Гулабарница (Голубарница) – Беличката мистериозна пештера

29.09.2018
Пештерата Гулабарница или Голубарница (Голубарник), се наоѓа во заштитеното подрачје „Споменик на природата – Беличка Река“. Заштитената зона се проститра во сливот на реката Белешница односно Беличка Река, поточно истата се наоѓа на атарот на селото Белица во областа Порече (општина Македонски Брод). Имено, овој споменик на природата е погрешно именуван како „Белешничка Река“, а всушност месното население за реката ги користи народните топоними Белешница или Беличка Река, но во никој случај не се среќава како Белешничка. Самата пештера се наоѓа на борови падини на планинскиот огранок Перчулица (масив Мокра Планина). Според народните преданија името на пештерата е произлезено од  колонија на диви гулаби, која се среќавала и живеела во пештерата, па оттаму доаѓаат имињата Гулабарница односно Голубарница (Голубарник).

Пештерата се наоѓа на ридот ,,Дафпат“, а од селото Белица е одалечена околу 1,6 километар кон исток. До Гулабарница може да се дојде по одлично маркирана патека, притоа одејќи со средно темпо од околу еден час. Отворот на пештерата има јужна експозиција и се наоѓа на надморска височина од 868 метри, височина која е за околу 300 метри повисока од селото Белица.  Пештерата има отвор со димензии: широчина од 3,5 метри и височина од 1,5 метри. Голубарник од 2010 година е дел од програмата за „заштита на лилјаците и пештерите од несовесни посетители“, па затоа отворот на пештерата е затворен и има поставено метална врата. При вградувањето на металната врата е внимавано истата да биде во форма на метална ограда на која и се оставени отвори се со цел да не се наштети, а воедно да не се загрози животинскиот свет кој се живее во пештерата. Влезот во пештерата Голубарница води преку една вертикална пукнатина чија височина изнесува четири метри. Во 2016 година повторно е изработен нов проект за пештерите во Белица, преку овој проект се подобрени условите за посета на пештерата, подобрена е маркацијата на патеката, а воедно се поставени метални скали со кои е надмината висинската пречка и е олеснат влезот во пештерата. Пештерата е формирана во калциски мермери со прослојци од доломит со прекамбриумска старост. Гулабарница преставува права пештера чии канали се распоредени на едно ниво. Влезот во пештерата е инверзен (наведнат од отворот кон внатрешноста) со денивелација од 14 метри. Вкупната должина на оваа мала пештера изнесува 60 метри,  истата е составена од два пештерски канали и две големи пештерски сали. Височината на пештерските сали се движи од 5 до 15 метри. Внатрешноста на пештерата е претставена со голем број на пештерски украси и тоа на: столбови (сталагњати), сталактити, сталагмити, корали, завеси (драпери), а се забележуваат и мали украси во форма „карфиол“, „грашок“ и сл. Еден дел од пештерските украси се оштетени, дел природно со ронење и кршење, но се забележува и сериозно човечко дејство. Од пештерските украси за издвојување се  два пештерски столбови и два сталагмити и повеќе корални украси во првата пештерска сала. Во втората пештерска сала се забележуваат поголем број на сталактити, како и на пештерски „завеси“, воедно во оваа сала има трага од суви (фосилни) травертински басенчиња. За разлика од првиот пештерски канал кој е доста разгранет, вториот пештерски канал е краток и тесен, кај истиот впечатливи се пештерски сливови, како и едно пештерско прозорче. На пештерските ѕидови најмногу доминира белата боја, но се среќаваат и жолтата и црната боја. Температурата во пештерата Гулабарница просечно се движи околу 12 C°. Во текот на истражувачките акции кои ги спровеле спелеолозите од Р. Македонија, особено од оние кои се реализирани од страна на спелеолошното друштво ,,Пеони“ откриен е пештерски бисер стар илјадници години. Бисерот има големнина колку на едно јајце и истиот е предаден на Природно – научниот музеј. Покрај тоа, во една од длабнатините кои се среќаваат во пештерата е откриен и мистериозен човечки череп кој под дејство на активната карстификација и таложење на калциум карбонат постепено започнал да се сраснува во пештерскиот ѕид.

Пештерата Гулабарница претставува дом не неколку животински видови. Во пештерата може да се сретнат неколку видови на потковичар, застапен со видовите: Мал потковичар (Rhinolophus hipposideros), Јужен потковичар (Rhinolophus euriale) и Михелиев потковичар (Miniopterus schreibersii). Од лилјаците се среќава Долгокрилестиот лилјак (Miniopterus schreibersii). Лилјаците пештерата ја користат како место за презимување (хибернација), одгледување на младите и засолниште во топлиот период.

Првата пештерска сала
Пештерски сливови
Украси во форма на корали

Извори:
1)  Колчаковски Д. (2006) Геоморфологија, високо школски учебник, Скопје
2) Стојкоска Е. (2010) Лилјаци, да ги запознаеме и заштитиме, ГЕФ, Скопје
3) Туристички табли за пештерите во село Белица
4) Топографска карта Скопје, лист 731
5) www.kralemarko.org.mk
6) www.idsb.org.mk
7) www.ursusspeleos.com.mk/pesteri
8) www.wikipedia.org
9) Разговор и анкета со месното население
10) Посети на пештерата во текот на 2017 и 2018 година.

Напишал: Дарко Стојчески, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 8107 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *