот во пештерата Голубарница води преку една вертикална пукнатина чија височина изнесува четири метри. Вкупната должина на оваа мала пештера изнесува 60 метри,а истата е составена од два пештерски канали и две големи пештерски сали. Внатрешноста на пештерата е претставена со сталактити, сталагмити, корали и сл. Кај пештерските ѕидови најмногу доминира белата боја, но се среќаваат и делови со жолта и црна боја. Температурата на Голубарник просечно годишно се движи околу 12 C°. Значајна карактеристика за оваа пештера, што ја прави многу поразлична од другите пештери во околината е откривањата на пештерски бисери. При едно истражување од страна на спелеолошното друштво ,,Пеони“ откриен е пештерски бисер стар илјадници години, чија големина е колку едно јајце. Истиот бисер бил предаден на Природно – научниот музеј. Голубарница, исто како пештерата Лапарница претставува дом не неколку животински видови. Во пештерата може да се сретнат неколку видови на потковичар, застапен со видовите: Мал потковичар (Rhinolophus hipposideros), Јужен потковичар (Rhinolophus euriale) и Михелиев потковичар (Miniopterus schreibersii). Од лилјацице се среќава Долгокрилестиот лилјак (Miniopterus schreibersii). Лилјаците пештерата ја користат како место за презимување (хибернација), одгледување на младите и засолниште во топлиот период.
Лапарница
Пешерата Лапарница (Лапарник) или како што беше подолго време погрешно викана ,,Орле“ се наоѓа во месната локација позната како ,,Лапарница“, од која потекнува името на оваа пештера. Името ,,Орле“ беше погрешно наметнато во литература, а истото се однесува на друга локација, но со реакции од месното население грешката е исправена. Пештерата Лапарница се наоѓа во атарот на село Белица поточно на ридот наречен ,,Дафпат“. Лапарница од Белица воздушно е одалечена околу 1,6 километри во правец југоисток. До неа може да се стигне пешачејќи по маркирана патека (2,6 км). Отворот на оваа пештера се наоѓа на надморска височина од 946 метри, што е за околу 380 метри повисока локација од селото Белица. Имено отворот се наоѓа на десната страна од ,,Крив Дол“, орентиран во правец југ, истиот има вертикален влез со димензии, широчина од 2,5 метри и височина од 1,3 метри. Во текот на 2010 година, како дел од програмата за заштита на пештерите во Белица од ,,диви копачи“, од страна на група спелеолози врз отворот е извршена монтажа на метална врата составена од повеќе решетки, притоа внимавајќи да не се наштети на животинскииот свет во пештерата, овозможувајќи му слободно да циркулира. Пештерските канали кај пештерата Лапарница се инверзни т.е. наведнати кон пештарската внатрешност. Пештерата има должина од 88 метри, додека целиот пештерски комплекс има должина од околу 200 метри. Пештерата е изградена од седум пештерски сали, кои изобилуваат со значително присуство на пештерски украси сталактити, сталагмити и травентински базенчиња. Температурата во оваа пештера се движи од 12 до 14 C° во текот на година. Покрај тоа што има добро развиени пештерски украси, Лапарница претставува дом на неколку видови на потковичар и лилјаци. Пештерата е особено важна поради присуството на големи колонии на Јужен потковичар (Rhinolophus euriale), покрај овој вид се среќава и Мал потковичар (Rhinolophus hipposideros). Од лилјаците во оваа пештера застапен е Долгокрилестиот лилјак (Miniopterus schreibersii).
Момичек
Пештерата Момичек е една од трите позначајни пештери во атарот на село Белица. Се наоѓа на ридот ,,Момичек“, на левата страна од ,,Крив Дол“. На исток од пештерата Момичек се наоѓа врвот ,,Момина Чука“ (1.569 m), на запад се наоѓа долината на суводолицата ,,Шејтанка“, додека на север од спротива се наоаѓа ридот ,,Дафпат“, на кој се останатите Белички пештери. Од селото Белица е одалечена 1,5 км во правец југоисток. До неа може да се стигне одејќи по маркирана патека, движејќи се просечно околу еден час. Отворот на пештерата се наоѓа на надморска височина од 845 метри, и е за околу 300 метри на повисока локација од селото Белица. Инаку отворот на оваа пештера е претставен со вертикална пукнатина (длабока 6 метри) која кон површината се дели на два дела. Но само едниот дел се користи за влегување во пештерата, истиот има демензии од должина 3 метри и ширина од 1,5 метри. Слично како пештерите Лапарница и Голубарница, во 2010 година и на овој отвор е поставена метална врата (решетки). Момичек е сложена пештера, составена од повеќе пештерски канали, чија вкупна должина изнесува околу 100 метри. Пештерата е составена и од четири пештерски сали. Првата пештерска сала е ескпонирана кон југ и има димензии од: должина 25 метри, широчина 6 – 13 метри и висина 4 – 10 метри. Подот на оваа сала е инверзен има вредност од 10 – 20°. Во истиот правец продолжува друга помала сала, чии вредности изнесуваат: должина 12 метри, ширина од 10 метри и височина од 4 метри. За разлика од овие сали другите две пештерски сали се одликуваат со помали димензии. Во пештерските сали, како и во пештерсклите канали во оваа пештера застапени се следниве пештерски украси: сталактитите, сталагмитите, коралите, а се забележува присуство и на сталаѓњати. Сите овие пештерски украси се обоени во неколку бои: црна, бела и жолта. Од хидролошките објекти во пештерата се среќаваат 3 езера. Најголемото езеро има димензии, должина од 3 метри и ширина од 2 метри, додека второто по големина има димензии од должина 2 метри и ширина од 1,5 метри. Температурата на оваа пештера изнесува 9 ° C. За разлика од пештерите Лапарница и Голубарница, Момичек нема постојани колонии на лилјаците. Тие пештерата ја посетуваат инцидентно, а во тој случај ја користат како привремено засолниште. Пештерата е многу поладна од претходно спомнатите пештери и затоа преставува непогодна за постојани колонии на лилјаци.
Студен Кладенец
Пештерата Студен Кладенец се наоѓа на јужниот дел од сливот на Беличка река, кој припаѓа на селото Црешнево. Таа е лоцирана на западните падини од планината Даутица, поточно во изворишните делови на реката Шејтанка (пределот ,,Мочур“). На север од неа е врвот Чардак (1.652 м), врвот Старец (1.841 м) е на југоисток, а врвовите Бел Камен (2.074 м) и Гавран (1.563 м) на југ (Петреска 2005). До отворот на пештерата се стигнува по шумски пат, на релација село Црешнево – Ибериска ливада, истиот пат е долг околу 7 км. Отворот е лоциран на десната долинска страна од реката Шејтанка, а се наоѓа на надморска височина од 1.060 метри. Влезот на пештерата Студен Кладенец се наоѓа од десната страна на реката Шејтанка, веднаш над речното корито (Петреска 2005). Отворот е експониран кон југ и има издолжена неправилна форма, чии димензии се 1.5 x 0.5 м. Пештерата Студен Кладенец е изградена од еден пештерски канал низ кој тече подземен водотек. Во почетниот дел од каналот на подот се забележува поситен песок, кој е наталожен од подземниот водотек. Токму на овој дел од пештера се забележува прво пештерско проширување. Во овој дел таваницата е испресечена со поголем број на пукнатини, а на нив се израдени пештерски украси претставени со сталактити. Во продолжение од пештерата се јавуваат повеќе сурнати блокови во вид на плочи. Во овој дел подземниот водотек се движи под сурнатите блокови. Во наредниот дел од каналот, движењето кон внатрешноста на пештерата продолжува по подземнииот водотек, чија температура изнесува 9 C°. Во продолжение се среќава пештерска сала со димензии од ширина 5 метри и височина од 4 метри. Во истражувачката акција спроведена од Петреска Б. и останати спелеолози, било влезено во пештерата во должина од 101 метар, бидејќи понатаму наишле на тешкотии во натамошното пробивање, бил сурнат дел таваница, па затоа истражувањето било прекинато. Се очекува во наредните истражувања да се навлезе многу подолго во пештерата.
Извори:
1) Колчаковски Д. (2006) Геоморфологија, високо школски учебник, Скопје
2) Петреска Б. (2005) Пештера Студен Кладенец, Годишен Зборник, Скопје
3)Туристичка табла за пештерите во село Белица
4) Топографска карта Скопје, лист 731
5) www.kralemarko.org.mk
6) www.idsb.org.mk
7) www.ursusspeleos.com.mk/pesteri
8) www..wikipedia.org
Напишал: Дарко Стојчески
Оваа статија е прочитана 11307 пати!