4.04.2018
Познато е дека територијата на Република Македонија, во хидрографски поглед припаѓа на 3 главни (морски) сливни подрачја и тоа: Егејски (86,9%), Јадрански (12,9%) и сосема малку на Црноморскиот слив (0,2%). Во Егејското сливно подрачје припаѓаат сливовот на реката Вардар и неговите притоки (20.535 км²), сливот на реката Струмица (1.535 km²), сливот на реката Лебница (129 km²) која пак е притока на Струма и сливот на Дојранското Езеро (120 km²). Јадранското сливно подрачје е претставено со сливот на Црн Дрим (3.350 km²), заедно со сливот на Охридското и Преспанското Езеро.
Во географската литература, најчесто се наведува дека делот кој припаѓа на Црноморското сливно подрачје зафаќа површина од само 44 km². За да го провериме овој податок, за време на нашето неодамнешно истражување на Скопска Црна Гора, изведовме детални пресметки според јасно утврдените вододелници и поставеноста на граничната линија. Новите податоци покажаа дека површината на Црноморскиот слив е нешто поголема од порано дадената, односно точно 54 km². Наведената површина припаѓа на изворишните сливни делови на 5 рекички кои се вливаат во Биначка Морава на Косово, која пак е притока на Јужна Морава. Сите овие 5 рекички, односно нивните сливни подрачја се протегаат во крајниот северен дел на Скопска Црна Гора. Од нив, најголема површина зафаќа делот од сливот на Летничка Река со 22,2 km², потоа Кључка Река со 18,8 km², Танушевска Река со 10,5 km², Злокуќанска Река со 1,4 km² и најмала е Порои и Дебелде со 1,1 km².
Токму заради оваа мала површина, која припаѓа на сливот на Морава, односно во поширок опфат во сливот на Дунав, Република Македонија е членка на повеќе подунавски меѓународни асоцијации, особено во поглед на водите и нивното користење.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 10119 пати!