Убавините на селото Стровија

19.05.2018

Селото Стровија се наоѓа во крајниот северен дел на Прилепско Поле, на територијата на Општина Долнени, оддалечено 35 км од градот Прилеп. До селото води локален асфалтен пат кој кај с. Ропотово се исклучува од главниот пат (Прилеп-Кичево) и се поминува низ селата Костинци и Црнилиште. Патот иако е солиден, но наместа тесен (3-4 m), па неопходно е внимателно возење. Стровија лежи во најсеверниот дел на Пелагонија, поточно на контактот помеѓу нејзиниот рамничарски дел на југ и планинските падини на Даутица на север. Поголемиот дел од селото има доминантен ридско-планински карактер, со просечна надморска височина од 720 метри.

Всушност, селото речиси од сите страни, освен од јужната е заградено со падините на Даутица. На исток пак започнуваат северните ограноци на планината Бабуна. Двете планини, овој простор го одвојуваат од долината на Бабуна и од Богомилското ерозивно проширување. Даутица е изградена главно од карбонатни карпи и претставува огранок од масивот Мокра со највисокиот врв Солунска Глава (2540 m). Поради доминација на карбонатите (поточно мермери и доломити), во овој дел нема многу извори, а низ самото село поминува Строшка или Стровјанска река со доста променлив протек во текот на годината. Без оглед на малиот број извори, селото нема проблем со вода за пиење, бидејќи располага со две чешми и десет бунари. Инаку, целата планинска област е под густа шума, но за жал, во 2017-та година овде имаше неколку жестоки пожари кои уништија дел од шумскиот комплекс.

Самото село Стровија е од збиен тип и изобилува со стара архитектура од камен. Има простран атар (26 km кв.) кој е главно под шумско земјиште, помалку под пасишта, а уште помалку под обработливо земјиште. Без оглед на одличната природа, поради релативно изолираната комуникациска положба, денес во селото живеат едвај 20-тина жители. За споредба, во 1961 година во него живееле дури 632 жители, но набрзо тој број драстично опаднал, па во 1994 година имало само 75, а во 2012 година 35 жители. Инаку, соседни села на Стровија кон југ се: Гостиражни, Црнилиште и Долгаец од Пелагониската страна, додека кон север (североисток) се: Богомила, Ореше, Папрадиште и Нежилово. Од Стровија до Богомила, води макадамски пат кој минува преку превојот помеѓу Даутица и Бабуна, но истиот може да го користат главно теренски возила. Кога барем малку би се подобрил овој пат, селото ќе има значително попогодна сообраќајна поврзаност. Од друга страна пак, патот е извонредно интересен, авантуристички и со преубав панорамски видик, особено кон долината на Бабуна. Значајно е да се напомене дека во непосредна близина на селото поминува железничката пруга Скопје – Битола, односно тука е излезот на големиот Богомилски железнички тунел, преку кој Стровија железнички се спојува со Ореше, Богомила, Теово, Согле, Велес и др.

Селото Стровија претставува вистинска рурална атракција за љубителите на планините и на селскиот туризам. Чистата природа, воздухот богат со кислород, свежината на околните планини, жуборливите рекички и потоци се навистина атрактивни. Токму заради тоа, Стровија е почетна станица за многу планинарски тури кои водат кон високопланинските предели на Даутица и Јакупица на север, и кон планината Бабуна на исток. Заради тоа, во центарот на селото од 2010 година има планинарски дом, кој се наоѓа на надморска височина од 730 m. Планинарскиот дом е отворен за сите посетители, планинари, рекреативци и љубители на природата. Има 18 легла и интересен двор со одличен амбиент, а пред влезот има чешма со студена и чиста вода. Неколку стотици метри северно, се наоѓа манастирската црква „Св. Недела“ која се смета дека е изградена на темелите на урната црква која датирала од почетокот на Османлискиот период. Најатрактивните патеки кои тргнуваат од домот водат до с. Папрадиште, врвот Бел Камен (2074 m), врвот Клепало (1624 m), па се до селото Нежилово и планинарскиот дом Чеплес. Другите патеки водат до планинарскиот дом Белица, потоа до манастирот Зрзе, до археолошките наоѓалишта во околината на село и др. Во околината на селото се наоѓа и прекрасниот манастир „Св.Илија“, каде што секоја година на 2 август, се слави селската слава „Илинден“ и доаѓа многу народ од цела Македонија.

Затоа, ако сакате една поинаква и уникатна авантура, повелете во Стровија – овде секогаш ќе бидете топло пречекани и добро прошетани. Доколку сте отидени со намера да планинарите, тогаш Клепало, Тињи и Бобеш може да бидат првите цели, а доколку сакате да почуствувате архаична селска атмосфера и селски обележја, тогаш манастирот Св. Илија, Белата Црква, Јанин Гроб, каменот Пупуле, чешмата Петочница и ред други интересни знаменитости ќе ви претставуваат извонредно задоволство. Попатно, може да го посетите и неверојатниот манастирски комплекс во с.Зрзе, а нешто повеќе за него може да прочитате во оваа статија.

Извори: mk.wikipedia.org и сопствени теренски истражувања.

Подготвиле: д-р Ивица Милевски и Христијан Граороски, студент на географија – ГИС
Фотографии: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 14685 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *